Турски и сириски војници во Либија?
24 јануари 2020Од донесувањето на одлуката до фактичкото турско присуство во Либија не траеше долго: лани во ноември либиската и турската влада склучија договор, а на 2 јануари турскиот парламент даде согласност за воената мисија. Кратко потоа, според наводите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во Либија биле испратени 35 турски војници. Други пак зборуваат за бројка од 80 војници. По одлуката, владиниот портпарол Омер Џелик изјави:
„Ве молам, не прашувајте ме за детали. Не би било во ред доколку наведувам бројки и контигенти поврзани со нашата војска. Од една страна од причина што не сакаме на тој начин да се загрозува безбедноста на нашите војници, а од друга страна поради ефикасноста на нашите тамошни задачи. Ние не сме присутни во Либија за да водиме битки со некоја страна во конфликтот. Турските војници ќе ги обучуваат единиците на легитимната, меѓународно призната влада.“
Турција, како што јавуваат повеќе странски медиуми, испратила дополнително околу 2.000 свои војници во Либија. На интернет постојано се појавуваат видео снимки и фотографии кои наводно покажуваат борци на пат кон Либија или при нивното тамошно пристигнување.
Според сириската Опсерваторија за човекови права, овие војници потекнуваат меѓу другото од регионот Африн во северозападна Сирија. Овој регион е под контрола на турските сили или нивни сојузнички групи. Се вели дека дел од овие војници се радикални исламисти. Опсерваторијата за човекови права тврди дека моментно во Турција се наоѓаат уште околу 1.700 милиционери на обука. Владата во Анкара ги демантира ваквите извештаи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган официјално се осврна на војниците ангажирани во обука и координација единствено пред полетувањето на самитот за Либија во Берлин, зборувајќи за позитивниот развој на настаните во Либија:
„Турција, сеедно дали со своето присуство таму на теренот или по дипломатски пат, со својот ангажман во Либија стана клучна за мирот во оваа земја. По прогласувањето на прекин на огнот на 8 јануари во Истанбул, заедно со рускиот претседател Владимир Путин, Либија повторно мирува. Овие напори го подготвија и тлото за самитот во Берлин.“
Повеќе:
Зрак на надеж за старата добра дипломатија
Либија: Меркел ја бидува за кризи
Кој може да донесе мир во Либија?
За наводното присуство на сириски војници во Либија курсираат многу гласини. Се тврди дека платениците добиваат по околу 2.000 долари месечно. Некои набљудувачи сметаат дека нив ги плаќа директно војската на либиската влада, други пак сметаат дека за нивниот ангажман плаќа Турција. Постојат и гласини дека ним им е ветено добивање турско државјанство по завршената работа. Но, не само на можниот ангажман на сириски војници, туку и на целата операција во Либија, во Турција некои гледаат со критички очи. Во нив спаѓа и турскиот новинар Хакан Аксај:
„Наместо да се сведе биланс и потоа да се изврши промена на курсот во надворешната политика или да се посегне по други, дипломатски мерки, Турција во еден вид панична состојба притиска на сите копчиња истовремено, презема ризични потези. Според мое мислење, мисијата во Либија е еден од тие ризични чекори. Тоа е погрешна одлука, која на Турција допрва ќе и` предизвикува главоболки.“
На конференцијата во Берлин, посветена на Либија, турскиот претседател, заедно со останатите учесници, се изјасни во прилог на траен прекин на огнот во Либија и повлекување на сите странски сили од земјата. Но, до кога тоа треба да се случи и кој ќе го контролира повлекувањето, се само некои од неодговорените прашања. Во нив спаѓа и ова: кој ќе се погрижи да бидат повлечени и војниците - платеници?