Светот повторно остаре, драг Адсо
19 март 2020„Што би сториле доколку САД бидат нападнати од некоја вонземска сила? Дали би ни помогнале?”
„Да, без никаков сомнеж.”
„И ние би ви помогнале вам”.
Воведната епизода е дел од сведоштвото на Михаил Горбачов од средбата со Роналд Реган на маргините на самитот во Женева во 1985 година, пред крајот на Студената војна. Тоа не било првпат Реган да бкористи референци поврзани со вонземски сили. Две години подоцна тој ќе се осврне на таа тема дури и во обраќањето пред Обединетите Нации, изјавувајќи дека „често си помислувам, колку бргу нашите разлики би исчезнале доколку би биле соочени со опасност која доаѓа надвор од овој свет”.
Вирусот корона секако не е мал зелен пакосник дојден од вселената, но е досега најконкретната закана по човештвото и предизвик за квалитетот на човечката солидарност во соочување со заеднички непријател. Песимистите ќе најдат доволно аргументи да укажат дека односот кон вирусот не дава надеж за заеднички фронт на одбрана од евентуални воинствени Алфовци од Мелмак. Оптимистите на чуден начин во вирусот препознаваат некаков божји прст на казна од која сепак ќе се изроди нов, подобар свет. Реалистите ќе ја консултираат историјата за да извлечат поуки за иднината.
Црната чума и последиците
Првата поука која може да се извлече од историјата е дека масовните болештини и не се толку невообичаени за човештвото. За нив дознаваме од Библијата и Куранот, во староегипетските списи, патешествени анали низ Кина, записите од новооткриените Америки. Во чекор по нив следеле и записи за промените кои уследиле како поука за горките искуства стекнати од масовните болести на човештвото. Секоја од нив предизвикала промени кои со тек на времето ќе го водат човештвото чекор напред кон подобро утре. Всушност, следењето на подемот на епидемиите ширум светот и низ историјата е своевидна временско-географска мапа која води до денешницата на современата медицина и општество.
Мерејќи го влијанието на болестите врз луѓето низ времиња, една епидемија отскокнува и како илустрација за импактот врз текот на историјата и како поука за денешницата. Во мрачните години 1348-1350 Црната Смрт ќе покоси една третина од населението на Европа и Блискиот Исток. Болеста, за која се верува дека е донесена од Централна Азија преку монголските трговци, ќе ја опфати западна Европа, денешна Турција, Палестина, Сирија, Египет, Израел, Саудиска Арабија, Ирак, сѐ до северна Индија и Уганда. Според историчарот Филип Даиледер, црната чума има покосено помеѓу 40 и 45% од севкупната европска популација, со епицентар во Италија, Франција и Шпанија, каде стапката била 75-80% од населението. Финалниот цех, според историчарите, е дека во епидемијата ширум Евроазија починале помеѓу 70 и 200 милиони луѓе.
Други колумни од авторот:
Нова методологија на Стара Европа
Црната чума е симптомот кој постепено ќе доведе до крај на феудалниот систем и слугувањето, предизвикано од новостекната слобода на мануелната работна сила која откажала послушност кон земјосопствениците. И консеквентно предизвикала масовна миграција на населението од селото кон градовите, создавајќи ја основата на раѓањето на новата индустрија и јакнењето на урбаната економија.
Историските читанки пренесуваат многу интересни сведоштва од прва рака за драматичниот тек и не помалку драматичните последици на епидемијата на чумата ширум стариот свет. Сепак, нам најблиската и волуминозно најописната дескрипција на тие мрачни години доаѓа од перото на Умберто Еко, пренесено низ фиктивниот лик на младиот монах Адсо во „Името на розата”. Ламентирајќи ја смртта на неговиот стар учител Вилијам и неговата смрт во прегратките на црната чума, Адсо ќе го пренесе искуството на живеење „во остарениот свет” на стариот континент опфатен од епидемија. Се разбира, фигуративната симболика на Еко не е поврзана со генеолошката слика на заболените, колку што е директна алузија кон неодржливоста на состојбата на општествените современи односи. Во таа симболика, катаклизмичното доживување и преживување на болеста е подеднакво трауматично искуство и просветителски поттик кон промена за спас од состојбите кои довеле до самата епидемија. Ерго, алузијата кон „остарениот свет” е дескриптивна алузија за вкоренетата рутина на состојбите.
