1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба ли да очекуваме нов Тјенанмен во Хонгконг?!

22 ноември 2019

Влез на армија и тенкови за да се сруши протестот би можело да произведе негативни реакции кај останатата средна класа во Кина, која во поразителните слики од Хонгконг би видела и сопствен пораз. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3TVpI
Hongkong Demonstranten versuchen die Polytechnische Universität zu verlassen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Vincent Yu

Запрашан што мисли за влијанието на Француската револуција, некогашниот кинески премиер и почитуван дипломат Зоу Енлаи ќе одговори: Прерано е да се каже!

Веќе неколку децении, или барем од големото отварање на Денг Ксиаопинг кон капитализмот,  експертите за Кина предвидуваа дека порастот на богатството и благосостојбата евентуално ќе предизвикаат политички, социјален и општествен немир во земјата, и дека тоа ќе се преточи во некои подемократски форми на владеење.

Мислењето кое преовладуваше беше дека еднаш кога се создаде поголема средна класа Кинезите ќе бараат некој вид на партиципативна демократија и дека социјалните немири ќе бидат најголемиот предизвик за владејачката номенклатура.

Меѓутоа сведоци сме дека првата декада од 21-от век помина во Кина без некоја посериозна закана по нејзиниот авторитативен модел. Напротив, во втората декада, особено под владееење на Ши Џипинг бевме сведоци на дополнително стврднување и затворање на системот, кој веќе и онака доживува сериозен недостаток од демократски легитимитет и се помал општествен консензус.

Како и да е, социјалните немири и демократските барања насилно еруптираа во Кина, но не од самата внатрешност на некогашното „Средно Кралство“, туку од Хонгконг.

Ескалација на протестите

Додека ова го пишувам драматичната полициска опсада на кампусот на Политехничкиот универзитет во Хонгконг, во кој останаа забарикадирани уште неколку десетици демонстранти, сѐ уште трае. Ова е само најновата хаотична епизода во шесте месеци од почетокот на масовните протести. Во целата растечка тензија  демонстрантите и полицијата почнаа да прибегнуваат кон сѐ поголемо насилство,  а овој месец паднаа и првите две жртви. На 8 ноември еден студентски демонстрант почина откако при судир со полицијата падна од катна гаража, а на 15 ноември 70-годишен чистач загина откако демонстрантите го погодија со „тврд предмет“.

Хонгконшката полиција најавува дополнително зголемување на притисокот и се заканува со употреба на боева муниција. Но, уште сега е видливо дека зголемениот притисок од страна на полицијата води кон се` поголемо насилство на демонстрантите. Голем број граѓани на Хонгконг порано мирно демонстрираа против растечкото влијание на Пекинг и бараа поголемо демократско соодлучување, но денес  протестите се драматично радикализирани  и светот се прашува дали треба од Пекинг да очекува еден нов Тјенанмен.

Hongkong Ein Pastor im Hilfseinsatz bei den Protesten
Фотографија: Reuters/K. Kyung-Hoon

Од анализата на тоа како Кина се однесува кон оваа внатрешна криза, иако Хонгконг се уште е далеку од вистинската внатрешност на земјата, особено поради постколонијалниот статус на градот опишан како „една земја, два системи“, можеме многу да разбереме за денешниот растечки статус и самодоверба на Пекинг, како на домашен план, така и во своите проекции како глобална сила.

Прашањето е зошто и покрај доста драматичното насилство кое светот го следи веќе 6 месеци, не сме сведоци на крваво задушување на бунтот? Зошто Ши Џипинг не ја испрати војската во Хонгконг? Дали можеби Пекинг е мудар што стравува од испраќање на тенкови? Зошто Хонгконг се уште не е новиот Тјенанмен?!

Клучни разлики

Тука треба да се прашаме и по што овој бунт и овие протести се различни од оние од пред 30 години, кои крваво беа прегазени со тенкови во срцето на Пекинг? Главните протагонисти на протестот и денеска се истите – како и некогаш, студентите се срцето и душата на демократскиот протест и повик.

