СЗО ја промени својата позиција за заштитните маски
6 јуни 2020Светската здравствена организација (СЗО) им препорача на владите да го поттикнат населението да носи маски на јавните места каде што постои ризик од трансмисија на коронавирусот. Ажурираните препораки следуваат по резултатите од студиите спроведени во последните неколку недели.
„Со оглед на податоците, СЗО им советува на владите да ја охрабрат јавноста да носи маски во случај кога е тешко да се одржи физичка дистанца, како на пример во јавниот превоз, продавниците и во затворени и многу посетени места“, изјави генералниот секретар на СЗО, Тедрос Гебрејесус.
Нови студии
Претставничката на СЗО Марија ван Керхов изјави дека од оваа меѓународна организација ги советуваат властите да ги поттикнат луѓето да носат маски во јавност. „Им советуваме на владите да го поттикнат населението да носи маски. Поточно, нека носат маски од ткаенина, значи немедицински маски“, изјави Керхов во интервју за новинската агенција Ројтерс.
„Сега имаме резултати од истражувањата. Сега имаме докази дека ако маските се користат правилно можат да бидат бариера за потенцијално заразните капки.“, рече Керхове.
Повеќе:
-Како се прават заштитни маски со филтер
-Германија: Носење маски - обврска во сите покраини
Додека некои држави и дел од американските сојузни држави препорачаа или наметнаа носење маски во јавност, СЗО претходно зборуваше дека нема доволно докази за нивна делотворност. Тие препорачуваа маски да носат болните и оние кои се грижат за нив.
„Во сила останува препораката здравствените работници, кои се во контакт со лицата заболени од коронавирусот или има сомнеж оти го имаат, да носат маски“, вели Марија ван Керкхове. „Меѓутоа, оваа препорака е проширена, па се советува сите работници, кои се во контакт со пациенти или со штитеници во домовите за стари лица, константно да носат маски.“
„Лажно чувство на безбедност“
СЗО нагласува дека маските се само една во низата алатки кои можат да го намалат ризикот од трансмисија, но не би требало да пружат лажно чувство на безбедност.
Маските според СЗО и не можат да ја заменат физичката дистанца и хигиената на рацете. Ако луѓето ги допрат маските со валкани раце и ги контаминираат, тие дури може да го зголемат ризикот од заболување.
Покрај тоа, заразените лица треба да бидат постојано изолирани, да се пронајдат лицата со кои имале контакт и да се тестираат сомнителни случаи. „Ова е најдобрата одбрана против Ковид-19 за секоја земја“, рече шефот на СЗО, Гебрејесус.
Според последните податоци, во светот од коронавирусот починаа најмалку 390.868, додека заразени се над 6.640.290 луѓе.