1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија: Камчев не барал заштита од Бугарија 

30 јули 2019

Бугарските власти тврдат дека не биле информирани од македонските колеги за случајот со бизнисменот Јордан Камчев, ниту тој барал помош од нив. Минатата година Софија го предложи токму Камчев за почесен конзул.

https://p.dw.com/p/3MwcX
Nord-Mazedonien |  Unternehmer Orce Kamcev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Официјална Софија тврди дека немала контакт со бизнисменот Јордан Камчев кој е сведок-жртва во случајот „Рекет“ кој го отвори македонското Јавно обвинителство. Според информациите до кои дојде Дојче веле, Камчев ги снимал разговорите со двајцата осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои го уценувале за случајот Империја на СЈО. Аудио и видео снимките од разговорите, Камчев потоа им ги предал на бугарските служби како гаранција доколку нешто му се случи, а од тамошната влада, побарал и добил и заштита. 
Бугарските власти одбиваат да ги коментираат ваквите информации, а формално тврдат дека од Камчев не добиле никакво барање за заштита од него, иако тој е бугарски државјанин. 

Софија „нема коментар“

Во одговор на барање на Дојче веле, од прес-центарот на бугарското министерство за надворешни работи соопштуваат дека „Орце Камчев не барал помош од МНР на Република Бугарија“. 

Според Специјалното јавно обвинителство, Камчев поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, како и фирма во Бугарија. Таквите сознанија беа наведени во едно од барањата на СЈО за определување притвор за Камчев како осомничен во случајот Империја. 

Од бугарската влада велат дека тие не биле формално информирани од властите во Северна Македонија за тековниот кривичен прогон и преземените мерки кон Камчев, а за нив дознале од објавеното во медиумите. 
„Г-н Камчев не испратил никакво барање кон бугарскиот премиер и кон бугарските власти за каква и да е заштита. Овој случај не може да влијае на односите на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, додаваат од бугарската влада. 

Во бугарската Агенција за национална безбедност (ДАНС) велат дека го следат случајот, но официјалниот одговор оттаму гласи: „Без коментар“. 

Несудениот конзул

Актуелната бугарска влада во 2018 година го предложи Камчев за почесен конзул на соседната земја во Македонија. Предлогот се случи неколку месеци откако двајцата премиери, Бојко Борисов и Зоран Заев го испреговараа Договорот за добрососедство и пријателство кој беше потпишан во август 2017 година. 
Официјално Скопје во април 2018 година го одби предлогот на Софија. Доколку Камчев станеше почесен конзул, тој ќе добиеше функционален дипломатски имунитет кој ќе му овозможеше и заштита од кривичен прогон во Македонија. Само неколку месеци подоцна, Специјалното јавно обвинителство влезе во фирмите на Камчев во Македонија, а тој беше осомничен во случајот Империја. 

Bulgarien Goze Delchev | Borisov und Zoran Zave
Македонскиот и бугарскиот премиер Зоран Заев и Бојко Борисов во август 2018Фотографија: BGNES

Бугарските власти никогаш не образложија што е тоа што ги убедило да го предложат Камчев за почесен конзул во соседната земја токму во тој период.  

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов деновиве, во интервју за домашните медиуми, тврдеше дека неговата земја на ниту еден начин не е вмешана во аферата „Рекет“, иако потврди дека случајот во Софија се следи со внимание. 

„Не сакам да навлегувам во детали, но кажувам, дека Бугарија не учествува во тој внатрешнополитички проблем на Македонија. Не знам каде е Камчев во моментов“, рече Каракачанов. 

Македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за бугарската агенција Бгнес, деновиве, тврдеше дека тој никогаш не разговарал со својот бугарски колега Борисов за Камчев. 
„Борисов не би си дозволил такво нешто, затоа што тој е европски премиер кој го почитува владеењето на правото“; рече Заев.