1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер: Членството во ЕУ не паѓа од небо

СН/ агенции
17 јануари 2018

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, со поглед кон земјите од Западен Балкан, порача дека приемот во Европската унија не доаѓа едноставно така, туку мора да се одработи.

https://p.dw.com/p/2qxy3
Europäisches Parlament in Straßburg Brexit-Debatte | Jean-Claude Juncker
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Првиот човек на Еврокомисијата го поврза евентуалниот прием на земјите од Западен Балкан во европското семејство со условот да ги решат нивните гранични конфликти. Не смее да се случи таквите конфликти дури години по приемот во ЕУ да испловуваат на површина, каков што е сега случајот со Хрватска и Словенија истакна Жан-Клод Јункер во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур. „Приемот во ЕУ не доаѓа едноставно така, не паѓа од небо, тој мора да се одработи“, потенцираше Јункер во обраќањето по повод бугарското претседателствување со Унијата. 

Повеќе на темата:

-Јункер за ДВ: Западниот Балкан заслужува ЕУ-перспектива

-Бугарија претседава со ЕУ во тешко време

-Бугарија: Фанфарите не можат да ја покријат корупцијата

Неодамна ескалираше спорот меѓу Хрватска и Словенија за граничната линија во северниот дел на Јадранското море. Меѓународен арбитражент суд за чие вклучување во спорот посредуваше ЕУ, пресуди дека на Словенија ѝ припаѓа поголемиот дел од Пиранскиот залив на полуостровот Истра и еден коридор кон отворено море. Хрватска не ја признава арбитражата и смета дека границата треба да минува на средината на заливот.

Bulgarien Ministerpräsident Boyko Borisov
Фотографија: picture-alliance/abaca/Prime Ministry of Bulgaria

Бугарија и Македонија како пример

Бугарскиот премиер Бојко Борисов пак во Стразбур порача дека односот на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе биде во средиштето на вниманието на бугарското претседателствување со ЕУ, кое започна на почетокот на годината и ќе трае шест месеци. „Ова е вистинско време да им се каже на овие земји дека европската перспектива им е отворена ", рече Борисов денеска пред пратениците во Европскиот парламент. Тој во обраќањето истакна дека Бугарија и Македонија со постигнувањето на Договорот за добрососедство се вистински пример за решавање на проблемите. Борисов изрази надеж и оти наскоро ќе биде изнајдено решение за спорот за името меѓу Скопје и Атина и оти Македонија брзо ќе стане членка на ЕУ и на НАТО.  Ова е негова прва посета на Европарламентот во својство на претседавач со Советот на ЕУ.