Ни Берлин, ниту Париз не поддржуваат алтернативи за ЕУ
14 ноември 2019По разногласието кое се создаде по самитот на ЕУ во Брисел и стравувањата дека земјите од Западниот Балкан би можеле на подолг рок да ја загубат европската перспектива, изминативе два дена стигнаа смирувачки тонови од Берлин и Париз кои повторно го враќаат фокусот на стратегијата за проширување.
Најпрво во вторникот, шефот на државата Стево Пендаровски по средбата со Емануел Макрон во Париз, изрично кажа дека од францускиот претседател добил уверување дека Франција не се залага и не нуди никаква алтернатива за полноправното членство.
„Ми рече прецизно – никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство. Само, вели, сакам да го подобрам процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси кај земјите кандидати“, пренесе Пендаровски.
„Мини-Шенген“ или Берлински процес?
Следниот ден и шефот на германската дипломатија Хајко Мас во интервју за Дојче веле информираше дека ни Германија не поддржува алтернативи.
„Ние не гледаме никаква алтернатива за процесот на пристапување кон ЕУ, доколку сакаме да поттикнеме искрени и одржливи реформи - во прв ред во делот на владеењето на правото. Прашањето, дали актуелниот процес може да се подобри, од моја гледна точка е нешто друго“, рече Мас. Пред него тоа го сторија и германската канцеларка Ангела Меркел и идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во регионалната соработка, која сега добива нов поттик преку ткн. „Мини-Шенген“, Мас гледа само надополнување на процесот на приближување кон ЕУ.
Но, за разлика од Париз од каде, според српскиот претседател Александар Вучиќ, била изразена јасна поддршка за проектот „мини-Шенген“, Мас упатува на Берлинскиот процес како форум во кој има простор за исцрпување на идеите на сите шест западнобалкански држави за потесна соработка.
Тоа сепак не е единствената видлива дискрепанца меѓу двете клучни држави во ЕУ.
Мас денеска од Скопје уште еднаш порача дека реформите на преговарачкиот процес кои ги бара Франција не смеат да ги вратат назад Северна Македонија и Албанија, во смисла, од нив сега да се бара исполнување на дополнителни услови освен оние кои им ги постави Европската комисија. Мас не пропушти да каже дека неговата земја не е задоволна поради блокадата на Франција на самитот во Брисел и да порача „можете да сметате на поддршката на Германија“.
Се чека на реформата
Што ќе значи тоа конкретно за европските аспирации на земјава во наредниот период останува да се види. Најпрво, затоа што и покрај најавите од Париз, до официјален Берлин се уште не стигнал конкретен предлог за реформа на методологијата на преговарачкиот процес.
Пендаровски добил ветувањето дека сетот идеи ќе биде преточен во нешто конкретно до март следната година. Но тоа не мора многу да значи имајќи предвид дека за измените ќе треба да се согласат сите 27 земји-членки на ЕУ и Европската комисија.
Српскиот претседател Вучиќ е, се чини, најголем оптимист, па најавува дека ЕУ уште во март ќе дозволи отворање преговори со Скопје. Тоа го темели на личната проценка дека „во ЕУ се плашат од изборите на 12 април“.
„Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12-ти април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што тој направил“, изјави Вучиќ.
Во секој случај, идеите за членство од „Б“ категорија или некакво „проширување лајт“, барем засега се ад-акта. Организирањето на земјите од Западниот Балкан во единствен пазар по примерот на Европскиот економски простор кој го предлагаше Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, засега, нема приврзаници во Берлин и Париз. Македонскиот политички врв веќе јасно ги отфрли тие иницијативи, но она што е побитно, истите не минаа ниту во двоецот-мотор на ЕУ.
Но она што ќе треба да се надмине, паралелно со реформата на методологијата, е и дилемата: Дали земјите од Западниот Балкан сега ќе треба да бираат и меѓу германскиот модел на соработка (Берлинскиот процес) или српскиот со поддршка од Франција (Мини-Шенген)?