1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Убиството на Јан Куцијак: Што знаеше државата?

Кено Верзек
21 февруари 2019

Една година по убиството на словачкиот новинар случајот е само делумно расветлен.Најновите информации од истрагата и извештаите на словачките медиуми го отвораат прашањето за евентуална вмешаност и на државата?

https://p.dw.com/p/3Dlnf
Slowakei | Tausende bei Kundgebungen für ermordeten Journalisten in Bratislava
Фотографија: Reuters/R. Stoklasa

Тоа беше убиство кое длабоко ја потресе Словачка и предизвика голем шок во светот: пред една година на 21 февруари 2018 година истражувачкиот новинар Јан Куцијак беше убиен заедно со неговата свршеница Мартина Куснирова. Двајцата имаа по 27 години. Тие беа егзекутирани во нивниот дом во главниот град Братислава. Откако беше откриено убиството, бидејќи неколку денови тие немале контакт со семејството, на полицијата и беше јасно: убиството на Куцијак и неговата свршеница речиси со сигурност е поврзано со истражувачките стории на кои работеше новинарот.

Убиство за да се сокрие вистината – тоа длабоко шокираше многу луѓе во Словачка и отвори сомнеж дали тие навистина живеат во една вистински правна држава. Една година подоцна ваквото чуство е речиси непроменето. Навистина убиството е делумно расветлено, осомничениот убиец и останатите соучесници се уапсени. Но, постојано се отвораат нови детали за можна вмешаност на државата.

Загубена доверба во државата

Словачкиот претседател Андреј Киска, за многумина човек кој важел како "совеста“ на држвата, неодамна го загуби вакиот имиџ поради едно буквално предупредување: луѓето очекуваат пристојност од политиката и правдата во земјата, во спротивно не може да и веруваат на државата, предупреди Киска на една парламентарна церемонија по повод изборот на нови уставни судии.

Повеќе:

-Уапсени осомничените убијци на новинарот Јан Куцијак

-Словачка - земја со „мафијашки структури“?

-Криза во Словачка: Пелегрини- нов премиер наместо Фицо

Својата доверба во државата многу Словаци ја загубија и поради истражувањата на Куцијак. Кратко по неговото убиство се отворија многу работи: Куцијак меѓу другото откри дека Мариа Троскова, една советничка и наводна љубовница на тогашниот премиер Роберт Фицо, е деловен партнер и поранешна девојка на еден италијански мафијаш кој живеел во источна Словачка. Тоа беше повод за оставка на Фицо само неколку недели по убиството, која следеше по оставката на министерот за внатрешни работи Роберт Калинак. Во тоа време многумина аналитичари сметаа дека Куцијак е жртва на мафијата.

Во меѓувреме доказите упатуваат во друга насока. Измината есен беа уапсени наводниот убиец и уште три лица, меѓу кои и една жена со име Алена Зс., која наводно посредувала во налогот за убиство. Многу индиции укажуваат дека нарачател е бизнисменот Мариан Коцнер. Тој од минатиот јуни е во притвор поради различни случаи на економски криминал. Коцнер уште есента 2017 година му се закани телефонски на Куциак дека "ги следи" него и неговото семејство. Куцијак го пријави во полиција, но ништо не беше преземено.

Journalisten in Mittel- und Osteuropa | Jan Kuciak (Slowakei)
Фотографија: Getty Images/AFP/Simicek

Вмешаност на највисоко ниво?

Минатата есен еден сведок во врска со убиството, поранешниот разузнавач Петер Тот на истражителите им изјави дека го следел Куциак по налог на Коцнер. Во врска со ова словачките медиуми пишуваа дека Куцијак неколку месеци пред неговото убиство бил прислушуван од полицијата по лична наредба на тогашниот прв човек на полицијата, Тибор Гаспар. По убиството на Куцијак, Гаспар си поднесе оставка. Тој негираше било каква вмешаност во убиството, како и наредбата за прислушување на Куцијак. Но, поради аферата Гаспар мораше да се повлече и од советничката функција на министерката за внатрешни работи Дениса Сакова. Останува да лебди сомнежот дека словачкото подземје и државата заеднички го следеле Куцијак и дека високи државни функционери во најмала рака знаеле за плановите за убиство.

Ваквиот сомнеж се потврдува преку нови сознанија од истрагата. Според словачките медиуми, осомничената посредничка Алена Зс. подолго време била во редовен контакт со повеќе високорангирани политичари и функционери, меѓу другото и со заменик јавниот обвинител Рене Ванек – и тоа речиси се до пред нејзиното апсење. Ванек во меѓувреме призна дека „четувал“ со Алена Зс. поради што беше сменет. Дали во нивните разговори разменувал и државни тајни е нејасно. Тој тврди дека не знаел ништо во врска со план за убиство на Куцијак.

Словачката политика е чудно непогодена од ваквите настани. Премиерот Петер Пелегрини кој го наследи Фицо по оставката е навистина политичар кој ужива одреден степен на симпатии, бидејќи важи за некорумпиран и нема толку агресивен и поларизирачки настап како Фицо. Но, нему му се префрла дека е само извршител на наредби на Фицо, исто како и на министерката за внатрешни работи Дениса Сакова која важи за марионета на екс-министерот Роберт Калинак.

Slowakei Ministerpräsident Robert Fico
Поранешниот словачки премиер Роберт ФицоФотографија: Getty Images/AFP/V. Simicek

Владата не презема ништо

Се на се, владеачката коалција составена од социјалдемократската партија СМЕР на Фицо, десно-националистичката СНС и партијата на унгарското малцинство Хид-Мост практично ништо не презема за да извлече поуки од случајот со убиството и да ги расчисти коруптивните афери за кои пишуваа Куцијак и други словачки новинари.

Напротив: во моментов во парламентот е поднесен предлог закон со кој политичарите треба да добијат речиси неограничено право на одговор, кога медиумите пишуваат за нив. Ако тој биде усвоен, тогаш медиумите во иднина ќе имаат пред се една задача: секојдневно да објавуваат десетици изјави од политичарите. Словачкото „Здружение на издавачи на печатени медиуми“ (АВТ) силно протестираше против ваквите мерки.„ На тажната годишнина (од убиството на Јан Куцијак) за жал мораме да заклучиме дека ништо не е преземено да се заштитат новинарите и да се подобри нивната безбедност."