1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово- Недовршени држави

Ненад Крајцер
12 јуни 2019

20 години по крајот на војната на Косово, судирот се уште живее во главите на многумина на Балканот. Тоа е така затоа што на многумина така им одговара, беше речено на трибината на Фондацијата Хајнрих Бел во Берлин

https://p.dw.com/p/3KDXM
Tribüne über die Beziehungen zwischen Serbien und Kosovo im Heinrich Böll Stiftung in Berlin
Соња Бисерко, Рудигер Росиг, Ветон Сурои и Сабине ШторФотографија: DW

Валтер Кауфман, шеф на одделот за југоисточна Европа на Фондацијата Хајнрих Бел, во поздравниот говор веднаш се извини за називот на трибината „Србија и Косово- две недовршени држави 20 години по војната“.
„Знам дека изразот 'недовршена држава' е помалку провокативен но сакавме да подвлечеме врска меѓу застојот во преговорите меѓу Србија и Косово и државните структури во овие земји“, рече Кауфман.
Бодо Вебер од берлинскиот тинк-тенк Центар за Демократизација, смета дека поимот „недовршена држава“ неправедно се поврзува само со Косово.
„Косово навистина нема контрола над севкупната територија, но ако ја погледнеме и Србија онака како што самата се дефинира, тогаш ни таа нема целосна контрола над својата територија“, рече Вебер.
На почетокот на трибината беше прикажано кратко видео за проектот на Дојче веле #generation99 во кој младите од Србија и Косово родени во 1999 година говорат за помирувањето и своите искуства од војната во Косово.
„Дојче веле го презема она што е всушност задача на политичарите: создавање на атмосфера на помирување меѓу народите“, забележа косовскиот публицист Ветон Сурои.

Нема решенија преку ноќ

Поголемиот дел од трибината учесниците го минаа во објаснување на феноменот на идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово, која ги врати неколку години назад преговорите за идните односи меѓу Белград и Приштина.
„Ние бевме шокирани кога по неколку години преговори и движење во една насока одеднаш слушнавме за оваа идеја“, рече Сабине Штор од германското МНР задолжена за југоисточна Европа. Иако овој проект, како што рече, веројатно конечно отфрлен на Западнобалканскиот самит на крајот на април во Берлин, решението за иднината на односите не е на повидок. Сепак, Штор се надева дека на продолжението на самитот во Париз на почетокот на јули конечно ќе биде решено прашањето на косовските царини, што би можело да ги помрдне преговорите од мртва точка. Но и таа предупредува дека нема „златен клуч“ за да се случуваат чуда преку ноќ.
„Нема такво нешто. Се работи за тоа да се прават мали чекори кои на крај можат да доведат до целта. Нереално е да се очекуваат промени преку ноќ“, рече Штор.
Умерениот оптимизам околу новата форма на преговори и активното вклучување на Германија и Франција го дели и Соња Бисерко од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Србија, додека Ветон Сурои смета дека преговорите од самиот почеток биле водени на погрешни принципи.
Но, песимизмот е присутен кога се говори за ткн. политички елити на Балканот.
Сурои говореше за „интелектуална мрзливост“ на политичарите од Србија и Косово кога се работи за изнаоѓање на решение за помирување и за „постојана атмосфера на војна“ која „не исчезна ниту по 20 години“.
Бисерко смета дека политичките елити на Балканот придонесуваат кон уништување на политичкиот и општествениот простор бидејќи се работи за луѓе кои „немаат храброст да направат исчекор“ во однос на вредностите кои ги застапува ЕУ.
„На некој начин, политичките екипи ги блокираа тие процеси затоа што помалку или повеќе се неуспешни во сите реформи и демократизацијата за која всушност може да се каже дека не е ни започната, а се уште се занимаваме со теми како што е консолидацијата на државите“, рече Бисерко.
Таа смета дека „граѓаните се позрели од елитите“, но дека се затворени каналите кои би изнедриле некаква политичка алтернатива.
„Единствен кој може однадвор да помогне е ЕУ“, заклучи Бисерко.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема