1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Францускиот „нон-пејпер“: Реформа или крај на проширувањето?

Барбара Везел
19 ноември 2019

Во октомври францускиот претседател Макрон пожнеа остри критики поради блокадата на почетокот на преговорите со Скопје и Тирана. Сега од Париз доаѓа предлог за реформи. Дали целта е само мачкање очи?

https://p.dw.com/p/3TH1X
Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Со документ на шест страници, преку неформален предлог, француската дипломатија се обидува да ја ублажи лутината која се насобра по ветото на претседателот Емануел Макрон на самитот во октомври. Со него, Макрон влезе во директен судир со канцеларката Ангела Меркел и идната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Дипломати на ЕУ реагираат нервозно и ја доведуваат во прашање желбата на Франција дека воопшто сака да се примаат нови членки во ЕУ. Притоа, со нон-пејперот не се бара реформа само на преговарачкиот процес, туку на целата ЕУ. Тоа покажува дека Французите не се искрени кога е во прашање Балканот.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас минатата недела во Скопје јасно стави до знаење дека постојат несогласувања со Франција. Новото одложување на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија тој го нарече „најголема грешка на ЕУ“ во последно време. Претседателот на Европскиот совет во заминување Доналд Туск исто така им испрати јасни зборови на Французите.
И од Европскиот парламент доаѓаат критички тонови и отпор. За германската социјалдемократка Катарина Барли „важно е да се исполнат дадените ветувања кон кандидатите за членство. Оттука е неприфатливо, да се користи реформата на преговарачкиот процес како изговор, на земји како Северна Македонија и Албанија, кои извршија клучни реформи за да ги исполнат европските услови, да им одбива почетокот на преговорите“.
Без оглед на тоа треба да се разговара за нов редослед во преговарачкиот процес. Предлогот на Макрон има точки кои се вредни за дискусија и фазите во преговорите треба попрецизно да се дефинираат но, велат ЕУ дипломати, прашање е дали кандидатите најпрво треба да се соочат со највисоките пречки уште на почетокот. Имено, таков е случајот со исполнувањето на европските стандарди за владеење на правото, како што бараат Французите.

Макрон ги чека локалните избори
При големото проширување на ЕУ кон исток пред 15 години, во прв ред Франција инсистираше и Романија и Бугарија што е можно побрзо да станат членки. Некои други држави имаа поинакво мислење, потсетува Ерван Фуере од тинк-тенкот „Центар за европски политички студии“ во Брисел. Откако се увиде дека во обете земји има назадување во делот на правната држава и борбата против корупцијата, се смени и јавното мислење. Фуере смета дека на Макрон му се пред се важни локалните избори напролет следната година.
Севкупно, поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, во францускиот предлог гледа и неколку добри точки- во прв ред идејата земјите кандидати да добиваат пари од структурните фондови и пред членството. Дел од промените можат да се применат и со актуелните правила, и тоа може брзо да се изведе. Фуере се согласува дека треба да постои построга контрола на реформските чекори во земјите кандидати, но тоа треба да се направи и без француско инсистирање.
Неопходните реформи можат да бидат усвоени до март следната година, смета Фуере, но останува отворено дали Макрон по локалните избори ќе го смени мислењето и ќе го отвори патот за земјите кандидати. За тие земји ќе биде многу демотивирачки доколку направениот напредок не се награди.