Франција предлага седум чекори до полноправно членство во ЕУ
18 ноември 2019Планот на Франција да ги смени правилата за земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ е документ на три страници со анекс во кој се објаснува идниот излед на фазите кои треба да ги заменат досегашните Поглавја. Двете клучни барања на Париз: построги услови и реверзибилност на процесот се наведени уште во првата точка на документот. Затворањето на секоја фаза од преговорите ќе отвора можност за конкретни придобивки како зголемена финансиска поддршка и учество во работата на институциите на ЕУ.
Според документот во кој имаше увид Дојче веле, главната промена е фазниот пристап кој треба да биде замена за 35 поглавја преку кои досега течеа преговорите.
Во првата фаза која ја предлага Франција се сместени владеењето на правото, основните права, правдата и безбедноста. Во оваа фаза практично се спојуваат Поглавјата 23 и 24 со кои и досега започнуваа преговорите со државите кандидати, и тие остануваа отворени до крајот на преговорите. Доколку оваа фаза успешно се мине, Франција предлага награда во вид на „учество во работата на Агенцијата на ЕУ за основни права, Договори за соработка со Еуроџаст, учество во работата на групата која се занимава со оценување на правосудството, како и ратификација и имплементација на релевантни меѓународни и европски договори“.
Во втората фаза влегуваат: образование, истражување и вселена, млади, култура, спорт, животна средина, транспорт телекомуникации и енергија; односно досегашните Поглавја 14,15,21,22,25,26 и 27. Успешното минување на фазата ќе значи отворање на Еразмус плус програмата, како и други програми за научна соработка и соработка во рамките на транс-европските мрежи.
Третата фаза ќе ги опфаќа секторите: вработување, социјална политика, здравје и заштита на потрошувачи и конкурентност. Оваа фаза треба да ги обедини Поглавјата 5,7,8,19,20 и 28, а како награда ќе нуди учество во индустриската политика на ЕУ (со шанса да се земе учество во важни европски проекти), во ЕУ програмата за вработување и социјални иновации, и учество на некои состаноци на Европските социјални партнери во зависност од темата.
Фазата број 4 ќе ги опфаќа економските и финансиските прашања, а ќе ги спои Поглавјата 4,9,16,17,18 и 32. Успехот во оваа фаза ќе ги отвори вратите на Банкарската унија, а делумно и на Унијата на капитални пазари (со исклучок на слободно движење на финансиски услуги).
Во петтата фаза земјите-кандидати ќе треба да се усогласат со ЕУ во однос на внатрешниот пазар, земјоделството и рибарството. Тука ќе се спојат дури 9 Поглавја, меѓу нив и оние за слободно движење на стоки, луѓе и услуги, слобода на здружување и медиуми. Наградата за успешно завршената работа во оваа фаза ќе значи пристап до царинската унија на ЕУ, влез на заедничкиот пазар, како и усвојување на заедничка земјоделска, ветеринарна и фитосанитарна политика итн.
Последните две фази опфаќаат најмалку Поглавја. Во шестата фаза се очекува да се разговара за надворешната и безбедосната политика, Поглавјата 30 и 31, а успешноста ќе донесе спогодби за конзуларна соработка и учество во безбедносните програми. Последната, седма, фаза носи име „останато“ и во неа ќе треба да се испеглаат финансиските и буџетските аранжмани, институциите и се друго што спаѓа под „останато“. По завршувањето на оваа фаза, останува полноправното членство.
Крај за проширувањето?
Ваквиот пристап, Франција го опишува како „постепен и поттикнувачки“. Во него, освен зголемена финансиска поддршка, се ветува дека „може да се разгледа и можноста земјите-кандидати да се квалификуваат за користење на структурните фондови“ на ЕУ. Тоа ќе зависи од завршените фази и спроведените реформи.
Првичните реакции на францускиот предлог се негативни и изразено критични. Како што пренесува порталот Политико, ЕУ дипломати сметаат дека предлогот на Париз е само обид да се оправда претходната позиција, односно ветото на самитот во Брисел во октомври. Дипломат на ЕУ вели дека ова е само обид на Франција да му стави крај на натамошното проширување на ЕУ.
„Ќе следува вообичаеното помпезно претставување од страна на Париз. Но, сето тоа нема да може да го замаскира фактот дека француските предлози не се за реформирање на пристапниот процес туку за ставање крај на процесот на проширување на ЕУ", вели дипломатот за Политико. „Тие (предлози, н.з.) се затруено јаболко за земји како Северна Македонија кои сторија многу за да ги исполнат строгите критериуми на ЕУ“.
Францускиот Нон-пејпер наведува дека шесте западнобалкански земји и „припаѓаат на Европа, врз основа на нивната историја, култура и географија.“ Француски дипломат во изјава за Политико ги отфрла критиките од Брисел како „глупави коментари“.
„Никој не е принуден да го прифати предлогот или да каже дека е перфектен. Неговата цел е да отвори дебата и да се дискутира. Да сакавме да ставиме крај на проширувањето, тоа и ќе го направевме“, вели дипломатот.