1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ, младите и интернет - различни светови

Мартин Муно
29 мај 2019

По објавеното видео на интернет со критики кон ЦДУ, партијата влегуваше од грешка во грешка. Дали во ЦДУ воопшто разбираат што е интернет, се прашува Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/3JPo0
Deutschland | PK Annegret Kramp-Karrenbauer | Europawahlen 2019
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Социјалните мрежи Фејсбук и Твитер во Германија повторно експлодираа. Повод за огорчување беше изјавата на претседателката на Христијанско-демократската унија и можеби наследничка на  Меркел,  Анегрет Крамп-Каренбауер по изборите за Европски парламент, кои, познато е, не излегоа баш најдобро за партијата.  ЦДУ и нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија на крајот забележа загуби од добри шест проценти.   Значи, тоа не беше многу убав ден за претседателката на партијата, која на првите избори со неа на чело, порадо би видела подобар исход.

Во нејзиниот говор, АКК, како што често ја нарекуваат политичарката со долго име, се осврна на повеќе видеа на Јутјуб, кои беа критички кон ЦДУ и изјави дека „мора да се размисли“ на некаков начин да се ограничи вакво создавање мислење. Потоа продолжи: „Се поставува и прашање, веќе и со оглед на темата 'формирање мислење': кои се правилата во аналогното подрачје (на медиумите) и кои правила се на сила во дигиталната област?“

Некогаш цела издавачка куќа, денес само мобилен телефон

Тоа, ако ми допуштите, е смешно прашање: оној кој во 2019 година уште прави разлика меѓу комуникации во светската интернет мрежа и надвор од неа, или не ги забележал решавачките промени во изминатите 25 години или ги игнорира. Револуцијата на интернет се состои токму во тоа што буквално секој поединец, било со твит, блог или видео на Јутјуб, може да допре до милиони луѓе. Порано за тоа беше потребна радиостаница или издавачка куќа со големи печатарски машини и флота камиони за дистрибуција. Денес е доволен само еден мобилен телефон. 

Крамп-Каренбауер делумно има право: за традиционалните медиуми, на пример, важи обврската за внимателен однос кон информациите. Тоа помага во поглед на неточно или навредливо известување. Големите платформи на интернет досега главно се извлекуваа од таа одговорност. Нивниот став е: ние само нудиме простор за комуникација, за содржината е одговорен секој сам за себе и за она што го објавил таму. Тука има уште многу простор за работа. Но, тоа не е решавачко за оправдување на шефицата на ЦДУ.

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно

Зашто, тука станува очигледно колку потешка стана комуникацијата за етаблираните политичари. Тоа се гледа во дебатата за видеото на Јутјуб-ѕвездата Резо со, мора да се признае, провокативен наслов: „Уништување на ЦДУ“. На тоа требаше да биде снимен видео-одговор, се појави и твит со соопштување на местото на снимање. Но, на крајот немаше видео одговор на видеото на Резо, туку само одговор во форма на пишан документ на 11 страници текст. Подоцна следеше и понуда за разговор.

Не делува баш веродостојно ако целиот судир се сведе на прашањето: „Смее ли ова момче тоа да го прави?“ Суверен, „кул“ однос кон критиката изгледа поинаку. И за тоа сѐ почесто се зборува не само на интернет, туку и во традиционалните медиуми.

Генерациски проблем на ЦДУ со младите

За ЦДУ е болно ваквото губење образ на интернет, но со тоа може да се живее, зашто како што е познато, времето лечи многу рани. Многу попоразен е исходот од овие избори ако подобро се погледа: во старосната група на млади избирачи од 18 до 30 години, демохристијаните имаат само уште 13 проценти гласови. Мнозинството бирачи на оваа партија веќе стигна возраст за пензија.

Постојат луѓе во партијата кои се чини го разбраа ова. Како на пример Армин Лашет, претседател на покраинската влада на Северна Рајна Вестфалија, кој на Глобал медиа форумот во организација на Дојче веле, јавно призна дека видеото на Резо е втемелено во слободата на мислење, уставно загарантирана и дека односот на неговата партија кон таква критика би можел да биде многу подобар. 

Со нејзината нова изјава, Крамп-Каренбауер не си направи услуга ни себе си, ниту на сопствените политички амбиции да стане канцеларка, ни пак на нејзината партија. Ако таа, како што нѐ уверува, не сака цензура, што сака тогаш? Да, и на интернет се потребни јасни правила. Но, тоа се однесува кога станува збор за омраза и поттикнување омраза. Ниту критиката на Резо, ниту преку 90 блогери кои демонстративно застанаа на негова страна, не спаѓаат во таа категорија. Тие се критички, делумно полемични, но тоа се и многумина етаблирани политичари во предизборни настапи. ЦДУ има проблем со интернет и со младите. Ако не го реши и едното и другото, наскоро нема да има никаква иднина.