Од друга страна треба да видиме што е тоа што Ши Џипинг го воздржува од употребата на истите методи како оние на Денг Ксиаопинг, особено ако земеме во предвид дека актуелниот лидер на Кина минатата година си изгласа доживотен мандат и во надворешната политика ја напушти долгогодишната традиција на внимателност карактеристична за пост - Мао ерата. Актуелниот претседател нема ништо „демократско“ во себе, напротив, гордо се декларира како комунист со цел да го нагласи своето неприкосновено лидерство над партијата и земјата. Но, далеку од само партиски лидер, Џипинг денеска ги инкарнира сите карактеристики на нов кинески император. Како и да е, дали поради страв на системот да го зголеми влогот и да ги повтори грешките од минатото, факт е дека Џипинг до сега покажа попустливост низ сила, добра доза на трпение и доста силни нерви. Дали во иднина тоа ќе биде случајот, останува да видиме.

Разликата со таа кобна 1989-та година, која комунистичкиот режим и понатаму има проблем објективно да ја согледа и да ги признае своите грешки, денеска е огромна. Во 1989 година Кина беше многу посиромашна и многу послабо развиена. Иако повеќе од една деценија претходно Кина ќе успее да се отвори и кон Америка, пред се` благодарение на Никсон и Кисинџер, транзицијата кон пазарната економија во тоа време се наоѓа се` уште во својата ембрионална фаза. Трошоците на транзицијата во тоа време беа далеку поголеми од бенефициите за кинеската економија и општество: масовните отпуштања од државните фирми и опасна инфлација драматично ја намалуваат куповната моќ на работничката класа.

Потоа се случува падот на Ѕидот и распадот на Советскиот блок. Кинеското раководство е тероризирано од преседанот на Горбачов, од неговата Гласност и Перестројка. Тогаш, Денг Ксиаопинг го одбра сосема спротивниот пат од оној на последниот лидер на СССР. На Тјенанмен крваво беше задушен секој обид за политичка реформа во Кина. Наместо тоа ќе се забрзаат економските реформи, а Денг беше доволно итар да ги отвори вратите на партијата, тој нов Забранет град, и на раководните позиции да ги октроира сите категории кои беа носители на протестот: пред се урбаната буржоазија и високообразованите. Одеднаш за голем број на Кинези се отворија дотогаш незамисливи можности и посветла иднина. Слободни да уживаат во нивните економски слободи, навиките и традииците, како и слободни да патуваат во странство.

Таквиот кинески предизвик, една пософистицирана верзија од фамозната изјава на Мао, дека првата обврска на Кина е да ги нахрани со шака ориз сите свои граѓани, да се излезе од економската мизерија беше оддалеку постигнат, па дури и изненадувачки надминат. Денес Кина објективно има статус на суперсила и економија која е еднаква на онаа американската. Во одредени сектори Кина го има надминато Западот. Кина повеќе не е светската фабрика, дестинација на оутсорсинг и евтина работна сила, и веќе е понапред од сите останати во вештачката интелигенција, роботиката и на полето на суперкомјутерите. Нејзиниот империјалистички проект, новиот „Пат на свилата“ или како некои го нарекуваат „Појас и Пат“, веќе е во напредна фаза. Кина веќе масовно извезува инфраструктура, технологија и модернизација од Азија до Африка, од Персискиот Залив до Балканот. Илјада милијарди инвестиции, вистински евроазиски Маршалов план, во време кога Америка се` повеќе се изолира од светот, Европа е се` повеќе поделена, а Русија глуми суперсила која повеќе не е.

Мека моќ

Заклучокот кој се наметнува од се ова, е дека Народната Република повеќе нема никаков комплекс на инфериорност. Со други зборови, далеку повеќе од Путин, Џипинг е тој кој што на светот му нуди алтернативен владејачки модел и политички систем. Авторитарен, патерналистички, засилен со масивно следење на граѓаните, и каде безбедносните гаранции и благосостојбата на граѓаните доаѓаат како награда за политичката послушност и јавната понизност.

Теоријата на Џипинг е дека неговиот политички систем е поефикасен од намалените ресурси и нестабилностите на демократиите во стагнација. Сега повеќе од очигледно е дека овој модел не функционира кај младите луѓе од Хонгконг и дека тие не го прифаќаат. Нивниот протест е коска во грлото на Пекинг и новиот кинески триумфализам.

