1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колкава е заканата од коронавирусот во Европа?

Елена Гункел
29 февруари 2020

Откако коронавирусот се појави во Италија, се зголеми загриженоста од негово проширување. Професор д-р Жерар Краузе од Хелмхолц центарот за епидемиолошки истражувања за ДВ објаснува кои заштитни мерки помагаат.

https://p.dw.com/p/3YW4V
Italien Mailand Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Mascolo

ДВ: Откако бројот на заразени со коронавирусот во Италија екстремно бргу се зголеми, провинцијата Ломбардија која е најпогодена од вирусот, во медиумите сѐ почесто се нарекува „европски Вухан“. Дали е ова соодветна паралела?

Жерар Краузе: Ова е малку претерано, едноставно поради бројот на население кое е погодено таму, како и според бројот на жители на метар квадратен. Значи се работи за сосем различна ситуација.

Колку е голем ризикот од неконтролирано ширење на коронавирусот низ Европа по избувнувањето на епидемијата во Италија?

Во ваква ситуација мора правилно да се одреди времето и изборот кои мерки ќе се преземат со цел намалување на можноста од ширење на таквата епидемија. Човек не смее да има илузии дека една земја може засекогаш да се заштити од појавата на инфекција. Во однос на овој вирус тоа е речиси невозможно. Порано или подоцна секоја земја овде во северниот појас ќе се соочи со коронавирусот. Но и покрај тоа, сосем е соодветно да се започне со примена на превентивни мерки, да се подготват болниците, да се изградат системи за рано предупредување и јавноста да се запознае со симптомите и мерките за заштита со цел да се реагира бргу и соодветно.

Gerard Krause Leiter Epidemiologie Helmholtz-Zentrum für Infektionsforschung
Епидемиологот проф. д-р Жерар Краузе советува да се реагира трезвеноФотографија: HZI

Тоа значи дека нема многу смисла во поставување на здравствени контроли на границите меѓу некои ЕУ земји, како на пример апарати за мерење на телесната температура на патниците, како што има на некои аеродроми?

Постојат различни анализи кои покажуваат дека вакви мерки во принцип не придонесуваат многу. Особено кај овој вирус се покажува дека ваквите мерки на граничните контроли не помагаат многу. Бидејќи поголемиот дел од заразените на почетокот немаат никакви симптоми. Поради тоа не паѓаат во очи при здравствените контроли.

Италија е омилена туристичка дестинација. Со оглед на моменталната состојба дали би советувале да се букира одмор таму? Или туристите не мора да се грижат се` додека патуваат во регионите кои не се погодени од коронавирусот?

Јас лично не би советувал да не патуваат, бидејќи ваква епидемија може да се појави и во некои региони во Франција, Германија и други земји. Оттука веќе не се поставува прашањето дали да се патува таму или не.

Сепак карневалот во Венеција беше откажан, а 11 општини ставени под карантин. Дали овие мерки се преувеличени или оправдани?

Човек во принцип реагира трезвено, но во одреден момент ќе се покаже дека овие мерки повеќе немаат смисол. Сега веројатно сѐ уште е соодветно спроведувањето на овие ригорозни мерки за да се добие на време. Но тоа не значи дека истите може да се спроведат во секое ново место или земја во Европаво која ќе се појави вирусот.

Дали човек може ефективно да се заштити од коронавирус при патување?

Во оваа прилика мора повторно да потсетиме на општите препораки за одржување на хигиената. Значи редовно и често миење раце, и доколку некој е болен да избегнува контакти со други луѓе. Сѐ што прави човек за да избегне зараза од грип, треба да го применува и во овој случај.

На пример да се спакуваат неколку заштитни маски?

Обичните маски се добри само доколку сте болни и не сакате да заразите други. Но ако сакате да се заштитите треба да користите специјални ФФФП3 маски, соодветно да ги поставите на лицето и често да ги менувате. Тоа одзема многу време и е посоодветно за луѓе кои имаат нарушен имунолошки систем. Ништо повеќе од ова не може да се преземе за заштита. Не постои ниту вакцина ниту профилактичка терапија.

Проф. Д-р Жерард Краузе е раководител на одделот за епидемиологија на Хелмхолц центарот за епидемиолошки истражувања во Брауншвајг.