1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот и Републиката во пламен

13 август 2021

Како и за пожарите, така и за климатските промени, Македонија уште долго време ќе биде зависна од светот. Последиците пак веќе ги плаќаме како граѓани, но тоа не е ни споредливо со она што ги очекува нашите деца и внуци.

https://p.dw.com/p/3yvyx
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Од Македонија и Грција, низ Италија, Турција и Украина, преку Калифорнија, Австралија и Сибир, до Кина, Амазонија и половина Африка, светот е во пламен. Отворете ја и погледенете ја сликата на Fire Information for Resource Management на НАСА, за да ја видите пропорцијата на актуелната катастрофа.

Со порастот на температурите на глобално ниво, растат и пожарите. На Балканот огнената стихија беснее со недели. Само во изминатиов месец според проценките на НАСА во Македонија изгореа околу 10 000 хектари шума, шумско земјиште, земјоделски површини и пасишта.  За да се обноват опожарените шуми експертите велат дека ќе треба да поминат околу 30 до 50 години.

Гори целата дрвена рамка на Средоземјето или ако сакате, горат белите дробови на Европа. И додека катастрофата се одвива пред нашите очи Меѓувладина работна група за климатски промени (ИПЦЦ) објави значаен извештај одобрен од делегати од 195 земји, кој се базира на итна анализа поради пожарите низ целиот свет и се базира на 14 000 рецензирани студии за климатските промени, пренесе Дојче веле.

Она што го заклучија не е изненадување – човекот ја уништи Планетата и сега изгледа непрепознатливо во споредба со пред 500 години. Со согорување на фосилни горива и ослободување на гасови кои ја загреваат Земјата како стаклена градина, луѓето ја загреале планетата за околу 1,1 степени Целзиусови. Во наредните 20 години би може да се допре критичната граница од 1,5 степени загревање од која најверојатно и нема да има враќање назад.

Обрнете особено внимание на причинителот: Луѓето! Во долгиот и трагичен каталог на катастрофи единствената причина или единствениот причинител е констатиран во човекото влијание и дејствување. Ова е прв пат во историјата еден извештај, на кој работеле 234 научници, недвосмилено, без тронка сомнеж, да заклучи дека причината за актуелната реалност и идните апокалиптични сценарија е токму човекот.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Македонија гори поради своите Болсонаровци!

-Живееме во време на климатска криза

-Зошто е важно да се вакцинираме?

Нема добри вести за човештвото во овој извештај освен парадоксално дека причинителите сме токму ние. Кога овие промени би зависеле од геолошките циклуси или пак од вариации во сончевата активност или од која било замислена причина на која негационистите се повикуваат со децении, тогаш работите би биле далеку полоши и пострашни. Фактот дека актуелната катастрофа е причинета од луѓето значи дека не е се изгубено и дека човештвото се уште има време да ги исправи грешките. Доколку се дејствува одлучно во наредните 10 години, човештвото би можело да ја забави и промени актуелната катастрофална тенденција.

Извештајот е долг, комплексен како и самата тематика и тангира важни политички и економски процеси кои и понатаму го негираат или избегнуваат неминовното. Извештајот сам по себе не нуди решенија, ја констатира сегашната и идната состојба при актуелното согорување на фосилни горива, но не објаснува како и на кој начин светот би се еманципирал од нивната употреба. Сепак, тоа повеќе е работа на политиката отколку на науката.

Јас би сакал повеќе да се задржам на аспектите кои се однесуваат на нашиот дел од планетата и што нам ни следува и не очекува во годините што доаѓаат. Не сум експерт на темата ниту пак претендирам така да звучам, но секој човек со тронка здрав разум веќе ги приметува разликите од пред 20-30 години и гледа што се случува пред неговите очи. Од поодамна се имам сретнато со информацијата дека Македонија веќе речиси и да нема претежно умерено-континентална клима, односно, дека и покрај нашите големи планински појаси, се почесто доминира медитеранската клима. Таа и онака отсекогаш била присутна како изменето-средоземна клима на голем дел од нашата територија, но денес можеме да забележиме слични појави и во региони кои отсекогаш важеле дека се под влијание на континенталната клима. Погледнете ја само мапата на пожари во Македонија, се почесто абнормално високи температури и големи пожари се појавуваат и на северот и истокот од земјата или пак во Малешевијата, каде нормално би требало да дејствува умерено-континенталната клима.

