1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора се приклучува на НАТО

ЕМФ/дпа/афп19 мај 2016

НАТО официјално ги заврши преговорите за приклучување на Црна Гора. Протоколот за приклучување на оваа земја е потпишан денеска на маргините на средбата на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.

https://p.dw.com/p/1IqJt
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pejovic

Црна Гора по потпишувањето Протоколот за приклучување, доби веднаш можност да учествува на средбата на министрите за надворешни работи на Алијансата, во улога на набљудувач. Официјалниот прием на земјата ќе следи откако Протоколот ќе биде ратификуван од страна на сите 28 држави членки на НАТО. Според проценките, тоа веројатно ќе биде завршено наредната година.

„Ова е историски ден за Алијансата, за Црна Гора и за стабилноста на Западен Балкан“, изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Русија го критикува новото проширување на НАТО кон исток како чекор на конфронтација. „Експанзијата на Алијансата“ ѝ нанесува штета на Русија и ја принудува Москва на „соодветни реакции“, соопшти руското Министерство за надворешни работи во декември минатата година.

Belgien Nato-Außenministertreffen Jens Stoltenberg
Јенс СтолтенбергФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Според Столтенберг, секоја суверена држава има право да избере свој пат по прашањето на безбедноста. Нема „апсолутно никаква причина“ ова право да ѝ се одзема на Црна Гора, смета тој. Затоа, „секаков вид санкции од страна на Русија, се апсолутно неоправдани“, нагласи генералниот секретар на НАТО.

Црна Гора ќе стане 29. членка на НАТО. Со приемот на земјата, чија армија брои само 2.000 војници, источната крајбрежна линија на Јадранот станува целосно НАТО-подрачје.

Претходно, во 2009 година, на Алијансата ѝ се приклучија Хрватска и Албанија. Македонија исто така чека на прием во НАТО. Вчера, на прес-конференција, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг оцени дека „вратата во НАТО е сѐ уште отворена, но од суштинско значење е лидерите на земјата да ги решат проблемите со владеењето на правото, вклучително и повлекување на претседателската амнестија“.