1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Јагма за лажни ковид сертификати

ДТЗ
4 декември 2021

Досега се откриени четири случаи со лажни ковид сертификати, над 430 случаи на фалшиви ПЦР тестови за излез од земјата, а поднесени се и 130 кривични пријави за фалсификувани ПЦР ковид тестови.

https://p.dw.com/p/43l3A
Apotheke und Impfausweis
Фотографија: Sascha Steinach/ZB/picture alliance

Додека лежел на умирање од Ковид-19 во одделот за интензивна нега - еден млад човек им рекол на медицинските лица дека неговиот сертификат за вакцина бил лажен. Тој не бил првиот човек кој им признал на медицинските лица дека добил фиктивен сертификат, но бил најмладиот. За жал, било предоцна и тој починал. Овој пример од болницата Сибиу во централна Романија, којшто неодамна го пренесоа медиумите, сведочи за сериозноста на проблемот кој добива сѐ позагрижувачки размери во Европа. Во екот на пандемијата со Ковид-19, појавата на новите соеви и високиот процент на антиваксери кои одбиваат да ја примат и првата доза, секојдневно расте бројот на оние коишто се подготвени да платат неколку стотици евра за да добијат лажна пропусница за патување или за влез во кафуле.

Романија, Бугарија и Грција стануваат регионални центри за набавка на фалсификувани сертификати за вакцинација, а документ под рака се бара во речиси сите земји во регионот. На овој проблем не е имуна ниту Северна Македонија. Досега се откриени четири случаи со лажни ковид сертификати за вакцинација, над 430 случаи со фалсификувани ПЦР тестови за излез од земјата, а поднесени се и 130 кривични пријави за фалсификувани ПЦР ковид тестови. И покрај заканата од високи парични и затворски казни, многумина не се откажуваат од идејата да го пропатуваат светот со лажна ковид-пропусница.

Мажи со женски сертификати, деца со потврди на родители

Како што се стега обрачот околу невакцинираните лица за кои се воведуваат ограничувања за влез во јавни објекти и за патување доколку немаат потврда за примени две дози вакцина, толку тие се поупорни во пронаоѓањето заобиколни патишта. Иако, тоа многумина ги чини скапо. Со поседувањето на фалшиви документи граѓаните не само што ризикуваат да „заработат“ дебели казни, туку го ставаат на коцка и своето здравје и живот, избегнувајќи ја вакцинацијата, која во повеќето земји станува задолжителна.

Symbolbild Digitale Covid Zertifikate - Flugeinreise
Мажи се обидуваат да влезат во кафеани и во други јавни објекти со сертификати на жени, деца ги злоупотребуваат сертификатите за вакцинација на своите родителиФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Мажи се обидуваат да влезат во кафеани и во други јавни објекти со сертификати на жени. Деца ги злоупотребуваат сертификатите за вакцинација на своите родители. Иако во Северна Македонија нема пријава за случај како оној во Словенија, каде маж ги собори сите рекорди во примањето на 23 дози вакцина во туѓо име за пари, сепак кај надлежните постојат стравувања дека некои од граѓаните се подготвени на секакви „итроштини“ само за да ја избегнат вакцината, а да го добијат посакуваниот сертификат за патување во рака.

Недоумици

Дека граѓаните на секој можен начин се обидуваат да го заобиколат законот, укажуваат и од Државниот пазарен инспекторат. Неколку месеци откако стапија на сила мерките со кои е задолжителен влезот во затворени простории само со потврда за вакцинација, инспекторите често се на терен по повик на полицијата, но сè уште имаат недоумици до каде можат да постапуваат при откривањето на злоупотребите.

„Ние вршиме проверки дали угостителските објекти имаат редари и дали е извршена проверка на сертификатите од нивна страна, но имаме проблем при утврдувањето на тоа дали тие се веродостојни или не. Обично, кога ќе се влезе во некој објект, по случаен избор се врши проверка на гостите – неизводливо е инспекторите да одат од маса на маса и да ги проверуваат сите гости“, изјави за Дојче веле директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска.

Друг проблем е што кога инспекторите ќе им побараат личен документ за идентификација на граѓаните, за да го споредат со податоците на сертификатот, се случува да бидат одбиени. „Некогаш не сакаат да дадат лична карта, а некогаш можат и буквално да ни побегнат. Ќе го напуштат веднаш објектот и на тој начин спречуваат да бидат идентификувани“, вели Димоска.

