1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се е исто, само Холбрук го нема

28 октомври 2021

Евидентната дистанца на Џо Бајден кон сите балкански лидери е составен дел од најавата за санкции кон непослушните, а досега барем сите лидери во регионот се држат на тенок мраз. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/42Gzv
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Регионот е во исчекување. На божиќните празници, снегот и американското враќање во полна пареа. Божиќ ќе стигне, снег ќе падне ако Господ даде а за Американците допрва ќе треба да видиме. Од она што досега може да се види, враќањето ќе наликува на реприза на „Враќање во иднината”, почнувајќи од Џо Бајден, Медлин Олбрајт па до емисарите Џејмс О'Браен, Метју Палмер, Габриел Ескобар и нам добро познатиот Крифтофер Хил.

Засега барем, единствениот домашен фактор кој бил во контакт (барем јавно) со наведените е Рада Шеќеринска која во септември имаше средба со Олбрајт, некогашната државна секретарка, сега челник на Стоунбриџ групацијата со значајно влијание врз кабинетот на Бајден. Средбата на Радмила е интересна бидејќи се случува непосредно по заминувањето на „нејзиниот Амбасадор во Стејт Департмент” Рикер демисиониран во вршител должност. И воедно е во чекор со одржување на соросовата линија во СДСМ.

Враќањето на Хил како амбасадор на САД во Србија ги возбуди набљудувачите во регионот, кои речиси унисоно ја споделуваат оценката за него како дипломат од врвен квалитет (што е сосема точно), познавач на регионот (што е релативно точно) и човек кој знае како треба да се настапи кон силниците во регионот (што воопшто не е точно). Како што може да се заклучи од една речиси заборавена епизода, педантно елаборирана од неговиот постар колега Виктор Комрас, прв амбасадор на САД во Македонија, кој во едно од неговите сеќавања за Македонија ќе се потсети на настаните во Гостивар од 1997 година и неславната улога на неговиот наследник.

Кристофер Хил, нов амбасадор на САД во Србија
Кристофер Хил, нов амбасадор на САД во СрбијаФотографија: Getty Images/S. Arar

Осврнувајќи се на кравиот пир во Гостивар, Комрас ќе забележи дека „македонската полиција претерано реагира” против „културната манифестација” на која беше „изложено албанското покрај македонското знаме”. Комрас ќе укаже дека „pолицијата уапси извесен број локални албански локални лидери и ги осуди на неколкугодишен затвор”. 

Повеќе од авторот: Октомвриска еволуција

„Бев изненаден што нашиот амбасадор (Хил) не стори премногу за да ја смири состојбата. Всушност, извештајот испратен во Вашингтон се чинеше дека ја префрла вината исклучиво врз албанската страна со цел да се оправа претераната реакција на македонската полиција и тврдите затворски пресуди од страна на владата. Јас го пренесов моето несогласување тогаш. Укажав ддека наместо заземање страна, нашата улога треба да биде онаа на чесен посредник за смирување на односите. Казните беа ужасни. Цената за акцијата ќе биде појасна во настаните кои ќе следат” – ќе предупреди Комрас. 

Она што ќе уследи дваесет месеци после пијаниот полициски пир во Гостивар, ќе биде палењето на амбасадата на САД во Скопје – сосе Хил внатре – од страна на некогашната власт која ја подржуваше, премината во опозиција. Поради што западните дипломатите во Скопје ќе ја измислат кованицата „Хамбургер Хил”. Дали старо-новиот амбасадор ќе извлече поука од таа епизода на едностраност, едноокост и лажење на сопствените претпоставени? Судејќи по неговата блискост со скопските стари пријатели, одговорот е - не баш. Неговата едностраност ќе биде дел од проблематичните причини за цементирање на олигархијата, елиминацијата на умерениот Абдурахман Алити, подемот на меѓуетничките тензии и судирот во 2001 година.

Повеќе од авторот: Локалните избори како втор круг на парламентарните избори

Иако најзвучно од сите, ангажманот на Хил (во очекување на подршка од блокираниот Конгрес) не подразбира дека тој ќе биде и финалниот клучен играч на САД во регионот при очекуваните разврешници. Неговата мисија е очекувано да биде концентрирана на задачата за враќање на Белград на про-западната патека и дистанцирање од Русија и Кина. Судејќи според последниот настап на Метју Палмер во Босна и Херцеговина, приволувањето на Александар Вучиќ може да вклучува и остапки и концесии во прилог на неговата агенда во соседството. Времето ќе каже дали истиот Босански пристап ќе се користи и (на штета) на Црна Гора, Косово и на Македонија. Дотолку повеќе што токму ангажманот на Палмер потврдува дека ниту администрацијата Бајден се нема целосно откажано од граничните прекројувања форсирани од неговиот претходник Трамп. 

Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Западен Балкан
Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Западен БалканФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Екипирањето на американскиот тим за решавање на балканските јазли досега барем не е проследен со најава на конкретна стратегија или цел, освен желбата за наше приклучување кон ЕУ. Евидентната дистанца на Бајден од сите балкански лидери е составен дел од најавата за санкции кон непослушните, а досега барем сите лидери во регионот се држат на тенок мраз. Но ниту тоа не е доволно за да се отвори клучната дискрепанца во американската политика кон регионот. Зборот ми е за расчекорот, или поточно несфатливото ретерирање на Вашингтон од стратегијата за засилување на државите во регионот кон реставрацијата на прашањето за односите помеѓу народите во регионот. Несфатливо е како Вашингтон, донекаде по вина на ретро-националистичките кругови во ЕУ (Франција, Шпанија, Холандија) во содејство со Русија или Турција, си дозволи самоволно да се врати на почеток на 90-тите и кавгите меѓу народите. Процес кон кој сега повторно се враќаат и Загреб, и Сараево, и Подгорица, Приштина, Белград, но веќе проширено и надградено со Тирана и со Софија. По тој повод, упатно е да и Вашингтонските кругови ги земат предвид сомнежите на овдешните набљудувачи колку е упатно да расчистувањето на таа дилема им се препушти на посредници кај кои националното е претпоставено на државното.

Повеќе од авторот: ЕУ и Западниот Балкан: Неславен крај на германското претседавање

Предизвикот на САД при враќањето во регионот од аспект на интересите и престижот е во тоа што, на извесен начин, Америка треба да расчисти со грешките на Вашингтон. Барањата за реформи на партиите и медиумите се сосема во ред, но единствено откога агенциите на САД во регионот се реформираат и ја прифатат сопствената одговорност во ерозијата на кредибилитетот на партиите и медиумите кои ги советуваат и финансираат. Барањето за одговорност од раводствата во Скопје, Приштина, Подгорица и Сарајево е за поздравување, но со опасност тоа да  биде сведено на опортунизам и удирање по слабиот се додека прво не се стави на тапет и се осуди подбуцнувачката, шовинистичка, провокативна големосрпска политика на Белград. Инсистирањето на институционални промени а притоа држење до познати домашни политички пријатели од дипломатски младости е контрадикција која однапред ги обесмислува сите заложби.  

Ричард Холбрук, некогашен американски пратеник за поранешна Југославија
Ричард Холбрук, некогашен американски пратеник за поранешна ЈугославијаФотографија: Radoslav Grujic/dpa/epa/picture-alliance

Сегашната постава на американското враќање во регионот не дава премногу причина за таков решителен пристап. Екипата е составена од добри познавачи на регионот, но меѓу нив недостасува клучната состојка која ја направи американската интервенција во 90-тите да биде успешна. Ниеден од именуваните ликови не поседува капацитет да биде сметан како нов американски булдожер. Ниеден од нив не е ниту може да биде Ричард Холбрук. (Додуша, ни Вучиќ не е Милошевиќ, колку и да се труди.)  Човекот кој не се либеше на регионалните бета-лидери да им демонстрира како изгледа алфа-мажјак со убер-балкански манири и без никакво воодушевување од нивната бахатост и силеџиство.

Холбрук, за разлика од Хил или Палмер, разбираше дека долгорочниот американски престиж и влијание се гради вертикално од дното кон врвот, не од хоризонтски мирни кабинетски величини кон застрашеното граѓанство. Гледано од денешна призма и во контекст на сегашната понуда, Холбрук беше последниот ‘виски без мраз' американски дипломат без ракавици, наследен од редица европеизирани американски дипломати со шолја старбакс-карамел-pumpkin spice-ванила капучино и кариерни амбиции да ги насамарат балканските итромани. Од кои веќе можат школо да учат. Но и тоа е помал проблем. Во споредба со фактот што во очите на балканските силници, новиот дипломатски булдожер се вика Путин.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач