Што Меркел не кажа во Харвард
31 мај 2019Говорот на германската канцеларка Ангела Меркел пред апсолвентите на Универзитетот Харвард по повод доделувањето почесна докторска титула дојде во поволен момент: ѝ дозволи, барем за неколку часови, да побегне од политичкиот хаос во Германија по слабиот пласман на партиите во од неа раководената владина коалиција на изборите за Европски парламент.
Но, првенствено говорот на Меркел ѝ пружи можност да зборува во САД во критички момент во трансатлантските односи, кои се тешко оптоварени од доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција. Во Бостон, на американскиот водечки, елитен универзитет, чии тесни врски со Германија датираат длабоко во минатото, Меркел можеше да си дозволи обраќање со поголема лична нота отколку што би можела во Вашингтон.
Без средба со Трамп, но тој сепак беше присутен
Фактот што престојот на Меркел во Бостон не беше поврзан со средба со американскиот претседател, исто така беше од корист. Да беше предвидена средба со него, посетата ќе беше под сосем поинаков знак, нејзиниот говор во Харвард ќе паднеше во сенка. Патем, од нејзините две последни посети на Белата куќа произлегоа само малку политички резултати, атмосферата меѓу двајцата водечки политичари не се промени.
Сепак, и без билатерален состанок и без споменување на Трамп, тој беше присутен за време на говорот на Меркел.
„Не претставувајте ги лагите како да се вистина, а вистината како лаги.“
„Урнете ги ѕидовите на незнаење и на ограниченост.“
Овие јасни отфрлувања на трампизмот, заедно со увидот во нејзиниот личен живот, спаѓаат во најсилните пасажи од нејзиниот говор. Канцеларката на пример опиша дека како млада жена често шетала покрај Берлинскиот ѕид, без да може да отиде на другата страна. Берлинскиот ѕид го ограничувал нејзиниот живот во ГДР, но не можел да ги уништи нејзините соништа и копнежи.
Но, уште поинтересно е она што Меркел не го кажа.
„Ништо не останува исто"
Додека го фалеше вредносно базираното транстлантско партнерство, од кое преку 70 години профитираат како Германија, така и САД, таа ниту се обврза, ниту даде прогноза дека тоа ќе опстои и во наредните седум децении. На пример, таа не употреби ниеден пофален збор за трансатлантскиот сојуз НАТО, кој редовно е на удар на Трамп.
Маркантно е што токму на Харвард Меркел не вети изричито дека ќе се бори за трансатлантското партнерство. „Ништо не останува вечно исто“ – оваа клучна нишка на нејзиниот говор, од аспект на Меркел сигурно важи и за трансатлантското сојузништво.
Слично многузначна беше и нејзината од срце изречена порака, дека се можни решенија за крупните глобални предизвици како промена на климата, сузбивање на гладот и болестите. Тука повторно исплива нејзиниот оптимизам: „Ќе успееме во тоа“. Но, канцеларката не предложи конкретен временски план. Што сигурно и не може да се очекува од говор пред универзитетски апсолвенти.
Сепак паѓа во очи: без оглед на глобалните теми на нејзината беседа, единственото политичко ветување кое го даде Меркел беше национално: Германија ќе стори сѐ што е во моќта на луѓето за до 2050 година да постигне климатска неутралност.