1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јемен, хаосот и Ал Каеда

Керстен Книп/сн21 април 2015

Борбите во Јемен ги заслабнуваат институциите на државата. Од нивното расоаѓање профитира пред сѐ терористичката мрежа Ал Каеда, Та систематски го проширува подрачјето под нејзина власт.

https://p.dw.com/p/1FBbl
Фотографија: Yahya Arhab/picture alliance/dpa

Нафтен терминал, воени бази и сега аеродромот во Ријан. Ова се некои од стратешки важните позиции кои ги контролира терористичката организација Ал Каеда на Арапскиот полуостров (АКАП). Оваа група го користи хаосот во најсиромашната арапска земја за да го прошири подрачјето на своето влијание. На почетокот на април борците на Ал Каеда на југот на земјата, во градот Мукала, го нападнаа тамошниот затвор и ослободија 300 свои симпатизери. Мукала е главен град на провинцијата Хадрамaвт која е главен центар на активности на АКАП во Јемен.

АКАП од Хадрамавт ја следи својата сопствена агенда. Оваа група не учествува во војната меѓу шиитските Хути и меѓународната коалиција која ја предводи Саудиска Арабија. Борците на Ал Каеда за Саудиска Арабија не се легитимни и поради тоа Ал Каеда борбите ги користи во свои цели и тоа многу успешно. „АКАП досега е победник во конфликтите во Јемен“, го опишува меѓународниот интернет магазин Ал-Монитор последниот триумф на оваа група. „Колку повеќе траат борбите во Јемен, толку повеќе ќе профитира Ал Каеда“, наведува овој магазин.

Немоќта на државата

АКАП од 1998. година го користи Јемен како област прибежиште нејзините борци и место каде што регрутира нови. Финансиски слабата држава досега не можеше да им се приближи на терористите. Дотолку повеќе ја искажуваше својата немоќ. Ал Нусра Фронт, инаку близок на Ал Каеда, во август минатата година киднапираше и уби 14 јеменски војници. Групата оваа акција ја окарактериза како одговор на антитерористичката акција која ја спроведе американската војска со одобрување на јеменската влада.

Недамнешните успеси на АКАП не се само важни од пропагандни причини. Групата се потпира на стратешки успеси како што е заземањето на нафтениот терминал. Имено, само со таков спектакуларен триумф може да се спротистави на својот голем конкурент, терористичката група Исламска држава (ИД). Откако ИД во 2014. година во деловите на Сирија и Ирак прогласи Калифат, не само што ја истисна Ал Каеда од центарот на светското внимание, туку се’ повеќе го привлекува интересот на регрути кои од другастрана и’ недостасуваат на Ал Каеда.

Jemen Flüchtlinge Sanaa
Фотографија: AFP/Getty Images/M. Huwais

Плодно тло за тероризам

Поради тоа Јемен е се’ поинтересен за Ал Каеда. Слабо развиената земја е идеално место за регрутирање нови борци. Поради голем број нерешени проблеми, терористите често под свои закрила земаат млади лица кои се ионака без никаква перспектива. Хелен Лекнер, политиколог и стручњак за Јемен од универзитетот Оксфорд вели дека во Јемен во наредните неколку години ќе има се’ повеќе млади кои поради лошото или никакво образование ќе имаат мали шанси да се вработат. Таа истакнува оти ќе дојде до зголемување на бројот на сиромашни, а дека населението ќе се соочи со недостаток на вода за пиење и оти нема да има индустриски развој. „Она што го очекува Јемен е: зголемување на сепаратистички тенденции на југ, радикална конфесионализација на север како и класни и племенски конфликти ширум земјата“, вели Лекнер. Тие работи Ал Каеда ќе ги искористи во секој случај. Групата е одамна активна на меѓународен план. Членовите на АКАП на интернет го објавуваат џихадистичкиот весник „Инспајар“. На прв поглед графички модерениот магазин ширум светот ја рекламира оваа група и врбува нови членови. АКАП се доведува во врска и со нападот врз францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо. На еден од карикатуристите, Стефан Шарбоние, кој е убиен во атентатот и на другите „барани“ лица, АКАП им префрла дека „сториле злосторство против исламот“.

Политичко решение е неопходно

Се претпоставува дека зад магазинот, кој покрај останатото објави и упатство за правење бомби, се крие името на радикалниот проповедник Анвар Ал-Авлаки. Тој беше американски државјанин со потекло од Јемен. Ал-Авлаки, роден во американската сојузна држава Њу Мексико, во 2014. година со своето семејство од САД се врати во Јемен. Во март 2010. повика на „света војна“ против САД. Анвар Ал-Авлаки во септември 2011. година е убиен во напад на американски беспилотни летала.

Во моментов борбата меѓу меѓународната коалиција предводена од Саудиска Арабија и Хутите,инаку сојузници на владата во Техеран, и понатаму ги слабеат јеменските државни структури. Поради сето тоа ОН бара итно да се пронајде политичко решение за кризата кое е многу важно бидејќи тоа е средство кое долгорочно ќе го спречи успехот на АКАП.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема