1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туск: Историјата на Балканот е како „Игра на тронови“

БГ /АФП
12 јануари 2018

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск синоќа предупреди од задкулисни политички игри на Западниот Балкан, говорејќи за обидот Брисел да изгради поблиски односи со земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ

https://p.dw.com/p/2qjUC
Belgien EU Gipfel in Brüssel | Donald Tusk
Фотографија: Reuters/P. Noble

Европската Унија се обидува да го искористи шестмесечното бугарско претседавање со ЕУ за да се спротивстави на влијанието на Русија, Турција и други земји во немирниот регион. Говорејќи на бугарски јазик на церемонијата во Софија, Туск ја спореди историјата на Балканот со популарната ТВ серија „Игра на тронови“.

Говорот кој ги „стопи“ срцата на Бугарите

„Историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од сценариото на Игра на Тронови, иако во неа нема змејови. Сите посакуваме сегашноста и иднината на Балканот да биде како помалку драматично сценарио“, рече Туск.

„Стабилност, безбедност, напредок - тоа е она што го заслужуваат луѓето од целиот регион. А целта на ЕУ е да го направи ова сценарио реалност“, додаде претседателот на Советот на ЕУ. 

Повеќе на темата: 

Нови ветувања од Европската унија за Западен Балкан 

По пораките на Туск: ЕУ ја запиша Македонија, Иванов ја отпиша

Бугарија, Романија, Словенија и Хрватска се единствените земји од регионот кои добија членство во ЕУ досега. Софија се надева дека ќе го искористи претседавањето за да ги забрза преговорите со Србија и Црна Гора, и да им помогне на Македонија и Албанија да се приближат до започнување на преговорите. Бугарија ќе биде домаќин и на првиот самит ЕУ-Балкан во мај година, по пауза од 15 години.

Но регионот се повеќе запаѓа во проблеми со меѓусебни спорови, корупција и организиран криминал.

Русија, во меѓувреме, ги засилува напорите за санирање на сопствените неуспеси во регионот во кои спаѓаат влезот на Црна Гора во НАТО и оддалечувањето на македонската влада од претходниот проруски став.

„Европеизација на Балканот е неопходна за да се спречи балканизација на Европа“, предупреди неодамна бугарскиот премиер Бојко Борисов.