1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љушев прв на удар поради „соработката“ на Вип со СЈО

22 ноември 2016

Долгогодишниот директор на телекомуникацискиот оператор Вип, Никола Љушев за Дојче Веле вели дека повлекувањето од челната позиција е негова лична одлука. Дали заминувањето има врска со соработката со СЈО?

https://p.dw.com/p/2T3zF
Größtes Telekom-Rechenzentrum vor Inbetriebnahme
Фотографија: DW/K.Ben Belgacem

Компанијата Вип преку ноќ одлучи да се откаже од услугите на својот долгогодишен директор Никола Љушев и на негово место го постави досегашниот директор на конкурентскиот Телеком, Димитар Ковачевски.
Во соопштението од компанијата се наведува дека Љушев одлучил да ја напушти функцијата извршен директор од лични причини и да се посвети на предизвици надвор од ВИП.

Во изјава за Дојче Веле, Љушев потврди дека ја напушта функцијата и вели дека останува во Македонија.
„Да, ова е моја лична одлука“, ни соопшти Љушев во кус телефонски разговор.

Според информациите на Дојче Веле, заминувањето на Љушев од Вип се должи на „протекувањето“ информации од мобилниот оператор кон Специјалното јавно обвинителство. Иако Љушев одбивал да соработува со СЈО во рамките на истрагата „Таргет“, клучните информации и логови од прислушувањето сепак стигнале до Специјалното обвинителство. Извори на ДВ тврдат дека е можно заминувањето на Љушев да е некој вид казна поради тоа што не успеал да го контролира одлевањето на информациите.

Можно е во наредните денови да дојде и до натамошни смени во компанијата и на други раководни позиции. 

Соработка со СЈО

Според анонимни извори на ДВ во Вип, меѓу вработените владеело големо изненадување од смената на врвот. На 14 ноември, компанијата во хотелот Мериот во Скопје одржала презентација на нови директори на која присуствувал и Љушев и немало никаква најава за промените. 

Dossierbild 1 Internetsicherheit
Според информации на ДВ, заминувањето на Љушев од ВИП се должи на „протекувањето“ информации од мобилниот оператор кон СЈОФотографија: picture-alliance/ZB

Четири дена подоцна, обете телекомуникациски компании Телеком Македонија и Вип се најдоа во центарот на вниманието на јавноста откако на прес-конференција на СЈО беа соопштени новите обвиненија во скандалот со масовното прислушување. Според кажаното, само една од двете компании соработувала со СЈО во истрагата. Шпекулациите во јавноста се дека Македонски Телеком е компанијата која досега не му ги доставила на СЈО бараните податоци во рамките на истрагата „Таргет“, што укажува дека најверојатно податоците се добиени од Вип.

Од Телеком ги демантираа таквите информации, тврдејќи дека „навремено обезбедиле одговори на сите барања од Специјалното јавно обвинителство“ и остануваат отворени за понатамошна соработка со надлежните органи“.

СЈО објави дека во периодот од 2008 до 2015 година во Македонија незаконски се прислушкувале најмалку 5.800 телефонски броеви. Според неофицијални информации на ДВ, овие податоци се добиени благодарение на соработката на другиот телекомуникациски оператор- ВИП, чиј директор Љушев вчера ненадејно одлучи да ја напушти функцијата.

Од Вип му искажуваат благодарност на Љушев за неговата работа во компанијата и му посакуваат многу успех во неговата идна кариера.

Тој пак, вели дека во компанијата ќе остане до средината на следната година. На негово место доаѓа Димитар Ковачевски, кој целата професионална кариера ја минал кај конкурентската фирма Македонски Телеком.

Дојче Веле ја контактираше и „Телеком Аустрија“, компанијата која е сопственик на операторот оне.Вип во Македонија, со прашање дали заминувањето на Љушев од функцијата има некаква врска со соработката со Специјалното јавно обвинителство. До објавувањето на овој текст, оттаму нема реакција.