1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Македонија на последниот чекор до НАТО

БГ
17 март 2020

Шпанскиот Сенат попладнево едногласно го одобри Пристапниот протокол за членство на земјата во НАТО и покрај кризата со коронавирусот. Со тоа е отворен патот Северна Македонија да стане 30 членка на Алијансата.

https://p.dw.com/p/3Za3a
Nord-Mazedonien Skopje NATO Beitritt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Откако шпанските пратеници преку онлајн гласање му дадоа „зелено светло“ на членството на Северна Македонија во НАТО, се очекува и шпанскиот крал да го потпише истиот. Потоа документот треба да биде ратификуван во американскиот Стејт Департмент.

Шпанија долго време не успеваше да го ратификува Протоколот поради политичката криза во земјата и неможноста да се формира влада, и остана последна од земјите-членки на Алијансата кои го прават тоа.

Случајот сакаше, токму поради членството на Северна Македонија, шпанскиот Сенат да испише историја, за првпат одржувајќи видео конференција преку која и се гласаше.

Во Скопје, гласањето директно го следеа шефот на дипломатијата Никола Димитров и шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.

„Завршуваме еден тридецениски процес“, порача Димитров, чиј настап беше пренесуван во живо на социјалните мрежи. Тој објасни дека откако Шпанија ќе го испрати документот во Вашингтон, оттаму ќе го информираат Брисел, по што и Скопје ќе го депонира Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Димитров ѝ изрази благодарност на Шпанија што и во вакви исклучително тешки околности поради коронавирусот, гласала и го одобрила членството во НАТО. Шпанскиот амбасадор на настанот се обрати на македонски јазик и притоа се извини што неговата земја доцнела со ратификацијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема