Црвенковски - господар на зборовите, но дали и на делата?
28 септември 2021Говорот на Бранко Црвенковски на дебатата во МАНУ („Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“) јасно детектира од што страда македонската политика: од кусо памтење, суета и безидејност.
Црвенковски не е ниту неискусен ниту неинтелигентен. Напротив. За човек со остар ум, кој мисли брзо, кој во секунда знае да даде одговор каков што треба да даде (од позиција на партиски лидер, премиер или претседател), тој и вчера точно знаеше што говори, а веројатно - и со каква цел.
Неговите оценки не се далеку од вистината, ниту нови. Да, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава. Да, корупцијата е побрза од мерките против неа. Да, нема квалитетно образование, нема еднаквост пред законите, нема доверба во институциите, нема доминантен систем на општествени вредности. Она што тој го кажа, сегментарно или во целост, денес може да се прочита во критички осврт на чиј било фејсбук профил. Но, она што се очекува од еден поранешен премиер и претседател, е многу повеќе од она што денес секој незадоволен го рецитира - акумулираното искуство да го преточи во предлози за поефикасно справување со утврдените слабости.
Неговиот предлог (за ургентна потребна од национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција, сѐ додека клучните работи не бидат доведени во ред) никако не може да се смета за нешто „ново“. Ако оваа земја има суфицит од нешто, тоа се токму купишта стратегии за сѐ и сешто, кои од реализација не виделе ни „р“.
Второ, ако некој повикува на надминување на поделбите и конфронтациите во име на националните цели, секогаш е добро тоа да го покаже и со личен пример. Црвенковски не е добар пример за тоа дури ни на микро (партиски), а камоли на макро план. Почна со завет на молк образложен со добронамерна желба за „немешање“ во партиските работи на СДСМ. Потоа, во клучни мигови за државата, продолжи со молк кој повеќе рефлектираше несогласување со политиките на неговите, за сето тоа да кулминира со одмрзнување-замрзнување на односите со матичната партија. Ако во интерес на посочените цели и самиот не промовира комуникација и соработка со неговата партија, од кои морални позиции повикува и се надева да се обезбеди такво единство околу националните стратегии меѓу сите партии во земјата? Тие цели се постигнуваат, пред сѐ, со личен пример.
Трето, во обидот да ја скенира сегашноста, тој зборави на еден важен принцип, кој гласи: Кога сакаш нешто да кажеш, прво провери го своето памтење! Или, како лично си се однесувал кон она што денес жестоко го критикуваш. За да каже дека Македонија е корумпирана држава, требало да заборави дека уште во раните години од нејзиното осамостојување дозволил или не спречил во нејзините темели да се инсталира еден криминален „октопод“, како што самиот своевремено го нарече. Да заборави дека најавувал жестока битка против него, но дека не успеал институционално да ги пресече неговите пипци. Ниту еден! А за таа цел тогаш беше донесена Национална програма за борба против организираниот криминал! И не само што не успеал, туку оставил несанкционирана можност октоподот да се развива во октоподиште. Политичар кој оставил таков „тестамент“ треба да размисли на кои теми баш и нема морален кредибилитет да говори. Исто како што на Ѓорѓе Иванов би требало да му биде многу непријатно да говори за хибриден режим и (не)правна држава.
Четврто, вели дека за сите за грешки кои биле направени во периодот додека бил премиер „носи целосна одговорност“. Но, не сме слушнале дека понел конкретна одговорност за нешто. Ниту за процесот на приватизација, ниту за илјадници работници кои останаа без егзистенција, ниту за мега аферите со пирамидалните штедилници „ТАТ“, „Алфа-С“, „Лавци“... Ниту за начинот на кој се „менаџираа“ меѓунационалните односи. Ниту за „Гостиварските настани“, за кои до денес не се знае дали на 9-ти јули 1997 година се случи „еднодневна војна“ (со жртви и повредени) за да се симнат албански знамиња незаконски поставени пред општинските згради во Тетово и Гостивар, или за да се фрли во нивна сенка првата, и единствена до денес, девалвација на денарот!?
А тоа не се мали работи. Тоа беше политички грубо (и со тешки полициски сили) тестирање на незадоволството поврзано со етнички права, кое кулминираше во 2001 година. Каква е одговорноста што ја носи Црвенковски за сето тоа, освен „вербална“? Сака да биде господар на изговорените зборови/критики, но не и роб на нереализираните ветувања.
Петто, ако постои макар и грам доблест, не може до тој степен да ги обезвреднува договорите кои го отворија патот на интеграциските процеси на земјата. Црвенковски, на пример, самиот бил многу нескромен во пофалбите за скромни исчекори во однос на посакуваните интеграциски процеси. Кога давал отчет за сработеното на Владата во 2003 година, се пофалил со „дебатата околу можноста за апликација за членство во ЕУ“. Не со апликацијата (доставена во наредната, 2004 година), туку со дебата за апликацијата. Се пофалил дека со заминувањето на „Конкордија“ завршува меѓународното воено присуство во земјата. Се пофалил со акцијата за собирање на нелегалното оружје и со враќањето на довербата меѓу граѓаните. За разлика од тогаш, денес земјата е членка на НАТО.
Во однос на ЕУ, се согласувам со критиката на Црвенковски, дека без разлика на (не)извесноста на процесот на проширување, земјата треба да покаже автентичен капацитет да ги развива и достигне стандардите на Унијата. И на тој план не треба да има ни дилеми ни компромиси. Го респектирам и неговото признание дека „со денешните сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи тој лично би ги направил сосема поинаку“.
Ако е така, „Hic Rhodus, hic salta“. Наместо да држи лекции само на зборови, нека повели неговото искуство да го преточи во дела. Токму тоа ќе биде спротивно на усвоената практика со години да се вртиме во круг со стари констатации за нови прилики и со мудреци кои не се подготвени да мрднат со прст. На земјата не ѝ требаат толку теоретичари, колку што ѝ се потребни реализатори. Се разбира, под услов да се искрени во намерите. Во спротивно, само ќе ја потврди изјавата што ја даде пред многу години, дека со „ситни души не се прави држава“, но ризикувајќи овојпат таа да заврши на негова адреса.