1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО - како единствен излез од лавиринтот на лудилото

19 ноември 2016

Ништо веќе не може да ја исече, залепи или измонтира вистината за она што се случувало во Македонија во изминатите години. Степенот на злоупотреби и аздисаност се граничи со лудило. Коментар на Борис Георгиевски

https://p.dw.com/p/2Sv5w
Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во политичката теорија ќе пронајдете многу имиња и дефиниции кои во одредени сегменти ја опишуваат состојбата во Македонија во последниве години: клептократија, нео-феудализам, авторитарност, кронизам, клиентелизам, политичка корупција... Но тешко е да се опише со еден збор севкупното лудило кое загосподарило со државата. Или можеби токму тој збор најдобро опишува сѐ: лудило!

Некои го користат терминот Левијатан, но тој во својата суштина подразбира организиран систем на државен тоталитаризам. Тешко е да се зборува за „систем“, уште помалку за „држава“ кога шеф на тајна служба може непречено и со години да си го вклучи системот за прислушување, како што многумина го вклучуваат домашниот телевизор, и да си одбере чиј телефонски разговор ќе слуша тој ден. На првиот канал: соседот, на вториот: пријателот, министерот, бизнисменот, политичкиот ривал, некој новинар... Листата е долга и речиси неограничена. Засега надминува пет илјади луѓе кои биле директно прислушувани и следени, и уште три пати по толку со оние кои се нашле на другата страна на разговорот. Контролата била сеопфатна и темелна. Се слушале ривали и непријатели, но и сопартијци и пријатели. Секој бил „Таргет“ на македонскиот „Голем Брат“.

Во држава во која секој судија е дуќанче или чешмиче, тајната служба и другите институции очигледно станале бордел кои и пружаат услуги на фамилијата, партијата, братучедите, кумовите, ортаците...

Да ја парафразирам Катица Јанева, 25 години по донесувањето на Уставот, во Македонија не остана ни ред ни поредок, ни закон, ниту институции. Прашање е дали воопшто остана нешто што може да се нарече држава?

Доколку некој имаше дилема за тоа каква држава е Македонија и кој раководел со неа во последните 10 години, прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство ги разби сите илузии. Никаков спин, демант или критика на сметка на СЈО кој доаѓа од владејачката партија повеќе не може да убеди никого при здрав разум за вистинската природа и обемот на лудилото со кое ја обвиткаа држава. Освен оние „убедените“, се разбира, чија слобода, бизнис или работно место зависи од одржувањето на клептократската власт.  Приказните за жолтите комбиња не можат да ги прочитаат веќе ни оние со најрозови очила.

Дури ни правната терминологија: злоупотреба на службена должност и овластување; не ја опфаќа во себе сета монструозност на лудилото: звучи некако бледо, речиси невино пред грандиозноста на злоупотребите. 

Темно е и страшно во Македонија. Земја во која судбината на поединци и на државата ја одлучуваат „лудаци“, да парафразирам уште еден поранешен, прислушкуван, министер. Излезот од тоа лудило ќе биде само непречената, долгогодишна работа на СЈО, и целосна реконструкција на комплетниот државен систем и институции, т.е. она што останало од него. СЈО со соопштеното на 18 ноември постави „Таргет“- на мета се корумпираните, зајдени властодршци од изминатата деценија, но целта треба да биде тие никогаш да не и се повторат на Македонија.