1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: На чекор сме до полициски час

ДТЗ /ДВ
19 октомври 2020

Комисијата за заразни болести предлага нови рестриктивни мерки- сите ќе работат до 23 часот, јавниот превоз ќе биде исполнет до 50%, а администрацијата да работи од дома. Филипче предупредува од полициски час.

https://p.dw.com/p/3k8YA
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Комисијата за заразни болести утре ќе ѝ предложи на Владата нови рестриктивни мерки кои ќе опфатат ограничувањето на работата на сите економски оператори до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, општини и судови, работниот процес да се одвива во смени, онлајн од дома или по систем на ротации. Министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ги презентираше новите мерки, смета дека со тоа ќе се намали и притисокот врз јавниот превоз.

„Ситуацијата е навистина сериозна. Следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили да го избегнеме тоа, доаѓаат уште постудени зимски месеци. Верувам дека граѓаните се веќе свесни, секој ден ги објавуваме статистиките. Ова е последниот чекор пред воведување полициски час“, порача Филипче.

Мини жаришта

Најризични мини жаришта се градот Скопје, со некои општини, Штип и Струмица. Во болниците во Прилеп, Штип и во Струмица нема повеќе место за пациенти со Ковид-19. Забрзано се пополнуваат и капацитетите на болницата во Гостивар. 

- повеќе на темата: До илјада... и понатаму

Денеска Собранието по скратена постапка треба да ги усвои измените во законот кои предвидуваат носење маска на отворено, ограничување на семејни собири, ограничување на групирање надвор по 22 часот. Епидемиолошката слика покажува значителен раст на заболени во третата, четвртата, петтата и во шестата декада, во Скопје и во целата држава. Капацитетите се речиси пополнети секаде. Но, сѐ уште нема сместени пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника во Скопје, вели Филипче.

Администрацијата од дома или да ротира

Комисијата за заразни болести ќе ѝ предложи на Владата, државната и јавна администрација, вработените во судовите и општините да работат во смени или во ротација или онлајн согласно условите за работниот процес.

Филипче реагираше на информациите дека функционер викендов се решил да ја прави свадба надвор од нашата земја. Станува збор за градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ кој правеше свадба во Косово. Министерот го осуди тој потег, и рече дека иако е направена надвор од нашата земја, односно не се прекршени протоколите во Македонија, функционерите треба да бидат пример и први кои ќе ги почитуваат мерките.

„Не е работата тоа што не се прекршени препораките за ковид во нашата земја, затоа што веселбата е направена надвор, но ние функционерите треба да покажеме како се почитуваат мерките. Посебно што цело време апелираме кон граѓаните и ги учиме. Апсолутно го осудувам тој чин. Не мора за се да имаме можност за санкционирање, но треба и функционерите да бидат свесни дека треба да се првите кои ги почитуваат мерките“, рече Филипче.

Полициски час и во регионот

Се затега обрачот во Европа и во регионот, откако бројот на новозаразени со коронавирус почна вртоглаво да расте. Полициски час веќе најави Словенија, здравствените власти во Црна Гора одлучија да воведат ограничувачки мерки во пет града во црвената зона според бројот на лица заразени со коронавирус, Србија прогласи дека земјата влегла во црвената корона-зона, а забрани за движење во вечерните часови воведоа и Франција и Белгија.