1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се ближи крајот на ерата на Берлускони

12 ноември 2011

Италијанските пратеници денеска (12.11) треба да гласаат за реформските мерки што ги бара ЕУ. Сенатот вчера веќе даде согласност. Премиерот Силвио Берлускони изјави дека ќе се повлече кога мерките ќе бидат изгласани.

https://p.dw.com/p/139Wx
Силвио БерлускониФотографија: dapd

Според планот, веднаш по гласањето за реформскиот пакет во италијанскиот парламент, би требало да се одржи седница на владата. Се шпекулира дека премиерот Силвио Берлускони уште вечерва ќе му поднесе оставка на претседателот Џорџо Наполитано. По оставката на Берлускони, кој почна да се искачува во политиката пред 17 години и оттогаш речиси непрекинато доминира, би требало да се состави влада на национално единство. Таа влада би требало да ја извлече земјата од тешката криза. Според медиумите, италијанскиот претседател Џорџо Наполитано посакува голема коалициона влада, во која ќе учествуваат и партиите лево од центарот, како и оние десно од центарот.

Пакетот реформски мерки, меѓу другото предвидува и продажба на државен имот, намалување на бирократијата и намалување на пречките за конкурентност, како и создавање работни места. Мерките би требало да се израз на волјата на земјата за реформи, со што би требало да се врати довербата на светот во владата во Рим. Веќе самата најава за можна влада на национално единство во Италија и Марио Монти како евентуален наследник на Берлускони, придонесе за смирување на финансиските пазари во текот на вчерашниот ден.

Italien Senat billigt Spar- und Reformpaket
Сенатот веќе даде согласност за реформитеФотографија: dapd

Италијанскиот државен долг изнесува 120 проценти од брутодомашниот производ и е втор по големина во еврозоната, по долгот на Грција. Планината долгови на Италија, изразено во пари, изнесува 1,9 илјади милијарди евра, премногу за Европа да може да ја спаси земјата во случај на нужда. Во Европа многумина веруваат дека без Берлускони на Италија ќе и‘ оди повторно подобро. Наспроти тоа, рускиот претседател Владимир Путин смета дека италијанскиот премиер е еден од најголемите политичари во Европа, и покрај „неговиот скандалозен однос кон жените“.

Автор: ЕМФ/дв/дапд

Редактор: Ж. Ацеска