1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускоска: Не верувам дека имало ГПС во торбата со пари

11 декември 2019

Рускоска е убедена дека снимките во „Ла верита“ не протекле од Обвинителството, и не верува дека имало ГПС во торбата со пари, бидејќи Камчев ниту еднаш досега не спомнал такво нешто.

https://p.dw.com/p/3UeoH
Nord-Mazedonien | Vilma Ruskoska, mazedonische Staatsanwältin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нови прашања отворија деветте нови аудио снимки со разговори поврзани со случајот „Рекет“. Објавени се на Јутјуб, на каналот со име „U6e Big“, на кој пред четири дена беа објавени седум снимки. И на новите снимки се слуша гласот на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен од СЈО во случајот „Империја“, кој во Обвинителството го пријави случајот „Рекет“ и стана сведок во судскиот процес. Засега е непознато кој е соговорник на Камчев, но јасно е дека разговорите се водени откако Камчев ја предал торбата „Луј Витон“ со еден милион евра на Бојан Јовановски (Боки 13) и на Зоран Милески (Кичеец). 
Особено внимение предизвика неговото тврдење дека во торбата има ГПС („во рачката, во металното“), а врз основа на сознанијата од тој систем, Камчев потврдува дека „куферот не е кај Заев". 
Обвинителката Вилма Рускоска вели дека Камчев досега ниту еднаш не споменал таков податок. 
„Не верувам дека имало ГПС. Сведокот досега не споменал такво нешто, ниту во записникот за примање на кривичната пријава, ниту во исказот даден во текот на истражната постапка, ниту пак во сведочењето на главната расправа“, вели Рускоска. Во една од аудио снимките, се претпоставува дека Камчев зборува и за начинот на кој снимките за „Рекет“ завршиле во онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“.
„Дали од кај Вилма се...Таму, којзнае кој работи за ВМРО. Утре новата Вилма треба да биде некоја од тие. Може ги лапнала и ги дала на Мицко. И она е обвинителка утре. Сите на одмор се бе, кој сака може да влезе во компјутер“, вели Камчев. 
Рускоска е убедена дека снимките не протекле од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. 
„Не верувам дека некоја обвинителка ги земала снимките и ги дала на Мицкоски. Сигурна сум дека не излегле од кај нас, пред се, поради внатрешните процедури и начинот на кој беа чувани. И фактот дека беа во заклучена просторија ја елиминира таквата можност“, вели обвинителката.
Околу аудио - снимката каде се слуша прашањето на Камчев - „Знаеш ли што значи на истражител да му дадеш 100.000 евра да ти даде стикче?“, Рускоска е убедена дека тоа не може да се однесува на нивните истражители. 
„Не може да се однесува за нашите истражители, бидејќи во овој случај Камчев ги даваше материјалите. Нема логика да ги бара и да плаќа за нив. Тој е сведок. Друго е да се води постапка против него, па да сака да знае кои сведоци се сослушани и што кажале тие. Но во овој случај тој ги даде материјалите, тој знае што има во нив“, објаснува обвинителката.

Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Бизнисменот Јордан Камчев за време на сведочењето во судотФотографија: DW/P. Stojanovski