Југоисточна Европа: нови гасоводи не се решение
6 март 2022Беше тоа свечен момент. Во јануари 2020 година Грција, Израел и Кипар во Атина потпишаа Договор за изградба на средоземноморскиот гасовод Истмед. Според замислата, од 2025 година Израел од Источно Море низ 1900 километри долг подземен гасовод треба да испорачува гас за Западна Европа. Италија е главен купувач, а разни земји од југоисточна Европа на тој начин ќе може да дојдат до поевтин гас.
При потпишувањето, тогашниот министер на Грција за енергетика, Костас Хацидакис, проектот го фалеше како „мировен, кој ќе придонесе за енергетската безбедност на Европа и е поддржан од ЕУ”. Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадес, зборуваше за „историски настан”. Домаќините во тоа време не сакаа да придаваат големо значење на фактот што претставници на италијанската влада неочекувано го откажаа своето присуство на потпишувањето на Договорот. Радоста дека Грција во иднина ќе биде енергетска клучка во источниот дел од Средоземно Море фрли сѐ друго во сенка. Толку од теоријата.
Праксата покажа дека само две години подоцна сите учесници се отрезнија. Сѐ уште не се обезбедени финансии за проектот. Покрај тоа, според податоци во грчките медиуми, САД посочиле дека поради економски тесни грла и политички компликации во регионот не советуваат да се гради гасоводот. Неодамна токму за ова известуваше магазинот „Политико” и проектот го прогласи за „мртов”.
Лажни очекувања
Портпаролот на грчката влада, Јанис Економу, изјави дека на крајот на краиштата пазарот мора да одлучи дали има економска исплатливост на гасоводот. Јоргос Кирцос, пратеник во Европскиот парламент од редовите на грчката владејачка Неа Демократија, не верува дека приватни инвеститори може да ги обезбедат потребните шест милијарди евра.„Никогаш не сум сметал на тоа дека проектот е економски издржан. Се сомневам дури и дека земјите учеснички некогаш верувале во тоа”, вели Кирцос за ДВ. Освен тоа, неодамнешните тензии меѓу Грција и Турција секако не се од корист за гасоводот“, предупредува економистот. „Ако регионално голема сила како Турција е исклучена од ваков проект, есапот тешко дека ќе излезе," заклучува Кирцос.
Очекувањата на земјите учеснички, дека ЕУ би можела во голем дел да го финансира гасоводот, од оваа временска перспектива изгледаат несоодветни. До 2030 година ЕУ сака да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 55%. Затоа нови инвестиции во гасоводи или електрани на гас се предмет на подбив. Меѓу 2008 и 2019, како што се гледа од најновите извештаи, земјите членки на ЕУ субвенционирале фосилни горива со даночни средства во висина од преку 50 милијарди евра годишно. Таквите субвенции се „пречка на патот кон остварување на климатските цели”, критикуваат европските ревизори.
Нејасни одредби
Кон крајот на 2021 претставници на сите членки на ЕУ постигнаа договор за прекугранични енергетски проекти. Според тоа, субвенционирање на гасоводи со средства од ЕУ веќе не е дозволено. Еден исклучок е само идното приклучување на Кипар кон европската гасоводна мрежа. Дали така на мала врата ќе се обезбеди делумно финансирање на Истмед? Ситуацијата сѐ уште е непрегледна.
Впрочем, Европската комисија во т.н. „Подзаконски акт за таксономија” сака и гасот да го категоризира како климатски позитивен извор на енергија - за преоден период и под одредени услови. Грчкиот економски портал „Енерџи прес” токму во оваа одредба гледа можност за финансирање на Истмед и со средства од ЕУ. Субвенционирање на нови гасоводи во актот всушност не е предвидено - или можеби е? „Европската комисија час е за, час е против гасот", забележува европарламентарецот Кирцос. „Правилата во моментов не се јасни, ние не знаеме што може, а што не може да се субвенционира. Тоа е проблем за потенцијален инвеститор кому му е потребна сигурност за да може да си ја планира инвестицијата", додава конзервативниот политичар.
Гас наместо јаглен
Експертите во формулацијата се уште подрастични: исклучувањето на сите фосилни извори на енергија би значело дека си ја сечеме гранката на која седиме, предупредува Александрос Лагакос, директор на атинската енергетска компанија „Блу грид” и ко-основач на тинк тенкот „Грчки енергетски форум”. Во претстојните години или можеби децении, гасот ќе остане важен составен дел во енергетскиот микс во Европа, смета Лагакос. Во тоа се согласни сите експерти.
Тоа особено важи за ЈИЕ: во Грција и Бугарија, но и други места во регионот, гасот во споредба со другите користени извори на енергија е релативно нештетен за климата, па оттаму и многу ценет ресурс за да се напушти користењето на јаглен. Само во грчкиот регион западна Македонија познат по наоѓалиштата на јаглен, во моментов има финансиска поддршка од околу седум милијарди евра насочена контра користењето електрани на јаглен.
ТАП - мала успешна приказна
На југоистокот на Европа сепак можеше да се реализира еден важен проект со гасоводот ТАП, преку кој од декември 2020 Азербејџан го снабдува континентот со гас. Коридорот се протега на околу 900 километри должина од турско-грчката граница преку Албанија до Италија со капацитет од 10 милијарди кубни метри гас годишно. ЕУ го поддржа проектот кој беше финансиран од Европската инвестициска банка. Од испораката на гас профитираат и Бугарија и Грција. „Од сега има разноликост”, најави тогашниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, кон крајот на 2020 и со тоа на квази-монополот на Газпром во земјата му беше ставен крај.
Сериозна конкуренција за рускиот гас?
За Александрос Лагакос успехот е неспорен „ако се земе предвид дека Бугарија и Грција набавуваат секоја по една милијарда кубни метри гас годишно преку гасоводот ТАП. На малиот пазар во југоисточна Европа количините гас од Азербејџан и тоа како може да направат разлика”, вели Лагакос. Но, во европски контекст сликата е различна бидејќи Европејците секоја година трошат по 500 милијарди кубни метри гас, така што количествата од Азербејџан тешко дека ќе сменат нешто на конкуренцијата, оценува енергетскиот експерт. Затоа членките на ЕУ и натаму нема да може да ја заобиколат Русија. „Како единствен понудувач на гас Русија секако би била во можност да ги зголеми количините”, вели Лагакос. „Но, таа не го прави тоа. Русија сака да профитира од актуелните рекордно високи цени," заклучува тој.