Самите пожари кои се случуваат во исто време со оние во Италија, Грција и Турција говорат дека Македонија влегува во таа дрвена рамка на Средоземјето богата со шуми и која прва е на удар од климатските промени. Впрочем, Македонија уште пред 5 години се најде на осмото место на табелата на најзагрозени земји во светот од климатските промени. Нешто што и не би требало да не чуди кога Егејското море во воздушна линија од Македонија е оддалечено 60 км, а Јадранското 80 км. Земја без море сме, но климата и географијата тоа не ги интересира, нашите климатски промени ќе бидат исти како и оние кај сите останати земји од Средоземјето.

Повеќе на темата:

-Се проценуваат штетите: Ова не се мери со бројки, велат Малешевци

-Екстремно време ширум светот: меѓу пожари и поплави

-Што научи Грција од пожарите? 

Ова го кажувам затоа што во извештајот се обрнува особено внимание токму на овој регион од светот или поточно на југот од Европа. Климатските промени на југот од Европа се движат 20% побрзо од глобалниот просек. Зголемувањето на температурата од 1,2-3 степени споредбено со прединдустрискиот период веќе е надминато. Ќе мораме да се навикнеме на горештини кои ќе траат со месеци, додека бурите ќе стануваат се посилни и се почести. Доколку во наредната деценија не дојде до некакви промени, тогаш мошне веројатно ќе доживееме зголемување на температурата од 1,5 степени, и тогаш топлите бранови би траеле за време на целото календарско лето.

Проблемот со глобалното затоплување не е во самото зголемување на температурите, ние би можеле да живееме и со зголемување од 2-3 степени без никакви проблеми. Проблемот лежи во промената на атмосферските и метеоролошките феномени. Тие стануваат и ќе стануваат се почести и понасилни од порано. Тоа значи дека ќе мора да се соочиме со град со големина колку билијард топка и со пожари кои би ја опфатиле целата земја. Токму затоа што и нашата земја има високи планини и на северот е отворена и за струење на ладни воздушни маси, судирот на топлите и ладни маси ќе придонесе за појава на големи и ненадејни бури. Токму случајот Стајковци беше еден вид на предупредување за тоа што во иднина не очекува. Во исто време ќе се соочиме со екстремно долги периоди на суша, нешто што веќе е се почеста појава кај нас, затоа што поројните дождови ќе бидат силни, ненадејни и непостојани, а токму таквите не ни требаат со цел да акумулираме резерви на вода. Со порастот на температурите ќе имаме се помалку снежни наноси на планините, а и оние кои би ги имале, ќе се топат толку нагло и брзо, што само ќе предизвикуваат поплави. Честичката „ќе“ е изнасилена во случајот на Македонија, ова што го зборувам во идно време, веќе е нормална реалност за нашата земја. И конечно, тука се пожарите.

Пожарите се најевидентната манифестација на климатските промени и Македонија на ова поле се наоѓа во особено трагична состојба. Тоа е така затоа што пожарите кај нас не се само природен феномен и елементарна непогода, него имаат и своја силна политичка димензија, односно можеме да ги третираме и како политичка непогода.

Пожарите не можат да се предвидат и тоа е факт, но може да се заштити територијата која е ризична и да се превенира или пак соодветно да се реагира, еднаш кога ќе се појават. Македонија нема ништо од тоа, ниту заштита, ниту превенција, ниту пак соодветна реакција. Веќе се општопознати фактите каков е соодносот помеѓу бројот на возила за функционерите и колку противпожарни возила имаме или со каква дотраена опрема располагаме. Веќе сите знаеме дека нашите единствени авиони за гаснење пожар, повеќе од 2 години се приземјени, додека нашите политичари наместо нешто да преземат или барем да се засрамат, си заминаа на годишни одмори. Еден Ердоган го промени тонот кога го виде бесот на народот, еден Мицотакис се извини, но не и нашите лидери или нашиот премиер, кој продолжува игнорантски да се однесува.

Замислете, ако ова е случајот само со една од главните манифестации на климатските промени, тогаш каков е нашиот однос кон самите климатски промени. Македонија се однесува како и со сите свои закони - убави се на хартија, ама ништо во реалноста не постои. Немаме спроведување на стратешки планови, акциски планови, немаме базични проценки за промените на нашата територија и залудно е за очекување или надевање дека нешто во иднина ќе се промени. Како и за пожарите, така и за климатските промени, Македонија уште долго време ќе биде зависна од светот или од директната странска помош. Последиците пак веќе ги плаќаме како граѓани, но тоа не е ни споредливо со она што ги очекува нашите деца и внуци.

Со други зборови, планетарната и научната слика е повеќе од јасна. Останува маглата на политиката да се расчисти.