Поради тоа, често инспекторите на терен одат во придружба на полицијата. „Најчесто во вечерните часови се случува полицијата да нѐ побара на терен, кога се вршат проверки по кафулињата и моловите. Се случува да нѐ чекаат подолго и од еден час за да пристигнеме, оти инспектори има малку, а нашите надлежности се големи“, укажува првиот човек на Инспекторатот. Таа алармира дека е неоходно при проверките да се вклучат и останатите инспекторати, кои имаат надлежности исто така да постапуваат согласно законот, со цел да се постигнат подобри резултати за сузбивање на злоупотребите со лажни сертификати.

Serbien | Die Kommunalmiliz kontrolliert COVID-Zertifikate in Nis
Кога ќе се влезе во некој објект, проверка на гостите се врши вообичаено по случаен избор, велат инспекторитеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Парични казни

Од МВР потврдуваат дека како асистенција на надлежните инспекциски служби, учествуваат во засилените контроли од страна на инспекторите. Така, во периодот од 08.11.2021 до 14.11.2021 година, инспектори од Државниот пазарен инспекторат со асистенција на МВР извршиле над 700 контроли за почитување на мерките и протоколите.

„При спроведените надзори, во  едниот објект било затекнато едно лице со лажен сертификат и едно лице без сертификат за примена на вакцина, а во вториот објект се затекнати три лица без поседување на сертификат за имунизација од коронавирусот“, велат од МВР за Дојче веле.

Поради неправилности и непочитување на мерките по Закон за заштита на населението од заразни болести и поради прекршувања на здравствените протоколи од страна на инспекторатот, затворени се двата објекта во Скопје и издадени се прекршочни платни налози за наплата на глоба согласно големината на субјектите. Овие контроли ќе се интензивираат во наредниот период, најавуваат од МВР.

Користењето фалсификуван сертификат претставува кривично дело, а казната може да е парична или затвор до 3 години, согласно Кривичниот законик. 

И Мики Маус доби зелен пасош

Европските полициски служби веќе открија неколку мрежи кои ги фалсификуваат сертификатите за вакцинација. Во книшката за вакцинација тие пишуваат дека лицето наводно ја примило вакцината против Ковид-19 или издаваат дигитален сертификат за т.н. зелен пасош. Сертификатот се смета за доказ дека неговиот сопственик е вакциниран или дека бил негативен на неодамнешниот тест. 

Во европските медиуми во октомври ударно место имаа информации за очигледно фалсификувани сертификати. На пример, тие беа издадени под имињата: Адолф Хитлер, роден на 1 јануари 1990 година, Сунѓерот Боб и Мики Маус. Претпоставките беа дека овие сертификати веројатно се направени од фалсификатори за да им докажат на клиентите дека можат да ги направат.

Covpass-App | Screenshots
Во европските медиуми во октомври ударно место имаа информации за очигледно фалсификувани сертификатиФотографија: Covpass-App

Според истражувањето на golem.de, најголем број пасоши за вакцинација за Мики Маус и Роберт Кох се издадени од Министерството за здравство на Северна Македонија, чии зелени пасоши важат и во ЕУ. Но, има и лажни сертификати кои доаѓаат од земјите на ЕУ: Германија, Франција и Полска. Најголемиот дел од кодовите се креираат преку регуларни онлајн-интерфејси, односно веб-страници преку кои овластените корисници - фармацевти или вработени во болница, креираат сертификати и пасоши за вакцинација. Некои страници не се заштитени ниту со едноставна лозинка.

Трговци со фалсификувани пасоши за вакцинација често ги нудат своите „производи“ на интернет. Ако криминалот започна да се шири преку „Дарк веб“, тој подоцна стана достапен преку специјални групи и на социјалните мрежи. Лажната потврда за вакцинација се продава по цена од 150 долари. Се нудат и попусти за оние коишто ќе побараат два или повеќе. Бугарија, Романија и Грција станаа главни центри во регионот за набавка на фалш-документите. Медиумите изминатиов период известуваа дека се води битка меѓу фалсификаторите во овие земји кој ќе понуди пониски и поприфатливи цени за да ги привлече антиваксерите од регионот.

Грчките медиуми открија скандал со издавање на зелени картони за вакцинација во Грција преку онлајн платформа, само неколку дена откако јавија дека грчки државјани одат во Бугарија и таму си набавуваат фалш-документи дека се вакцинирани по цена од 300 евра. Новинарско истражување откри дека сертификатите се продаваат за 160 евра, и секој може да добие валиден сертификат дека е вакциниран. Негативните антигенски тестови исто така се продаваат за 60 евра и се порачуваат од лица кои знаат дека се позитивни, но им требаат за да одат на работа или во посета на јавни места.

Серверите се безбедни

Од македонското Министерство за здравство за ДВ велат дека серверите, како и податоците на граѓаните во Националниот систем Мој термин, се безбедни и заштитени, не се случило пробивање на системот однадвор, со што би се загрозиле податоците на граѓаните.

„Влезот и евиденцијата во системот е дозволен за овластени лица и сето тоа се контролира, доколку некој внесе лажен податок, тоа свесно го прави, односно прави кривично дело“, велат од Министерството за здравство и апелираат секој кој има сознанија за незаконски постапувања, случаите да ги пријави на надлежните органи.

Nord-Mazedonien | Kontrolle digitaler Covid-19 Zertifikate
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тие потсетуваат дека откако есенва беше спречен обидот во ЕУ да се пуштат во оптек невалидни сертификати, веднаш биле активирани безбедносните протоколи со што е спречено користењето на лажни ЕУ-сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

„Министерството за здравство соработува со сите институции во државата, незаконските дејанија се во надлежност на полицијата и обвинителството“, додаваат од институцијата.

И границите порозни за фалсификати

ЕУ во средината на август годинава ги прифати македонските сертификати за вакцинација против Ковид-19. Со тоа, Северна Македонија стана прва земја во регионот за која сертификатите за Ковид-19 се сметаа за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

Податоците на полицијата, покажуваат дека оттогаш на граничните премини при влез и излез од државата биле откриени вкупно четири случаи со лажни ковид сертификати за вакцинација. Од нив два се откриени од полициски службеници при Регионалниот центар за гранични работи Север, односно на граничен премин Долно Блаце, додека останатите два се откриени од полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад, односно на граничен премин Блато.

Полицијата пред неколку дена информираше и за случај на преминот Табановце, каде полициски службеник дозволил патник да ја премине границата иако немал валиден ПЦР тест или сертификат за вакцинација. Против него ќе биде покрената постапка.

Paris | Illustration Corona-Test
ЕУ во август ги прифати македонските сертификати за вакцинација против Ковид-19Фотографија: Balkis Press/abaca/picture alliance

„Во периодот од август до 18.11.2021 година, поднесени се четири кривични пријави за сторени четири кривични дела „фалсификување исправа“ против шест сторители кои поседувале лажни сертификати за вакцинација. Контролата на веродостојноста на сертификатите за вакцинација, Министерството за внатрешни работи во континуитет ја врши во соработка со Државен пазарен инспекторат“, велат од полицијата.

Што се однесува до фалсификуваните ПЦР тестови - 439 (лани 33), најмногу се откриени на граничниот премин „Меѓународен Аеродром Скопје“ и „Деве Баир“, каде во најголем дел лицата се обидувале со фалшиви ПЦР тестови да излезат од државата. Во делот на  изработка и продажба на фалсификувани тестови за Ковид-19, поднесени се 130 кривични пријави против 149 сторители (51 странски државјани) за сторени 124 кривични дела „фалсификување исправа“, при што фалсификувани се ПЦР ковид тестови.

-повеќе на темата: За фалсификување сертификати за вакцинација - затворски казни

„Секторот за меѓународна полициска соработка врши размена на информации со земјите од Европа преку нивните соодветни служби за лажни ПЦР тестови и сертификати за вакцинација. Соработката се одвива успешно и досега не сме се соочиле со потешкотии при добивање на одговор. Ова е од причина што употребата на документ пред институции кој е лажен или фалсификуван е казниво дело во речиси сите земји од Европа“, велат од МВР за ДВ.

Најголема соработка  македонската полиција има со земјите од регионот, конкретно со Косово и Србија, а има размена на информации со Австрија, Бугарија, Германија, Словенија, Турција и Швајцарија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема