1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал во Германија: Чиј е овој цитат, Ваш или на Хитлер?

БГ
16 септември 2019

Политичар на популистичката АФД во Германија прекина интервју за јавниот сервис откако новинарот му предочи дека извадок од неговата книга е многу сличен на ставовите на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер.

https://p.dw.com/p/3PevI
Thüringer AfD-Landtagsfraktion Björn Hocke
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Бјерн Хеке, висок функционер на десничарско-популистичката Алтернатива за Германија (АфД) прекина интервју за вториот канал на германскиот јавен сервис ЦДФ, откако новинарот му покажа снимки од партиски колеги кои не успеваат да направат разлика меѓу неговите коментари и тезите на Адолф Хитлер во книгата „Мојата борба“.
„Кога ќе дојде пресвртната точка, тогаш, ние Германците не правиме ништо половично, тогаш ќе биде отстранет талогот на модерноста“- ЦДФ го одбра овој цитат од книгата на Хеке и им го посочи на неговите сопартијци, со прашање: „Дали е ова од ’Мојата борба’ или од Хеке?“

Хеке, водечки кандидат на АфД на претстојните избори во покраината Тирингија, во минатото често беше критикуван за блискост со нацистичката терминологија.

Сопартијците на Хеке беа збунети од прашањето. Повеќето рекоа дека не знаат од каде е цитатот, а еден оцени дека цитатот повеќе наликува како да е од книгата на Хитлер.

Хеке, инаку, поранешен професор по историја, ја бранеше својата терминологија како „поетична“ и инсистираше на слобода на говорот.

Околу 10 минути по почетокот на интервјуто, се слуша гласот на портпаролот на Хеке во позадина.

„Треба одново да го направиме интервјуто. Ова вака не оди. Го конфронтиравте господин Хеке со прашања кои го направија многу емоционален. Мислам дека овие емоции не треба да се пренесат на телевизија“, вели портпаролот зад камерата.
Новинарот на ЦДФ одби да го започне одново интервјуто. Телевизијата подоцна го објави целиот разговор со видео и текст. 

Хеке и неговиот портпарол велат дека очекувале интервјуто повеќе да се фокусира на кампањата во пресрет на изборите во Тирингија на 27 октомври. По одбивањето на новинарот да го сними одново разговорот, Хеке му се закани „да внимава“, затоа што „не знае што доаѓа“. „Тогаш е јасно дека од мене повеќе нема да добиете интервју“, вели Хеке, а подоцна му укажува на новинарот и дека „можеби ќе стане важна политичка личност во покраината“. 
Од германското новинарско здружение ДЈФ, го осудија однесувањето на Хеке како „уште едно црно поглавје во нарушениот однос на АфД со слободата на печатот и со критичките новинари“. 

АфД, која започна како движење кое протестираше против еврото, прерасна во анти-мигрантска партија и најголема опозициска партија во германскиот Бундестаг. Партијата е често обвинувана за врски со радикални десничарски екстремисти.

Во минатото, Хеке предизвикуваше бура од реакции откако сугерираше дека Германија треба да престане да се извинува за нацистичкото минато, притоа користејќи термини поврзани со нацистичката ера како „Лебенсраум“ (животен простор) и „entartet“ (дегенериран).