1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите разменија вратоврски само Иванов си плете свилен гајтан

20 јуни 2018

Собранието денеска треба да го ратификува договорот со Грција. Груби синоќа му ја подарил вратоврската на Димитров поради постигнатиот успех и успешната работа на Комисијата за европски прашања. Протестите продолжуваат

https://p.dw.com/p/2ztCO
Mazedonien Skopje - Ministerpräsident Zoran Zaev und der Außenminister Nikola Dimitrov treffen den mazedonischen Präsidenten Gorge Ivanov
Фотографија: Mazedonien Präsidialamt

Денеска во 11 часот треба да започне собраниската седница на која пратениците ќе гласаат за  ратификација на договорот со Грција.  Седницата е закажана откако синоќа собраниската Комисија за европски прашања со десет гласови „за“ го усвои, и му предложи на парламентот да го донесе „Предлог- законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), за  престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните“.

Седницата помина во духот на пораки за градење иднина, добрососедство, перспективи за Македонија, а ја следеа голем број претставници на меѓународната заедница во Република Македонија, во знак на поддршка за напорите кои земјата ги прави за евроинтегративните процеси.

„Ако не ми беше мирна совеста, немаше да го потпишам договорот и немаше денеска да бидам овде пред вас“, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако го образложи договорот, член по член.

На крајот од седницата, претседателот на Комисија за европски прашања, Артан Груби, му ја подари својата вратоврска на министерот за надворешни работи Никола Димитров, во истиот стил како што премиерот Зоран Заев му ја подари својата вратоврска на грчкиот колега Алексис Ципрас, по потпишување на билатералниот договор во преспанското село Псарадес, на 17 јуни.

Нема мистификации околу симболиката: Груби му ја подарил вратоврската на Димитров поради постигнатиот успех и успешното завршување на работата во Комисијата за европски прашања.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Подарувањето вратоврска - симболичен гест на ЗаевФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Импичмент - ако мора!

И премиерот Заев својата постапка ја објасни синоќа во интервју за ТВ „Канал 5“. Тој ја извадил вратоврската уште на првата средба со грчкиот премиер во Давос, шегувајќи се дека „Македонија го направила првиот чекор (отстапка- н.з), и сега Грција е на ред“. При чинот во преспанското село Псаридес, Заев го имал предвид фактот дека Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврска, уште во екот на грчката криза одбил подарок вратоврска, јавно изјавувајќи дека ќе ја стави тогаш кога земјата ќе излезе од криза.

„Симболот и пораката беа токму тоа. Јас ја извадив и му ја поклонив за Грција побрзо да се справи со економската криза“, изјави Заев.

Додека трае размената на вратоврски, како симбол на пријателство и заеднички успех,  на повидок е можен „свилен гајтан“ единствено за Иванов,  кој најави дека никогаш нема да го потпише „штетниот“ договор со Грција.

Запрашан, дали има планови за окрупнување на парламентарното мнозинство, Заев синоќа одговори: „Има желба за окрупнување на парламентарното мнозинство и тоа ќе го направиме исклучиво за импичмент на претседателот, ако мораме. Граѓаните се тие што ќе решат дали сакаат промена на името, но ако на референдумот договорот се прифати, никој нема право да го попречува нивното мислење“.

Дел од аналитичарите сметаат дека Иванов сепак ќе го преиспита својот став и дека нема да стане кочничар на интеграциските перспективи на земјата, други пак се сомневаат дека ќе го препознае историскиот момент.

„Претседателот Иванов кривично ќе одговара доколку не го потпише договорот за ратификација“ изјави поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов во емисијата „24 Отворено“, истанувајќи дека со тоа го крши Уставот.

Bildergalerie Mazedonien Proteste in Skopje
ВМРО ДПМНЕ нема да учествува на протестите на улициФотографија: picture-alliance/AA/V. Abdul

ВМРО-ДПМНЕ останува во Собранието, но не и во неговата работа

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја напуштиja работата во Собранието и не присуствуваа на седницата на Комисијата за европски прашања, бидејќи ја бојкотираат расправата за договорот.

„Затоа Зоран Заев мора да падне, за Македонија да оди напред и Македонија да победи“, порача вчера ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, вчера оствари неформална средба со претседателот на Здружението „Семакедонски национален совет Македониум“, Страшо Олумчев, откако демонстрантите против договорот со Грција ја повикаа опозициската партија да им се придружи на протестите. 

„Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е против таквиот договор со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. На средбата беше изразено разбирање за огромната загриженост на граѓаните околу штетниот договор и последиците кои тој ги носи. Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги користи сите демократски мерки и принципи кои се во насока на јасно изразените ставови на партијата во однос на ова прашање“, се вели во партиското соопштение.

По средбата, Олумчев за МИА изјави дека Мицкоски им кажал оти ВМРО-ДПМНЕ нема да го напушти Собранието, но и дека нема да учествува во собраниските активности поврзани со договорот со Грција. Според најавите, протестите на саморганизираните групи граѓани пред Собранието, продолжуваат и денеска.

Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ВМРО-ДПМНЕ (и грчката опозициска партија „Нова Демократија“), пред четири дена ги повика сите страни вклучени во процесот за името да покажат конструктивност.

„Го поздравуваме договорот постигнат помеѓу двете влади во Атина и Скопје, кој работи на изнаоѓање решение за долгогодишниот билатерален спор“, се наведува во соопштението на ЕПП.

Во него се истакнува дека ЕПП се надева оти процесот на имплементација ќе се одвива без пречки од двете страни со што ќе се отвори патот за влез на Македонија во НАТО и можност за почеток на преговори со ЕУ.

„Ова е клучен миг за Скопје и веруваме дека сите политички партии треба да се стремат кон позитивно и конструктивно однесување за градење на европската иднина на земјата“, порача ЕПП.