1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Терор во Барселона, ужаснатост ширум светот

СН/ агенции
18 август 2017

По терористичкиот напад во центарот на Барселона, пристигнуваат пораки на поддршка и солидарност од целиот свет. „Цела Шпанија е Барселона“ пак порача кралското семејство во Мадрид.

https://p.dw.com/p/2iRWo
Spanien Barcelona Terroralarm | leere Plaza de Catalunya
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Шпанскиот кралски двор остро го осуди смртоносниот терористички напад со комбе во Барселона, нарекувајќи ги напаѓачите „убијци, обични криминалци кои нема да не’ тероризираат“. Во соопштението на кралскиот двор, кое е објавено преку Твитер, се додава: „Цела Шпанија е Барселона, Ла Рамбла повторно ќе биде за сите“.

Во порака преку Твитер шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека „терористите никогаш нема да го уништат обединетиот народ кој повеќе сака слобода од варварство“ и оти „цела Шпанија е со жртвите и нивните семејства“.

Амерканскиот претседател Доналд Трамп го осуди терористичкиот напад во Барселона во кој загинаа 13 лица и им вети помош на шпанските власти. „САД го осудуваат терористичкиот напад во Барселона. Ќе сториме сѐ што е неопходно да помогнеме“, напиша Трамп на Твитер и додаде: „Бидете храбри и силни. Ве сакаме!“

Spanien | Lieferwagen fährt in Barcelona  in eine Menschenmenge | Polizei und Forensiker untersuchen den Tatort
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон рече дека САД се „подготвени да им помогнат“ на шпанските власти по нападот во Барселона. „Терористите ширум светот мораат да знаат оти САД и нивните сојузници се одлучни да ги пронајдат и да ги изведат пред лицето на правдата“, изјави Тилерсон на пресконференцијата со својот јапонски ресорен колега Тар Кон и министрите за одбрана на двете земји.

И германската влада го осуди нападот во Барселона. „Нашите мисли се со жртвите на ужасниот напад, изразуваме солидарност и пријателство со Шпанците“, наведе портпаролот на германската влада Штефeн Зајберт. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел истакна дека е длабоко потресен и порача дека Германија и Шпанија нема да потклекнат пред тероризмот .

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази „солидарност на Франција со жртвите од трагичниот напад во Барселона“.  „Сите мои мисли се упатени кон жртвите од трагичниот напад во Барселона. Остануваме обединети и решителни“, напиша Макрон на Твитер.

Spanien Barcelona Lieferwagen fährt in Menschenmenge
Фотографија: Imago/Agencia EFE/A. Dalmau

И министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан и државната секретарка за европски работи Натали Луазо, изразија „солидарност со жртвите како и со шпанските власти и народот“.

Британската премиерка Тереза Меј изјави оти нејзината земја е „солидарна со Шпанија против тероризмот“ по нападот во Барселона. „Моите мисли се со жртвите на ужасниот напад во Барселона и со службите за итна помош (...) Велика Британија е солидарна со Шпанија против тероризмот“, напиша Меј на Твитер. Британија и самата беше цел на повеќе напади од почетокот на годинава.

Поглаварот на Римокатоличката црква изрази „голема загриженост“ поради нападот во Барселона и се помоли за жртвите. Папата Франциско им изрази сочувство на семејствата на загинатите и со големо внимание го следи развојот на настаните во Барселона, соопшти Ватикан.