Украина: Тежок почеток на неделата на кризни состаноци
11 јануари 2022Единственото позитивно нешто што може да се забележи е дека средбата меѓу американскиот заменик државен секретар Венди Шерман и нејзиниот руски колега Сергеј Рјабков во Женева воопшто се случи. За сѐ друго во конфликтот во Украина важи принципот на надеж. Имено двете страни, судејќи според изјавите на Рјабков и Шерман по повеќе од осумчасовната средба, останале цврсто на своите претходно изнесени позиции.
Рјабков изјави дека двете земји имаат „на некој начин спротивставени ставови за тоа што треба да се направи“. Од своја страна, неговата американска колешка Венди Шерман рече дека американската страна застанала цврсто пред руските барања, на пример за обврзувачко отфрлање на членството на Украина во НАТО. Уште пред состанокот, Шерман јасно стави до знаење дека нема да има дискусии за европската безбедност без другите сојузници.
„Москва нема намера да ја нападне Украина“
Рјабков по преговорите во Женева меѓутоа нагласи оти „ситуацијата не е безнадежна“, но дека САД не би требало да ја „потценат“ опасноста од конфликт. Русија е задоволна од „сериозноста“ со која Американците го примиле барањето да ѝ биде гарантирана безбедност пред НАТО, рече рускиот заменик министер за надворешни работи, дополнително уверувајќи дека Москва нема намера да ја нападне Украина.
Во заднината на тензиите е распоредувањето на речиси 100.000 руски војници на украинската граница. САД и Европејците предупредуваат од руска инвазија на Украина. Русија ги негира плановите за инвазија, но го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година.
Повеќе: Путин триумфира, Западот конферира
Заменичката на државниот секретар на САД, Венди Шерман, по состанокот во Женева, изјави оти Русија не успеала да „пружи одговор“ на барањето на САД за смирување на напнатоста на руско-украинската граница.
Таа за новинарите изјави дека Москва би можела да го започне „смирувањето на напнатоста“ со враќање на војниците во касарните кои во последните недели беа на границата.
Состанок НАТО-Украина во Брисел
Руско-американските разговори за безбедносните гаранции ги предложи Москва, која порано на Вашингтон и на НАТО им предаде нацрти за безбедносни документи во кои се бара Алијансата да не ја прими во членството Украина и другите земји кои некогаш беа дел од СССР, како и да се откаже од разместување на силите и на воената опрема во централна и источна Европа.
Меѓутоа, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел изјави дека Алијансата нема да влијае на правото на самоопределување на државите во Европа. Пристапувањето во НАТО е единствено одлука на Украина и на земјите-членки на Алијансата, рече Столтенберг. Истовремено, Столтенберг ја предупреди Русија од воена агресија врз Украина. Тоа би имало несогледливи политички и економски последици, изјави Столтенберг по вчерашниот состанок НАТО-Украина.
Кризни состаноци до крајот на неделата
Украинската вицепремиерка Олга Стефанишина на заедничата прес-конференција со Столтенберг рече дека Русија, како агресор, нема право да поставува никакви барања.
Во поглед на сите кризни разговори со руските претставници во текот на оваа седмица, Столтенберг зборуваше за „важна недела за безбедноста на Европа“.
Имено Советот НАТО-Русија ќе се состане во среда, а Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во која членува и Русија, ќе се состане во четврток. На крајот на неделата се очекува претставници на САД и на Русија повторно да разговараат за тоа како понатаму во актуелната криза.