Цела Италија во карантин поради коронавирусот
9 март 2020„Останете дома“, им порача италијанскиот премиер Ѓузепе Конте вечерва на своите сограѓани, објавувајќи ги драматичните нови мерки кои треба да го сопрат ширењето на Ковид-19. Конте рече дека мерките кои предвидуваа ограничувања само на северот на земјата повеќе не се доволни, и дека мора да се прошират на територијата на целата земја.
Мерките стапуваат во сила веќе од вторник (10.03.2020) и ќе траат до 3 април.
„Нема да има само црвени зони“, рече Конте алудирајќи на одлуката за карантин на северот на земјата. „Цела Италија ќе биде заштитена зона“, додаде тој.
Секој жител на Италија од утре ќе мора да приложи доказ за неодложна работа или здравствен проблем доколку сака да патува надвор од своето место на живеење. Премиерот им порача и на младите луѓе во земјата кои во доцните ноќни часови организираа забави и покрај вонредната здравствена состојба која е во сила од 21 февруари, дека повеќе не смеат да го прават тоа.
„Тој ноќен живот повеќе не можеме да го дозволиме“, рече Конте. Во земјата повеќе нема да се игра ни фудбал.
Досега, сите кафе- барови и ресторани во северна Италија мораа да затвораат по заоѓањето на сонцето, односно во 6 часот попладне. Отсега таа одлука се однесува на целата земја.
Драматичниот раст на инфекциите ја постави Италија на врвот како главна точка на глобалното ширење на вирусот. Во Милано- центарот на Ломбардија, по улиците речиси нема луѓе, а на контролните пунктови поставени на главната железничка станица се проверуваат сите патници. Сите кои минуваат на пунктот мора да потпишат изјава дека патуваат поради „важни работни потреби“, неодложни обврски или здравствени проблеми, или да се вратат дома.
„До пред некој ден, мислевме дека алармот ќе мине за неколку недели, и дека само треба да ги следиме правилата. Сега, мора да им објасниме на граѓаните дека состојбата е многу, многу сериозна, дека нашите болници се пред колапс“, изјави градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори.
Во понеделникот во земјата беа регистрирани 1,807 нови случаи на вирусот, со што вкупниот број на заразени се искачи на 9,172. Бројот на жртвите достигна 463 луѓе.