Тирингија ја затресе владата на Меркел
28 октомври 2019Партијата Левица на изборите во Тирингија освои најмногу гласови - 31 процент, втора е популистичакта Алтернатива за Германија, АфД со 23.4 проценти.
Повеќе од 11 процентни поени изгуби ЦДУ во Тирингија и достигна едвај 22 проценти. Уште полош е резултатот за СПД. Во споредба со изборите од 2014 година, изгуби речиси третина од гласовите и сега има едвај осум проценти. Ако се соберат гласовите, ни третина од вкупниот број на гласачите не дале свој глас за двете партии кои во Берлин со ЦСУ ја формираат „големата” владина коалиција. Таков пример немало во германската поствоена историја. „Денес е лош ден за ЦДУ", изјави Паул Цимијак, генералниот секретар на партијата на изборната вечер во Берлин. За разочарувачки резултат зборуваше и шефицата на СПД, Малу Драјер. Врвните политичари во Берлин делуваат безидејно. Притоа оној што ги бара причините за неуспех е доволно само да ги праша гласачите. Во анкета на Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест Димап по налог на Првата програма на германската телевизија АРД, повеќе од три четвртини од луѓето во Тирингија се изјасниле дека ЦДУ и СПД на сојузно ниво повеќе се грижеле за личности и функции отколку за политички содржини.
Програмирани се кавги и превирања
Кога денеска по изборите ќе се сретнат врвните политичари од партиските централи на владејачките партии, веројатно ќе биде „весело”. Во големата коалиција нервите им се на крај. Сојузот е далеку од тоа да може стабилно да владее. И натаму е нејасно во кој правец се движи СПД политички. Членовите со месеци бараат нов претседател на партијата. За прв пат за тоа ќе решаваат сите членови од базата. А, тоа трае. Откако во првиот круг не дојде до јасен победник за функцијата, во ноември ќе има повторно гласање меѓу два тима со различни ставови. Тоа ќе биде одлука која ќе даде нов правец на партијата. Тимот на министерот за финансии Олаф Шолц и политичарката Клара Гајвиц од Бранденбург сака и натаму партијата да остане дел од сојузната влада. Тимот на пратеничката од Бундестагот Заскија Ескен и поранешниот министер за финансии на Северна Рајна Вестфалија, Норберт Валтер Борјанс размислува за напуштање на коалицијата.
Надворешнополитички гаф
Социјадемократите се видливо нервозни и реагирираат сензитивно на сѐ. Ова беше забележано минатата недела кога шефицата на ЦДУ и министерка за одбрана Анегрет Крамп – Каренбауер без претходни консултации во владата со колегите од СПД и министерот за надворешни работи Хајко Мас, предложи меѓународна безбедносна зона за Сирија. СПД реагираше налутено, а Мас се реваншираше јавно одбивајќи го предлогот во саботата на прес конференција со турскиот колега во Анкара. Христијанскиот демократ, министерот за економија Петер Алтмајер налутено реагираше на Твитер дека од странство не се критикува ниту еден политичар од опозиција или сопствената влада. Генералниот секретар на ЦДУ Цимијак за берлинскиот „Тагесшпигел“, изјави дека Мас „очигледно повеќе се грижи за сопственото расположение во Турција отколу за ситуацијата на луѓето на северот од Сирија." Очигледно е дека СПД се бори за „својот политички опстанок“ и тоа им „е главна занимација“, критикува претседателот на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот, Норберт Ретген (ЦДУ).
Капацитетот на СПД доведен во прашање?
„Ова води кон тоа дека СПД практично за се`, за секоја тема и пред се` за работите поврзани со тешки теми одлучува од гледна точка на внатрешно политички натпревар и борба за преживување“, изјави Ретген во Берлин пред Здружението на странски новинари во Германија. „Или кажано со дипломатски речник – оваа борба за преживување на СПД ќе има влијание и врз надворешнополитичкиот капацитет на оваа партија.“
Но и во СПД се шират многу гласини. Крамп – Каренбауер има големи потешкотии да се профилира како претседател на партијата. Особено поради тоа што сака да ја наследи Ангела Меркел и како канцелар. При тоа внатрешнопартиската конкуренција секако не седи со скрстени раце. Нејзиниот заменик Армин Лашет често јавно ја критикува партиската шефица поради односот кон случувањата во Сирија.
Накаде се движи владината коалиција?
На 30 ноември треба конечно да се знае кој ќе ја води СПД. Потоа ќе следи среднорочен биланс во кој владата дава отчет за досега сработеното. Партиите сакаат да направат политичка проценка според реакциите дали – како што беше претходно планирано – да продолжат да работат заедно до 2021 година. СПД ќе одлучува за ова на партискиот конгрес на почетокот од декември.
Доколку одговорот е негативен, тогаш Германија ќе се соочи со бурен период. Во таков случај не се исклучени ни нови избори. Иако сојузната држава не може да се спореди со малата Тирингија, сепак уште сега може да се претпостави дека по парламентарните избори сигурно нема да биде лесно да се формира владино мнозинство. Очигледно е дека времињата во кои двете најголеми партии ја имаа поддршката од мнозинското население, се завршени.