1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француските социјалисти вртат кон лево

СН/ агенции
23 јануари 2017

Во трката за Елисејската палата, поранешниот премиер Мануел Валс претрпе горчлив пораз. Во првиот круг од предизборите кај владејачките социјалисти изненадувачки победи полевичарски настроениот Беноа Амон.

https://p.dw.com/p/2WEdx
Präsidentschaftswahl Frankreich Benoit Hamon
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Zihnioglu

Поранешниот француски министер за образование Беноа Амон (насловна фотографија)- кој всушност беше сметан за аутсајдер- освои околу 36 насто од гласовите во првиот круг на предизборите. Со тоа го освои првото место со добри пет проценти повеќе од поранешниот премиер Мануел Валс, кој иако влезе во трката во улога на фаворит го освои второто место. Останатите пет кандидати освоија значително помалку гласови. Така во наредната недела, во вториот круг, членовите на Социјалистичката партија ќе избираат меѓу Амон и Валс.

Амон резултатите од првиот круг ги нарече „ јасна порака на надеж и обнова“ на Социјалистичката партија. Валс пак истакна дека тој ја претставува „одговорната левица“. Истовремено, тој меѓутоа остро ги критикуваше „неостварливите ветувања“ на неговиот конкурент.

Frankreich Wahlen Manuel Valls
Мануел ВалсФотографија: picture alliance/AP Photo/Z. Scheurer

Одлука за идната насока

49-годишниот Амон, меѓу другото се залага за безусловна основна плата од 750 евра за сите Французи. Истовремено тој сака да го легализира користењето на марихуана, да создаде многу нови места за образовните работници и повторно да ја укине либерализацијата на работничкото право, усвоена во минатата година.

Амон припаѓа кон бројните социјалисти кои се разочарани од шефот на државата Франсоа Оланд. Тој беше дел од владата до летото 2014 година и даде оставка од протест поради отпуштањето на министерот за економија Арно Монтебур. И Монтебур беше кандидат во првиот круг на предизборите кај социјалистите, но со 18 насто освоени гласови го освои само третото место. Тој најави дека во вториот круг ќе го поддржи Амон.

Frankreich - Francoise Holland bei Neujahrsansprache
Претседателот во заминување Франсоа ОландФотографија: Getty Images/AFP/O. Morin

Мануел Валс пак се залага за реформски ориентиран курс, пријателски настроен кон бизнисот, со што припаѓа кон десното крило на социјалистите. 54-годишниот политичар ја бранеше владината политика под раководство на претседателот Оланд и порача дека сѐ уште ништо не е одлучено.

Меѓутоа веројатно е сѐедно кој од двајцата кандидати ќе победи во трката. Имено според анкетите кандидатот на социјалистите на претседателските избори на пролет е речиси без шанси. Во мај, судејќи според анкетираните Французи, во вториот круг трката за највисоката државничка функција ќе биде меѓу конзервативецот Франсоа Фијон и шефицата на десно-екстремистичкиот Национален фронт, Марин Ле Пен.