Пандемијата ќе доведе до крај на глобализацијата
Седумстотини години подоцна, денешницата повторно се соочува со невидливата, но сурова епидемија. Речиси идентична по генеологијата на избивање и ширење, но со далеку понапредната наука за спречување или лекување и со – се надеваме – далеку, далеку помала пресметка на фатални бројки. Историските горки искуства налагаат во Ковид-19 повторно да препознаеме насилен агент на промената, наложен од единствената супер сила на планетата - природата. Размислите за ефектот на промените се со распон од морбидни дарвинистичко-малтусијански еугенични верзии за епидемијата како „ветер кој го прочистува човештвото од гнилеж”, заговорни теории за короната како двигател на најголемиот социјален инженеринг на совремието, па сѐ до третирање на истата како исчекор кон подобар свет со поголема свест и совест за нееднаквоста, животната средина и мирот. Она во што, чинам, се согласуваат сите спротивставени страни е дека пандемијатаќе доведе до крај на глобализацијата, и онака веќе означена како spiritus movens на нејзиното непречено ширење од Вухан кон секаде.
Пропонентите на тврдењата за крај на глобализацијата се делумно во право, во однос кон последиците на глобализацијта како процес наметнат со некомпатибилен сразмер помеѓу брзината за глобално ширење и бавноста на нејзино прилагодување на микро план, т.е. во националните држави. Глобализацијата денес е можеби репер на доминацијата на социјалната нееднаквост диктирана од моќта на неколкумина врз немоќта на мнозинството и негрижата за животната средина диктирана од гладта на мнозинството експлотирано од профитот на неколкумина моќници. Но скраја несовршеностите на глобализацијата, таа е реалност која мора да се модификува кон потребите на севкупното човештво. Но не може да се избегне како нужност на планетарната реалност во која земја има сѐ помалку, а луѓе сѐ повеќе. Затоа, да, епидемијата може да означи крај на глобализацијата во нејзината сегашна форма, но не и крај на глобализацијата како историски резултат на развојот на човештвото.
Навраќајќи се кон воведната епизода на дијалогот Горбачов-Реган и темата на заемна помош во тешки времиња, денешните непријатни вести за отсуството на солидарност меѓу земјите и блоковите во борбата против Ковид-19 ја ставаат на увид вистинската драматична промена која веќе се одвива пред наши очи. Промена која е длабоко поврзана со самата срж на глобализацијата и политичкиот инженеринг кој доведе до нејзината денешна форма на експлоатација избегана од контрола.
Предизвикот на меѓузависноста
Она што денес се урива пред наши очи не е самата глобализација пер се, туку колапсот на глобалниот инженеринг и стратегија на меѓузависност на државите и народите. Замислен како инструмент на заемна доверба, координација, соработка, економски прогрес и траен мир, концептот на меѓузависноста беше директен производ на политичката потреба родена од хаосот на светските војни и крвавите блоковски пресметки на Студената војна. Меѓузависноста беше обмислена како мапа на развој, патека на движење и прирачник за надминување спорови во свет доминиран од доминантните национални супер сили. Но, не и за светот на мултиполарноста и социјалното мрежно поврзување кое не признава граници, но сѐ повеќе инсистира на суверен интерес.
За да се разбере дилемата пред која денес се наоѓа концептот на меѓузависноста, осврнете се кон говорот на нејзиниот стратешки родител, поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер и неговиот говор „Предизвикот на меѓузависноста” одржан на 15 април 1974. Во него тој ги изнесува „шесте проблеми кои мораат да се решат за да се забрза светската економија и светскиот развој”. Според Кисинџер, шесте проблеми се: 1. експанзија на снабдувањето со енергија; 2. избегнување на дисбалансот во однос кон суровите материјали; 3. криза во производство на храна; 4. народи на маргини на егзистенцијата; 5. научни решенија за светски проблеми; 6. отворена трговија и финансиски систем. Следењето на секоја од наведените точки изнесени во 1974 година е денешен листинг на сите прашања по кои пукаат шавовите на современата глобализација, поточно концептот на меѓузависност.
На крај, и на овие мрачни денови предизвикани од вирусот корона ќе им дојде крајот. Светот ќе се врати во својата нормала – што и да подразбираме под нормалност, зависно од бивањето алка во синџирот на прехрана и постоење. Потпирањето врз судбински елаборации дека и од ова зло ќе се роди нешто добро е секако полезен инструмент за преживување и спас од очај. Во секој случај, средновековната аналогија на Адсо за „остарениот свет” опфатен во комфорот на опасната рутина е повторна актуелна и ќе биде сѐ попорисутна. Порано или подоцна, некој скромен лаборант ќе го најде спасоносниот отров за малото зелено скотче кое нѐ измачува. За вирусот Ковид-19 ќе се најде лек. За вакцината против вирусот на човечкото лудило ќе треба малку повеќе напор и храброст.