Украински борец од Азовстал го моли Илон Маск за помош
12 мај 2022Командирот на 36-та украинска маринска бригада, Сергиј Волина, вчера преку Твитер му се обрати на новиот сопственик на компанијата: „Помогнете ни да излеземе од Азовстал во трета земја. Кој, ако не Вие?“
Волина, чија единица со недели е под опсада во фабриката за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол, додава дека отворил профил на Твитер специјално за да му се обрати на Маск. „Велат дека доаѓате од друга планета за да ги научите луѓето да веруваат во неможното. Нашите планети се една до друга, јас живеам онаму каде речиси е невозможно да се преживее“, пишува Волина. Тој упатува повик „до секој човек на планетата Земја“, да придонесе за Маск да го чуе неговиот апел.
Ситуацијата на опколените борци во Азовстал е драматична. Во подземните тунели се наоѓаат, според украински извори, преку илјада борци, последните бранители на стратешки важното пристаниште, над кое, освен челичарницата, контрола презеде руската војска.
Украинското раководство на Русија ѝ предлага размена за опсадените борци во Азовстал за заробени руски војници. Преговорите околу тоа се во тек, потврдила вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, како што пренесува „Украинскаја правда“, но уште нема договор.
Во последниве денови во јавноста излегуваат сѐ повеќе детали за страдањата на ранетите украински борци во Азовстал, каде снемува храна, вода и лекови.
Русија во повеќе наврати побара капитуалација на борците во последниот бастион на украинските трупи во Мариупол, но тие тоа категорично го одбија. Од Азовстал во изминатите денови беа извлечени неколку стотици цивили, кои повеќе недели поминаа во засолништата под земја.