1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија - ново име, стари конфликти

Андреа Бер (Дојчландфунк)
21 декември 2020

По вооружениот конфликт во 2001., немаше обработка на злосторствата и тоа го оптоварува соживотот до денес, оценува радиото „Дојчландфунк“ во долгата репортажа со наслов „Северна Македонија - ново име, стари конфликти“.

https://p.dw.com/p/3n1Jc
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во Северна Македонија, киднапирањата и убиствата од војната во 2001 година се табу до денес - многумина стравуваат дека конфликтите на тој начин би можеле повторно да избијат“, констатира авторката Андреа Бер уште во првата реченица од долгата репортажа, во која, меѓу другото, се вели:

„'Никогаш нема да го заборавиме 23 јули 2001 година. Селото беше нападнато од терористи на ОВК од сите страни. Татко ми не сакаше да ја напушти нашата куќа. 'Сам ја изградив и никому не сум му сторил ништо. Не си одам од овде', рече тој.' Во моментите кога не сакал да ја напушти куќата во Непроштено, во близина на Тетово, Крсто Гоговски имал 67 години. Таа подоцна била запалена, а местото на коешто стоела сега го чуваат кучиња, кои гласно лаат, но не делуваат опасно. Тие го придружуваат Војо Гоговски кога оди на лов. Тој, во тој фатален јулски ден во 2001 година, побегнал со остатокот од фамилијата. Веќе не го видел жив својот татко Крсто. 'Последниот повик беше околу 17 часот, кога татко ми буквално рече: 'Добар сум и те молам да не ѕвониш веќе.' Татко му бил киднапиран по повикот и заедно со други луѓе затворен во селското училиште во Непроштено. Потоа му се губи секаква трага.“

Во репортажата на „Дојчландфунк“ потоа се потсетува на почетокот на конфликтот во Македонија во 2001 година и се наведува дека „северномакедонското раководство на УЧК“ се состоело од „многу косовски кадри и Албанци од Северна Македонија“:

„Тие политички се радикализираат во соседно Косово, на пример во текот на отпорот против српското угнетување. Во март 2001 година сите сметаат дека чукнал нивниот час и за своја цел ја прогласуваат Голема Албанија. Во Непроштено живеат и етнички Македонци и Албанци, како Зекирија Зилбеари. 54-годишникот седи во кафуле во делот од селото населен со Албанци и пие силен црн чај. 'Имав инфаркт“, забележува тој и пали една цигара по друга. Зекирија Зилбеари прво се воздржува, но потоа сепак станува разговорлив. Во конфликтот во 2001 година се борел за ОВК во околината. 'Од почетокот бев со нив, но никогаш нема да направам ништо против, иако знам некои работи. Во 2001 година мислевме дека ќе добиеме Голема Албанија. По ѓаволите, си мислев, да направиме Голема Албанија. Не мислев дека повторно ќе мора да живееме заедно со Македонци.' Покрај него Ајет Сеадини пуши цигара. Седокосиот пензионер долго живеел во Швајцарија и сега е постојано на релација до таму и назад. За ОВК не сака да коментира и тоа се чувствува. Наместо тоа, раскажува за минатото. 'Имаме проблеми. Кога бев дете, Македонците живееја овде, во близина. Ние, Албанците, моравме да одиме на училиште пеш. Не само што одевме пеш, туку бевме толку сиромашни, што немавме чевли како што треба, туку само сандали, а македонските деца смееја да патуваат со автобус. Ние гледавме како се качуваат. Звучи неверојатно, но тогаш државата го организираше тоа.“

Наведувајќи дека втората по големина етничка група во земјата на крајот од 1990-те не е доволно застапена во политиката, економијата и општеството и дека насекаде има доминација на етничките Македонци, „Дојчландфунк“ заклучува дека сепак никој сметал со крвав судир во 2001 година:

„Браварот Дејан Мисковски од Непроштено е сигурен: 'Според мое мислење, кризата беше договорена работа за земјата да се подели. Бевме оставени незаштитени, без полиција и армија во близина.' Во Непроштено - на албански Непроштен - поделбата е видлива. Децата етнички Македонци се на настава во бел контејнер-објект, на ѕидот некој со спреј напишал 'such life'. 200 метри понатаму е зградата на старото училиште, во која учат децата Албанци од селото. Наспроти неа има споменик за починатите албански ОВК-борци.“

Во репортажата се објаснува дека вооружениот конфликт во август 2001 година е завршен со Охридскиот рамковен договор, кој на малцинствата им гарантира повеќе права: „Малцинствата, како Албанците, би морале да бидат пропорционално застапени, но тоа е процес кој трае“, констатира авторката.

Mazedonien Krieg 2001 "Tiger"-Einheit bei Radusa
Вооружениот конфликт во август 2001 година е завршен со Охридскиот рамковен договорФотографија: picture-alliance/dpa

„Северна Македонија официјално има два милиони жители. Бројката се заснова врз пописот од 2002 година, но таа не може да биде точна, затоа што илјадници луѓе во меѓувреме ја имаат напуштено малата балканска земја. Тоа не е проблем само за Северна Македонија, туку и за цела југоисточна Европа, констатира Марио Холцнер од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. 'Работоспособното население се намалува, а тоа е последица на масовното иселување во последните децении. Тоа тешко може да се запре. Некои земји, на пример Албанија, до средината на веков, ќе имаат една третина работоспособно население помалку отколку сега, а тоа е многу.' ...“

„Дојчландфунк“ оценува дека „вистински соживот во Северна Македонија би можел да биде мотивација за останување“ и го пренесува ставот на Ветон Зеколи:

„Албанскиот експерт за образование се занимава со соживотот на луѓето во Северна Македонија. 'Тоа не се само Албанците и Македонците, значи двете најголеми групи, туку и Ромите, Турците, Власите, Србите, Бошњаците и други. Во моментов, ситуацијата е многу порелаксирана. Барем не читаме за инциденти, борби или недоразбирања. Низ центарот на Скопје може да се оди слободно. И во Куманово или Тетово, нема проблеми. Но, во реaлноста имаме многу да направиме, зашто многу работи се турнати под тепих. На пример, до денес нема училиште во кое се зборува за причините за конфликтот во 2001 година. Албанците имаат една верзија, Македонците - друга, и никој не се грижи за тоа.' Ветон Зеколи раководи со 'Нансен Дијалог Центар' во Скопје. Тоа е невладина организација која има за цел - премостување на постоечките јазови во училиштата. Од конфликтот во 2001 година Албанците и Македонците се' повеќе се разграничуваат, на пример со преселби во етнички хомогени населби, а не е добро ниту во училиштата. 'Многу училишта, за жал, веќе не се мултиетнички, туку се станати моноетнички. А, преостанатите мултиетнички училишта честопати не нудат заштитен простор за дијалог меѓу заедниците во училиштето. Во овие училишта децата не се среќаваат, или се среќаваат само ретко. Повеќето училишта ги делат учениците во смени, во кои се заедно со деца од нивно етничко потекло. На пример, претпладневна и попладневна смена. Значи, не се среќаваат. Па дури и кога се во иста смена, тие се на различни катови. На пример, Македонците на прв, а Албанците на втор кат. Освен тоа, учебниците се катастрофа, а наставниците не се доволно компетентни, оценува Ветон Зеколи. Затоа 'Нансен Дијалог Центар' обучува наставници за да ги заинтересираат учениците едни за други. Габриела Мерџановска и Нагија Снопче биле на таква една обука. Двете предаваат во основното училиште 'Гоце Делчев' во Гостивар, на околу 70 километри од главниот град Скопје. Во нивните класови учениците, етнички Македонци и етнички Албанци, го учат јазикот на другиот. Но, не се работи само за јазикот, вели Габриела Мерџановска. 'Во меѓувреме веќе имаме една нова генерација, зашто првите деца со коишто работевме, сега се во деветто одделение. Работевме со три различни одделенија. Во трето одделение тема беше заштита на животната средина. Интересно беше и во четврто одделение, каде имавме единство, мир и толеранција, при што разговаравме за културите на други земји. Притоа учевме и песни и танци од тие земји и нивниот јазик, и беше како да сме ги посетиле тие земји.' Новиот стил вели таа, ги поттикнува пријателствата меѓу учениците, а на добар одек наишле и работилниците за родителите. Наставничката Албанка, Нагија Снопче, е исто така уверена во повеќејазичниот наставен модел. Таа вели дека новиот наставен метод променил многу работи и за неа лично. 'Заедно работиме и надвор од училиштето и проектот Нансен, пред се' со мојата колешка Габриела. По работата одиме на прошетка, негуваме пријателства кои настанаа преку Нансен-тренинзите.'“

Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Дојчландфунк: Вистински соживот во Северна Македонија би можел да биде мотивација за останувањеФотографија: DW/Carolin Weinkopf

Враќајќи се назад во селото Непроштено, авторката на репортажата се задржува на споменикот за луѓето од селото кои биле киднапирани или убиени во конфликтот во 2001 година:

„На тркалезниот бел камен стои и името Крсто Гоговски. Стариот учител, кој во 2001 година не сакал да ја напушти куќата и исчезнал. Неговиот син Војо Гоговски ги превртел небото и земјата и ја проверувал секоја индиција. 'Нив (индиции, н.з.) ги добивав од албанските пријатели од местото. Добивавме информации, како од овде, така и од странство, како од Македонци, така и од Албанци. Имаше индиции каде би можело да се наоѓа телото. Индициите ги добивавме секогаш од околината, никогаш од страна.' Неколку месеци по киднапирањето на неговиот татко, веројатно од стран  на паравоената ОВК, телото на Крсто Гоговски е пронајдено кај Требош. Тоа било толку многу распаднато, што веќе не било можно да се утврди причината за смртта. 'Со Албанците од овде и денес можам да разговарам отворено за се', само за киднапираните - не. Тоа е табу за кое никој не сака да зборува.' Од 12 цивили кои исчезнале во 2001 година, досега се пронајдени само три тела, односно коски. Потрагата по исчезнатите се одолговлекува свесно, а 'осомничените извршители не се бараат вистински', уверен е Војо Гоговски. Тој заедно со останатите роднини (на исчезнатите, н.з.) го основал здружението 'Надеж' и води исцрпувачка борба против институциите. Но, освен починатиот претседател Борис Трајковски, никој не се заложил за расчистување и казнување на извршителите, вели тој. Вистината се потиснува од политички мотиви. 'Од 2002 година албанската ДУИ владееше во коалиција со Социјалдемократите, а од 2006 до 2016 со ВМРО, другата голема партија. Сега повторно е на власт со Социјалдемократите. Се' додека ДУИ е дел од власта, тоа е политички проблем.' Шеф на албанската ДУИ е Али Ахмети, поранешен командант на ОВК во Македонија. За вооружениот конфликт пред речиси 20 години, Ахмети само неодредено вели: 'Има извесни дејствија кои се случиле надвор од наша контрола и можности за контрола, сторени се болни нешта.' Во војна се бориш, вели многу појасно поранешниот припадник на ОВК со срцево заболување Зекирија Зилбеари во селското кафеанче во Непроштено. Одеднаш, изненадувачки отворено, вели дека бил обвинет за киднапирање цивили. 'Што се однесува до дванаесетте исчезнати, бев еден од обвинетите пред суд. Ја загубив својата фирма и се' друго, така што сега сум овде каде што сум. Никој не ни помага. Имам три деца и преживувам благодарение на нив. Инаку, ќе немав ништо.'

Репортажата завршува со Законот за амнестија донесен во 2011 година, кој „можеби го заштитил Зекирија Зилбеари од осуда'. Војо Гоговски, како што се вели, по настаните околу косовската УЧК и Хашкиот трибунал, „сега се надева дека и во Северна Македонија нешто ќе се придвижи“:

„Зашто, злосторствата на УЧК на Косово се исти како овде, во Северна Македонија. На нашето правосудство рацете му се политички врзани. Но, ако почнат процеси во новиот Хашки трибунал за Косово, тогаш тоа ќе дојде и кај нас.' И младиот албански образовен експерт Ветон Зеколи е уверен дека вооружениот конфликт од 2001 година се' уште не е надминат: 'Еднаш бев во Северна Ирска, во Белфаст, и таму ги видов мировните ѕидови и населби со високи огради. Животот изгледаше сосема нормален, но кога слушнав како навистина изгледа секојдневието таму, си помислив дека тоа е ризик и за нашата земја. Зашто, ако не сториме ништо за мултиетнички училишта, ако не сториме ништо за да ги поврземе младите во Северна Македонија, тогаш веќе нема да имаме социјален соживот. Вооружениот конфликт од 2001 година отвори многу прашања, но проблемите овде ги имавме долго пред тоа. И сега никој не ги обработува последиците од вооружениот конфликт од 2001-ва, а тоа имаше и има негативни последици за општеството“, се вели меѓу другото во долгата репортажа на германското радио „Дојчандфунк“.