1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

На Путин не му останаа многу опции за Украина

Константин Егерт
31 јануари 2022

Се чини Кремљ се труди „да купи време“ до конечната одлука дали да влезе во Украина или да се повлече и повторно да се „поврзе“ со САД, коментира Константин Егерт.

https://p.dw.com/p/46JVa
Russland Moskua | Videokonferenz mit Wladimir Putin
Фотографија: Alexey Nikolsky/Sputnik/AFP/Getty Images

Владимир Путин сигурно знаеше каков ќе биде одговорот од САД и НАТО на неговиот ултиматум од декември тие да престанат со своите воени активности во источна Европа и централна Азија, уште пред да му биде испорачан во писмена форма до руското Министерство за надворешни работи преку американскиот амбасадор Џон Саливан. И секако дека пишуваше „не“ за руското вето за проширување на НАТО, и „не“ за повлекување на сојузничките сили од централно европските и балтичките земји членки, но „да“ за преговори околу контролата на оружје и мерките за градење доверба. Ова истото Американците постојано му го повторуваа и нему и на неговиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, во неделите пред Путин да побара писмени „безбедносни гаранции“ од Алијансата.

Специфичното барање на Кремљ за писмен одговор на ултиматумот од САД и НАТО беше обид да си купи време и тоа да се искористи за да се продлабочи јазот помеѓу Вашингтон и европските сојузници, да се стационираат уште повеќе трупи на границата со Украина и да се задржи светското внимание кон Москва како незаменлив играч на меѓународната сцена. Но, Путин се соочува со сѐ повоинствената американска администрација, која се чини има сè поголемо влијание врз европските сојузници. Како неочекуван акт на дипломатска ескалација, Вашингтон во средата протера над дваесетина руски дипломати.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Како ќе им одговори Кремљ на САД и Русија? Првичен показател би можело да биде судбината на текстот на американскиот одговор. Министерот за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека нема да го објават за да ѝ се остави простор на дипломатијата. Но нема да нѐ зачуди ако наскоро ги видиме пораките од САД и НАТО, целосно или делови од писмото, „протечени“ во руските државни медиуми или во приватните медиуми кои се сепак гласноговорници на власта, како весниците „Комерсант“ и „Известија“. Лавров веќе најави таква можност. Ова би било намерна шлаканица за Американците и рано предупредување дека Путин е повеќе подготвен да дејствува отколку да зборува.

„Спасете ги Русите“

Кремљ нема многу опции на располагање. Принципиелно е можна инвазија, но тоа би ја чинело Москва многу повеќе од првите две фази во војната 2014-2015. Отпорот на Украина би бил многу посилен и попрофесионален отколку пред 8 години и меѓународните санкции би биле многу поболни. Тоа би било и крај на гасоводот Северен тек 2. Целосна инвазија би ги замолчела дури и оние најактивните, особено во ЕУ, кои сакаат да покажат „разбирање за Русија”. На меѓународно ниво режимот на Путин и тој лично ќе бидат уште поизолирани од претходно. Нема да има покани за самити во догледно време.

Но, првиот човек на Русија не може да каже „Простете, згрешив!” и да ги повлече силите од Украина и да се ангажира со САД во традиционалната агенда за разоружување, климатски промени и иранската нуклеарна програма. Тоа би оставило впечаток дека Путин е дезориентиран, нешто што го мрази повеќе од што било друго. Како врховен командант не може да шета илјадници војници наваму-натаму двапати годишно само за неколку телефонски разговори со Вашингтон.

Изгледа дека Кремљ разгледува провизорно сценарио, во кое ќе искористи фабрикуван повод „да ги земе под руска заштита” таканречените народни републики Доњецк и Луганск (ДНР и ЛНР) без формално да ги признае. Тие ентитети беа креирани на истокот на Украина во 2014 од страна на Москва со помош на руската војска и користени се за да се врши притисок врз Киев. Тоа би било де факто легализација на присуството на руска војска во регионот, но строго погледнато не е нова инвазија. Кремљ потоа може да се надева на разбивање на обединетиот став на Западот и на тоа дека Париз и Берлин ќе понудат посредување.Тоа пак би отворило можност за пресија врз владата на Украина за повеќе отстапки и да се преработи договорот од Минск во корист на Москва.

Режимот на Путин веќе започна ПР-кампања за да ја подготви руската и меѓународната јавност за таков развој на настаните. Думата веќе бара испорака на оружје за Доњецк и Луганск. Пратениците велат дека веќе започнале со работа на предлог верзија за признавање на ЛНР и ДНР.

„Спасете ги Русите од Донбас!”, бараат панелисти во телевизиски дебати. Но, можеби моментот за таков потфат е промашен. Тешко дека дури и во Париз и Берлин тоа би било протолкувано поинаку од ескалација. Украина веројатно ќе одбие да преговара со Русија, дури и некои Европејци да ја притискаат во тој правец. Самото тоа би ја ставило Москва во незавидна позиција да биде оцрнета и санкционирана за никаква конкретна придобивка. Па така, сите повици за „спасување на Донбас” можеби се сценарио кое треба да покаже дека Путин „е отпорен на усвитените глави” во Москва и дека всушност е „човек за мир”.

Тешко дека Путин би презел какви било чекори пред свеченото отворање на Олимписките игри во Пекинг на 4 февруари. А, ако има и средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, тоа ќе му купи уште повеќе време на Кремљ. Администрацијата на Бајден, пак, е јасна во намерите да не попушта со притисокот врз Русија. Путин слободно може да распредели дополнителни ракети во регионот на Калининград на Балтичко Море, унилатерално да го „суспендира” договорот НАТО-Русија од 1997-та и да се врати на разговорите околу договорот СТАРТ, за што САД беа подготвени уште од првиот ден од стапувањето на Бајден на функцијата.