Ако ја следиме официјалната комунистичка пропаганда ќе видиме дека се` уште се потпираат на мека моќ, или поинаку кажано, Пекинг отрива дека има како инструмент и мека моќ. Според партиската пропаганда, младината во Хонгконг е очајна затоа што Британците никогаш за време на своето владеење и се` до 1997 година, вистински немаат воспоставено демократија. Според Пекинг, Хонгконг е во рацете на дрски и лакоми капиталисти. Пазарот на недвижнини е до тој степен шпекулативен што млад човек со високо образование не може да си дозволи живеалиште во градот. Конкурентната работна сила пак од остатокот од Кина, прави Хонгконг повеќе да не е толку централен во кинеската економија. И мора да се признае дека и во комунистичката пропаганда има понекоја вистина.

Тоа што работи во прилог на Џипинг е што Хонгконг се има претворено во маргинална или периферна економија за цела Кина. Хонгконг, иако и понатаму важи за важен космополитиски и финансов центар, ни приближно не е златната кокошка за кинеската економија како што беше пред 2 децении. Инвестициите и бизнисот повеќе не патуваат само преку Хонгконг.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

За кинескиот крал приказната би била сосема поинаква кога сличен протест би се појавил во Пекинг или во Шангај, но засега бунтот од Хонгконг не се покажува како заразен за остатокот од Кина. Мнозинството Кинези на демострантите од Хонгконг гледаат како на разгалени детишта, насилници и предавници кои симпатизираат со Западот. А Западот е многу внимателен во осудите кон Кина, свесен дека има доволно сопствени проблеми. Дури и Америка е претпазлива. Иако  Претставничкиот дом на САД даде зелено светло за предлог законите за поддршка на протестното движење во Хонгконг,  кои претходно беа одобрени и од Сенатот, останува претседателот Трамп да одлучи дали ќе ги потпише или ќе стави вето. Америка на Трамп ќе биде многу внимателна да ги наруши трговските преговори кои се во тек со Кина на темата за човековите права.

Со други зборови, односот на силите помеѓу Хонгконг и Пекинг денеска е превртен. Во време кога Велика Британија го предаде Хонгконг на Кина, екс колонијата важеше за најсјаниот излог на модерноста, ефикасноста, финансиите и космополитизмот. Хонгконг беше клучната финансиска платформа за соработка и бизнис помеѓу Кина и остатокот од светот.

Претходни колумни од авторот: 

Малошенгенска унија, мало сутра!

Пендаровски – прво државник, потоа политичар

Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај

Денес Хонгконг каска зад кинескиот змеј.  Се разбира дека евентуално испраќање на војската би бил сосема погрешен потег за Пекинг, нешто што драматично би го нарушило имиџот на земјата и проекцијата на Џипинг како непогрешлив лидер. Што пак кажува дека Кина сака да ја задржи својата новооткриена мека моќ и дека одлуката на Џипинг да делува умерено се базира само на ладнокрвна политичка калкулација. Станува збор за една студена реалполитичка анализа на реалноста. Влезот на армија и тенкови со цел да се сруши протестот би можело да произведе негативни реакции кај останатата средна класа во Кина, кои во поразителните слики од Хонгконг би го виделе и сопствениот пораз.

Размислување на долги патеки

Но, тоа не значи дека идејата не може да се промени. Светот гори од Чиле до Либан, протести има во Париз како во Барселона. Тоа би можело да отргне голем дел од вниманието на Западот од внатрешните случувања во Кина.

Останува фактот дека во епохата на опаѓачката моќ на Америка, процес кој ќе биде бавен и можеби реверзибилен преку постапките на некои идни американски претседатели, Кина и во состојба на национална криза се открива како многу самоуверена и без комплекси. Економскиот раст е во благ пад, сега е второрастечка земја по Индија, но со три пати поголема економија. Ако партиското раководство под Џипинг пронајде начин како да го надмине недостатокот на демократски легитимитет и отсуството на општествен конзенсус, тогаш тешко би било замисливо како би се запрела кинеската проекција во се` поголема и помоќна глобална сила.

Останува чувството и длабочината од зборовите на Зоу Енлаи, без разлика дали фамозниот одговор за Француската револуција всушност се однесувал на протестите од 1968 година, а тоа е дека Кина го има сето време на овој свет, и дека нејзините лидери размислуваат низ призмата на децении и векови, за разлика од кратковидните и брзоплети западни лидери.