Рушењето на владата а не спорот, договорот или протоколот со Бугарија е мотивот за разорните демонстрации предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Левица со медиумска и експертска подршка на партиските, невладини и медиумски краци на екс-СДСМ сивите еминенции исфрлени од играта и ускратени од колачот. За разлика од спонтаниот револт или загриженост на граѓаните-Македонци, мотивација и амбицијата на овој разорен триумвират не е ниту организационо спонтан, ниту емотивно искрен, ниту душевно гневен. Туку напросто студено-крвно рационален и профит-калкулантски пресметан театар во намерата за рушење на владата и враќање на сопствените изгубени позиции. И ништо повеќе од тоа и се помалку од она што го тврдат, убедуваат и ветуваат.
Доколку нивниот гнев беше справедлив и без кусур, нивниот гнев одамна би бил вперен кон оние кои првично прифатиле и потпишале Договор од кој најдоброто што можеше да се извлече како подобрување на позициите е токму последниот и финален предлог од Франција. Но, како што можеме да сведочиме, тој гнев е селективно вперен зависно од опортунистичкиот дел од двојката Заев – Димитров и менталитетот на опционалниот патриотизам „со мене на власт - ќе нѐ биде, без мене на власт – не ја бива”. Доколку шокираноста од „лошиот” француски предлог ќе беше искрена, таа првично ќе беше искажана и истурена врз алармантно лесната согласност на ВМРО-ДПМНЕ со Резолуцијата на ЕПП која како трејлер најава и тест-експеримент претходеше на предлогот на Макрон. Но, како што можеме да сведочиме, опозицијата и медиумската „јавност” дадоа сѐ од себе таа тема да се држи што понастрана од очите на збунетите граѓански „печурки во мрак”. Доколку гневот кон Бугарија и Франција беше спонтан, набиен и експлозивен, секако тие реки на мицковисти, апасиевци, екс-сдсмовци ќе се обидеа барем да ја најдат адресата на нивните амбасади за пред нив да го истурат својот бес. Но, како што можеме да сведочиме, неволноста за таков пофат е предодредена од стравот од неизбежните остри реакции на ЕУ, НАТО и евентуални последици по нивните патувања, бизниси, идентитетски документи во соседна Бугарија и низ Европа. Ама затоа, историски е докажано дека подривањето на меѓуетничките односи со Албанците е ем исплативо на избори, ем податно за дефокус и гарантирано неказнива дисциплина за субституирање на кукавичлукот.
Демагогијата на опозицијата
Излезот од оваа бура во чашата и аматерски диктирана криза нема да се должи на владата, на полицијата, дипломатијата, општеството туку благодарение на демагогијата на опозицијата. Демонстрирана со таква провидност од која е тешко да се избегне чувството на мачнина пред повраќање. Сме имале сенешто во опозицијата, но никогаш ваков беден состав на незрелост, лигавост, патетична плачливост и умисленост на паланечки опозиционери со ментален склоп на „госпоѓи министерки”. Колку ли е беден духот и карактерот на Мицкоски и Апасиев, Села и Касами да фрлаат со дрва и камења по СДСМ-ДУИ а притоа на најнизок можен начин се обидуваат да ги имитираат, превземаат или копираат нивните методи за кои ги обвинуваат катадневно. Едниот уфилман во Хуго Чавез цртани филмови за агенти на ЦИА пратени за да се справат со велешкиот рахитичен Троцки. Другиот преплашен дека првиот му ја зема популарноста, па паѓа во жално-комичен транс дека сакале да го убијат, а притоа храбро-јуначки се држел на поприлично пристојна физичка дистанца од местото на злосторството. За потоа сета патетика да спласне штом му се обзнанува дека несудениот Ли Харви Освалд да ти бил од неговата коалициска банда. Сопартиец на струшкиот кочоперен патриот од кој ќе слушнете сѐ, но не и ограда од албанофобијата на колегата со кој „ќе ја реформирале Македонија на подобро”. Во земја владеена од Спасовски и Ахмети, Пендаровски и Груби, треба да си навистина вундеркинд од колосални димензии и од посебен сој за со сопственото незрело, детско, шарлатанско поведение се докажеш дека сепак си далеку полоша надеж од оваа јадна реалност. А тоа на Мицкоски, Апасиев, Села и Касами им успеа на фантастичен начин. Маестрално!
Ефектот на нивното „нудење како подобра опција” денес резултира во давање докази и потврди на сите тврдења на Бугарија дека Македонија не заслужува преговори, поради надворешно-политички и внатрешно-политички причини - подеднакво. На домашен план пак потврдија дека нивната единствена употребна вредност е да бидат мулиња на итроманите (исфрлени) од естаблишментот за да си ги вратат позициите во Бихаќка и фондовите од Владата и западните амбасади. Каракачанов и Џамбаски вода може да им носат на ваквите анти-Македонци и анти-Албанци. Макрон може да се пишмани за дадениот предлог и се крсти дека Ле Пен нема да го повика на отчет. Без трунка гнев, без нималку емоција, туку сосема рационално и трезвено тврдам дека поради ваквите постапки, наведените ликови треба да бидат повикани на одговорност за подривање на шансите и можностите оваа земја да се тргне од канџите на привилегијата, сега олицетворена во дуетот СДСМ-ДУИ. До толку ја оплескаа, патриотите на чаламост на сопствен зијан.
Раката на Кремљ
Немам сомнеж дека во позадина на овие случувања вирее раката на човекот зад зидините на Кремљ. Дури и доколку би посакал да си дозволам трунка полезен сомнеж, тоа ми го оневозможува сеќавањето на оној кој така лесно смогна сили да го прифати Преспанскиот Договор, но не смогна храброст, волја и сили барем два пати да плесне со рачиња при приемот на земјата во НАТО. Зијадин Села, Билал Касами, Африм Гаши беа спремни да му го простат тој адолесцентски гест на Мицкоски. Таквите и денес ќе бидат спремни да му простат, благодарение на сервилниот рбет на надеж дека „газда Мицко ќе нѐ донесе на власт”. Но по вчерашните патрдии низ скопските улици, немам никаков сомнеж дека силите кои решаваат веќе имаат донесено одлука: „ВМРО помини, Мицкоски стој”.
Да, вистина, секако дека има причини за руско вмешателство во позадината на настаните и низ шарлатанизмот на Апасиеви. Но водечката сила на тие протести сепак лежи во опортунизмот на предводниците и инспираторите. Поради нив, поради нивните докажани демагогии, довчерашниот сомнеж е сега недвосмислено цементиран дека оваа структура на опозицијата би ги потпишала сите барања на Бугарија и Европа во првиот месец на владеење. Без да и трепне око. Бесрамноста на манипуплацијата и опортунизмот кој го докажуваат во опозиција е капиталниот доказ и аргумент за таквото тврдење. Комичното е што тие би сакале да се случи тоа. Тие секако имаат упатено сигнали надвор за таквата спремност. Онака, во намигуша стилот на комуникација кој го практицираат меѓусебно по дома. Трагичното е што нивното однесување во опозицијата веќе ја има убедено меѓународната заедница дека нивното владеење би бил кошмар на некомпетентна разулавеност, шарлатанско однесување и бескраен низ кризи предизвикани од куп недораснати ликови закачени на жичките на стариот естаблишмент.
Лично, имам приватна причина на апострофираните да им укажам благодарност. За умешноста им што во последните неколку месеци на така елегантен, елоквентнен, ефективен, ексклузивен, експонентен, екслозивен, ербапски и еписибирски начин ја покажаа и докажаа тезата дека спорот помеѓу Македонија и Бугарија не е толку поради идентитетот на народите, колку што е поради менталитетот на естаблишментите. Каракачанов и Трифонов ја докажаа суштината на таа теза во Бугарија. Доследно и спонтано, во Македонија истото го направија и Мицкоски, Апасиев, Села, Касами и размрсулавените вечни висибани околу Бихаќка со сите нивни фејк-европејства, џандарски медиуми и корумпирани со ЕУ-САД пари невладини тоалети на едноумието и криминалот.
Тоа раскринкување на менталитетот кој како злодух со децении го цицаше сокот од коскевата срж на македонскиот идентитет е најдобрата можна вест за предизвиците кои го мачат обичниот Македонец директно, а нас останатите индиректно. Помалку ми е мило што аванатуристите од опозицијата со своето поведение го воздигнаа Ковачевски како политички титан во очите на тивкото мнозинство и единствен конструктивен партнер од доверба во очите на меѓународната. Најмалку ми е мило што оние, онаквите од СДСМ и ДУИ ќе сакаат да ја споделуваат оваа колумна како доказ за „исправноста и мудроста на нивните политики”. Ним, треба повторно да им се повторни: ве спаси патетичната, кукавичка, лажна, манипулативна демагогија на опозицијата. Не вашата способност и умешност. А за чесност? Отворете го речникот и најдете го терминот „мисловна именка”.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.