1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонија ја очекува првата „илјадарка“ во пандемијата

БГ
16 април 2020

Куманово опасно се приближува до Скопје во однос на вкупниот број заразени од коронавирусот. Најголема стапка на смртност од општините со двоцифрен број заразени е регистрирана во Струга, а најмала во Скопје.

https://p.dw.com/p/3ayZZ
Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Неполни два месеци по првиот регистриран случај, извесно е дека денеска (16.04) земјава ќе ги достигне првите 1.000 случаи на заразени од Ковид-19, доколку бројот на новозаразени продолжи со истото темпо како претходните денови. Со 45 смртни случаи на досега евидентираните 974 заразени од коронавирусот, стапката на смртност е нешто помалку од пет отсто. Досега оздравеле 98 заразени од коронавирусот или речиси точно секој десетти.

Србија- рекордер во соседството
Во однос на други држави во светот кои досега откриле сличен број на заразени, плус-минус 1,000, стапката на смртност во Северна Македонија е горе-долу слична на онаа во Словенија и Босна и Херцеговина. Во Словенија од откриени 1.248 случаи, починале 61, додека во БиХ на 1.110 регистрирани, починале 41 лица. Далеку помала смртност е регистрирана во земји како Хонг Конг, Оман, Ерменија и Азербејџан кои во просек имаат по десетина жртви на илјада откриени случаи.

Во непосредното соседство, најмногу случаи се регистрирани во Србија- близу  5,000 и 99 жртви. Во Грција има 2,170 заразени и 101 починати, во Бугарија 735 заразени и 36 починати, и во Албанија- 494 заразени и 25 починати.

На европско ниво далеку највисока е стапката на смртност во Италија, Франција, Велика Британија, Белгија, Холандија и Шведска. Во сите тие земји, стапката е над 10 проценти од вкупно откриените заразени. Според досега направените статистики, најмали стапки на смртност, под 3 отсто, имаат Германија, Австрија и Португалија. 

- повеќе: Што се крие зад метежот од бројки на инфицирани? 

Во Северна Македонија во изминатите 24 часа беа регистрирани 66 нови случаи. Повторно најголемиот дел беа од Куманово- 27; град кој полека му се приближува на Скопје и во вкупниот број заразени. Дека состојбата во Куманово е критична покажува и инциденцата на заразата според која, Куманово со вкупно 263 заразени наскоро ќе го надмине и Дебар според тој показател, а притоа има над десетпати побројно население. Притоа, владата и понатаму одбива да прогласи кризна состојба во Куманово по примерот на Дебар, и покрај апелите на тамошниот градоначалник и кризниот штаб. 
Премиерот Оливер Спасовски денеска рече дека тоа ќе биде сторено само по препорака на епидемиолозите.

Секој трет заразен нема симптоми

Од вкупно 45 смртни случаи од коронавирусот во земјава, 31 биле лица постари од 60 години, а 32 имале претходни заболувања. Доколку се анализира стапката на смртност по општини каде биле регистрирани повеќе од 20 случаи, на врвот е Струга каде од 43 заболени починале 8 лица, или 18,6 проценти; додека двоцифрена- 10,5 отсто е само уште во Тетово. Најмала смртност има во Скопје- 2,1 отсто или 7 починати на 329 откриени случаи.

Досега откриените симптоми кај заболените во земјава се на линија на светските искуства: секој шести пациент се жалел на температура, а речиси исто толку и на кашлица. Секој трет заразен чувствувал и малаксаност, секој втор- треска, а далеку поретко луѓето се жалеле на болки во грло, отежнато дишење и главоболка. 

- повеќе: Коронавирусот го погодува и невролошкиот систем

Во некои земји во светот, пациентите се жалеле и на вртоглавица и губење на чувството за мирис и вкус, но според анализата на Институтот за јавно здравје, досега не се евидентирани вакви примери меѓу пациентите во Македонија, или нивниот процент е многу низок па не се појавува во статистиката.

И во делот на асимптоматските пациенти, земјава е во рамките на светскиот просек: над 30 отсто од заразените со коронавирус во Македонија немаат никакви симптоми на болеста.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема