1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО го повлече обвинението за „Пуч“

БГ
18 јануари 2017

Специјалното јавно обвинителство во соопштението објаснува дека не може да застапува обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаат и истрагите отворени од нивна страна

https://p.dw.com/p/2VyPq
Mazedonien Skopje Sonderstaatsanwaltschaft Pressekonferenz
Фотографија: MIA

Со поднесок до Основниот суд Скопје 1 Скопје, СЈО најави дека се откажува од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“. Причината, како што наведуваат од СЈО, е што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки„Таргет“ и „Тврдина“.

„Ваквата наша одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука“, велат оттаму.

Дополнително, од СЈО појаснуваат дека не можат да застапуваат обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаат и со другите истраги отворени од нивна страна.

„Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа“, велат од СЈО.

Случајот „Пуч“ беше отворен од МВР во јануари 2015 година,а осомничени „за насилство кон претставници на највисоките државни органи“ беа, покрај лидерот на СДСМ Зоран Заев, уште и поранешниот разузнувач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Бранко Палифров, вработен во општина Струмица и и Ѓорѓи Лазаревски поранешен вработен во МВР.  

Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev
Случајот „Пуч“ беше отворен непосредно пред почетокот на објавувањето на бомбите од страна на лидерот на СДСМ, Зоран ЗаевФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

МВР тогаш тврдеше дека Заев, кој добивал податоци од Верушевски, во октомври и ноември 2014, четири пати се сретнал со премиерот Груевски, при што му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции. За да не ги објави податоците, Заев побарал формирање техничка Влада и распишување предвремени парламентарни избори. Првоосомничен во случајот кој доби оперативно име „Пуч“, беше Верушевски. Според МВР, во четирите компјутери и шесте мобилни телефони запленети во неговиот дом, биле пронајдени информации за разговори меѓу повеќе личности од јавниот и политичкиот живот, криптирани доверливи документи од повеќе институции, службена коресподенција со странски држави, документи од истраги од судски инстанци, кривични пријави, деловни разговори... Според МВР, во тоа му помагале сопругата и 53-годишниот локален функционер од Струмица. Полицијата поднесе кривични пријави против четворицата. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе предлог на тројцата да им се одреди притвор, а на Заев да му се определи мерка на претпазливост: повремено јавување кај надлежниот државен орган и привремено одземање на патната исправа.

СЈО ја презеде надлежноста над предметот „Пуч“ во декември 2015 година, како еден од 34-те предмети кои беа префрлени од државното и основните Јавни обвинителство во надлежност на тимот на Катица Јанева.