Хан: размената на територии не треба да се отфрла
7 септември 2018„Во овој момент треба да им овозможиме на обете страни да ја дискутираат оваа и други идеи и, со поддршка на ЕУ, да преговараат за нив“, изјави Хан за германскиот весник Ди Велт во пресрет на денешната нова рунда преговори во Брисел меѓу косовскиот и српскиот претседател Хашим Тачи и Александар Вучиќ со посредство на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини.
Според Могерини, по денешните одвоени разговори со Вучиќ и Тачи „останале потешкотиите меѓу Белград и Приштина“. Следната средба се очекува во наредните недели.
Хан вели дека разбира оти се работи за емоционално прашања, но ги отфрла стравувањата дека промените на границите можат да водат кон етничко регрупирање. „Тоа нема да се случи“, вели еврокомесарот.
Хан е убеден оти „владите во Србија и Косово ќе се однесуваат одговорно“, додавајќи дека било каков договор ќе добие меѓународна поддршка само доколку ги исполни регионалните барања и доведе до поголема стабилност во регионот.
Се очекуваше дека идеите за размена на територии ќе се најдат на агендата на денешните разговори во Брисел. Нема потврда дали тоа се случило. Шпекулациите велат дека плановите се јужниот дел на Србија околу доминантно албанското Прешево да биде припоен кон Косово, а Србија во замена да го добие северниот дел на својата поранешна покраина околу Митровица.
Постојат стравувања дека промената на границите би можело да отвори слични барања во Босна, Македонија и Црна Гора. Германија и други ЕУ партнери веќе изразија стравување дека тоа би можело да ги отвори старите рани на Балканот, наместо да ги реши долгогодишните спорови.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше дека ќе прифати било кое решение кое ќе го договорат двете страни.
Зоран Остоиќ, аналитичар од Белград, за агенцијата Асосиејтед Прес вели дека состанокот во Брисел не треба да се очекува брз договор, и покрај зголемените очекувања.
Вучиќ и Тачи „го тестираат теренот, особено пред меѓународната заедница“, со исфрлањето на оваа идеја, вели тој.
„Којзнае како тоа ќе заврши?“, предупредува Остоиќ, алудирајќи на стравувањата од верижна реакција на Балканот.