1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе се случи ако Путин дефинитивно го запре гасот?

15 јули 2022

Рускиот претседател не гарантира натамошна испорака на гас за Германија по сервисирањето на гасоводот Северен тек 1. Сојузната регулаторна агенција за енергетика ги подготвува граѓаните во Германија на тешки времиња.

https://p.dw.com/p/4EAEe
Russland | Gazprom | Arbeiter kontrolliert Messinstrumente
Фотографија: Maxim Shipenkov/dpa/picture alliance

Ситуацијата со снабдување со гас во Германија полека станува сериозна: вчера (14.07.) рускиот концерн Газпром соопшти дека не е сигурно дали по завршувањето на ремонтот на гасоводот Северен тек 1, Русија ќе продолжи да врши директно снабдување со гас на Германија. Сервисирањето на гасоводот ќе трае до 21. јули.

Официјално, Газпром својата дилема ја оправдува со тоа што една важна турбина, која претходно беше испратена на поправка во Канада, сѐуште не е вратена во концернот. Германија пак смета дека со предвиденото скоро лиферување на турбината од Канада, би немало никаква причина за запирање на испораката на гас. Меѓутоа, уште пред почетокот на сервисирањето, од Северен тек 1 стигаа намалени количини гас од Русија – само 40 проценти од инаку вообичаените.

Гасот од Русија е екстремно важен за енергетско снабдување, пред сѐ на индустријата и приватните домаќинства. Околу половина од домовите во Германија, се греат на гас.

Со други зборови: рускиот претседател Владимир Путин го користи енергетското снабдување на Германија како политичко оружје, што во повеќе наврати го истакнаа и сојузниот министер за економија Роберт Хабек, како и германскиот канцелар Олаф Шолц. Хабек на пример за ТВ РТЛ изјави: „Би лажел доколку речам дека не стравувавм од оваа можност“.

Германската зависност од руски гасе висока, иако владата во меѓувреме презеде одредени чекори во насока на нејзино намалување.

Надлежна за прашањето кој колку гас ќе добие во Германија, е Сојузната регулаторна агенција за енергетика, којашто е државна служба. Нејзиниот шеф, политичарот од Зелените, Клаус Милер, постојано истакнува дека најпрво ќе бидат снабдувани приватните домаќинства. За „Редакциската мрежа на Германија“ тој изјави: „Германските и европските правни прописи налагаат заштита на приватните домаќинства до крај.“ Но, во овој поглед сега се јавува дилема кај сојузниот министер за економија, Роберт Хабек. Хабек го доведува во прашање досега предвидениот приоритет на приватните потрошувачи пред индустриските, доколку навистина дојде до комплетен изостанок на испораката на гас. 

Deutschland | Gas Pipeline Nord Stream 1
Дали низ гасоводот Северен тек 1 повторно ќе потече гас кон Германија? Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Драматичен раст на цените на гасот

Владее напната ситуација,  според анкетите, се рони поддршката за  санкциите против Русија.  Шефот на Регулаторната агенција за енергетика, Клаус Милер најавува дека приватните потрошувачи во Германија за идната година треба да се спремат на трикратен скок на цените на гасот: „Оние, кои сега ги добиваат сметките за потрошен гас, тие се веќе двојно повисоки. А притоа во нив уште не се ни пресметани последиците од војната во Украина.“ Потрошувачите кои досега за гас плаќале околу 1500 евра годишно, треба да очекуваат нивните сметки да пораснат на 4500 евра.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

Размислувањата на Хабек, во случај на целосен  прекин на испораката на гас,  да се измени правилото за приоритетот на приватните потрошувачи, заради избегнување огромни последици за индустријата, наиде на жестока критика кај социјалните здруженија. Претседателката на Социјалното здружение ВДК, Верена Бентел за весниците од медиумската група Функе изјави дека токму семејствата со мали деца, луѓето со инвалидитет, како и постарите, хронично болни луѓе, зависат од сигурно снабдување со гас. А шефот на Германската фондација за заштита на пациентите, Еуген Бриш, изјави дека во краен случај, кој колку гас ќе добие, не решава министер како Хабек: „На потег е Бундестагот, тој треба да го реши прашањето за приоритет во снабдувањето со гас.“ 

Нема доволно гас во резервоарите

Значи, во Германија ќе нема доволно гас, и тој ќе биде скап. Согласно со законските одредби, резервоарите со гас до 1 октомври треба да бидат полни до 80 проценти, а до 1 ноември до 90 проценти од нивните капацитети. Но, многу неверојатно е дека тоа оваа година ќе успее, во моментов во складиштата има само околу 65 проценти, што е премалку за обезбедување со гас в зима.

Фактички, не е исклучено Бундестагот да донесе одлука кој ќе има предност во снабдувањето со гас, а кој не.  

Европската комисија во Брисел моментно поаѓа од тоа дека Русија уште оваа година може комплетно да ја запре испораката на гас кон Европа. Затоа, нацрт на план за случај на вонредна ситуација предвидува на пример јавните и комерцијални објекти наесен да се греат до максимум 19 степени. Уште сега е јасно, на потрошувачите на гас во Европа им претстојат тешка есен и тешка зима.