1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Се уште недостасува голем гест на помирување

Кристијан Трипе
22 јуни 2021

На осумдесеттата годишнина од нацистичкиот напад врз Советскиот сојуз, германскиот претседател Штајнмајер го тематизираше страдањето на милиони советски војници. Добар политички исчекор, смета Кристијан Трипе.

https://p.dw.com/p/3vNQp
Berlin-Karlshorst | Bundespräsident Steinmeier zum 80. jahrestag des Überfalls auf die Sowjetunion
Фотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Германците секогаш сакаат да кажат дека морално признале каква вина од времето на националсоцијализмот преземале врз себе. Милионското убивање на европските Евреи и злосторствата од Втората светска војна важат како помалку или повеќе темелно расветлени.
Тој историски наратив е раширен. Но во неговиот темел е поглед кој пред се е свртен на Запад. Говорот на претседателот Франк-Валтер Штајнмајер по повод 80-та годишнина од германскиот напад врз Советскиот сојуз покажа дека таквата слика на историјата ги запоставува искуствата на многу нации во источна Европа.

Одбележани со воено заробеништво

Во својот говор Штајнмајер како црвена нишка ја провлече биографијата на еден црвеноармеец. Војникот Борис Попов ги доживеал стравотиите на војната и маката на военото заробеништво. Како и милиони други советски војници. Но, за нивните страдања немаше место во културата на сеќавање: нивното масовно умирање и нечовечкиот третман на кој беа изложени во Германија никогаш не стана дел од колективното паметење. А и Советскиот сојуз своите повратници од заробеништво ги дочека со голема резерва, која преоѓаше во репресија.
Таквите недостатоци во културата на сеќавање веројатно тековно се поправаат, затоа што во германско-рускиот музеј сега е поставена изложба посветена исклучиво на судбината на советските воени заробеници. На отворањето на изложбата и на говорот на Штајнмајер не присуствуваше украинскиот амбасадор во Берлин од протест поради тоа што историскиот поглед се ограничува само на Русија.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin
Кристијан ТрипеФотографија: DW/B. Geilert

Руската историска политика

Дипломатскиот скандал со Украина накусо јасно го осветли фактот дека политиката на сеќавање се уште има експлозивна сила. Веќе подолго време во Русија се спроведува политика на сеќавање со која историјата ја поддржува актуелната политика. Така на пример, советскиот диктатор Сталин во моментов доживува ренесанса во Русија, и тоа е повеќе од исчашена историја. Новите закони во Русија, под закана од санкции, со декрет одредуваат еднострана, патриотска слика на историјата. Не само Украина, туку и други држави кои произлегоа од Советскиот сојуз, чувствуваат дека таа големоруска слика на историјата им виси над глава- особено кога се користи за задоволување на големодржавните интереси во Москва. 
Заслугата на Штајнмајер се состоеше во обидот сето тоа умерено, но јасно да се именува, а да не отстапи од суштината на својот говор- потсетувањето на „германското варварство“. Па така, германскиот претседател изговори нешта кои во денешна Русија не се општопознати: Сталинизмот беше кобен. Историјата не смее да се злоупотребува како оружје.

Deutschland Frankreich Francois Mitterand Helmut Kohl Verdun
Германски канцелар Хелмут Кол и францускиот претседател Франсоа Митеран во Вердун во 1984 годинаФотографија: picture-alliance / Sven Simon

Историскиот поздрав од Вердун

И конечно- руската агресивна политика кон Украина. Штајнмајер рече дека сеќавањето на Втората светска војна обврзува на тоа да се заложи за мир меѓу бившите земји на СССР. Се уште недостасува голем гест на помирување- препознатлив за сите потомци на луѓе кои тогаш биле нападнати, во сите држави-наследнички на СССР. Кога во 1984 година тогашниот германски канцелар Хелмут Кол и францускиот претседател Франсоа Митеран во Вердун се фатија за раце над масовните гробници од Првата светска војна, тоа беше иконографски момент. Сликата веднаш стана шифра за помирување, протолкувана на тој начин и во Белгија, Холандија и во други западни држави.
Нешто слично се уште не е замисливо на поранешните боишта на европскиот исток, ни во Волгоград, ни во Харков, ни во Брест. Говорот на германскиот претседател во салата во која капитулираше хитлеровиот Вермахт во 1945, не може да го надомести тој момент- но претставува чекор кон него.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема