Германската влада и политиката кон Источна Европа и Балканот
4 јануари 2022Во прилично обемниот коалициски договор на СПД, Зелените и ФДП од 180 страници, односите со централна и југоисточна Европа, како и германско-руските односи, играат споредна улога. Дури и на конфликтите во поранешните советски републики поттикнати од Русија, како и војната во Украина, не им се посветени повеќе од неколку редови во документот. Контроверзниот гасовод Северен тек 2 дури не е ни споменат, а ниту збор нема и за спорот околу функционирањето на правната држава во Полска и Унгарија.
Таквото игнорирање на Истокот и политиката кон Русија, во коалицискиот договор е зачудувачко, но не е и случајно. Зачудува и поради фактот што земјите од централна и југоисточна Европа, односно од таканаречената Вишеградска група, се едни од најважните економски партнери на Германија, а земјата е важна геополитичка оска помеѓу Истокот и Западот. Исто така, релациите на Германија и Русија во меѓународни рамки во изминатите години добиваа сѐ повеќе на тежина, а тоа е и тема која сѐ повеќе ја окупира и германската јавност.
Тоа што во коалицискиот договор речиси и не се зборува за политиката кон источна Европа воопшто не е случајно, бидејќи тоа е една од најспорните теми во новата „семафор“-коалиција. СПД се залага за поблаг однос кон Кремљ. Тие и во претходната владина коалиција со партиите на Унијата не беа многу остри во критиките поради демонтирањето на правната држава од страна на Јарослав Качински или Виктор Орбан. Либералите, пак, се доста поделени во однос на политиката кон источна Европа – постои таканаречено бизнис-ориентирано крило во партијата, кое на прво место ги става економските интереси на Германија, но имаат и друго крило, на кое му се поважни човековите права и владеење на правото. Зелените, пак, не штедат критики на сметка на Кремљ и се залагаат за надворешна политика која се „заснова на вредности“. Тоа, по заштитата на климата и екологијата е еден од најважните аспекти за имиџот на оваа партија.
Одлучен настап
Но, се покажа дека токму надворешната политика кон европскиот исток, покрај борбата против пандемијата, е една од најважните теми во првите недели од работата на новата германска влада. За тоа има повеќе причини. Агресивниот курс на Полска во спорот со Европската унија, повторните сецесионистички закани на лидерот на Република Српска, Милорад Додик и на крајот - распоредувањето на руска војска долж границата со Украина.
Новата министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, од редовите на Зелените, во повеќе наврати досега настапи со јасен став. Ѝ се закани на Русија со „реални последици“ во случај на инвазија врз Украина, а поради едно убиство, во кое очигледно биле вмешани руски дипломати, таа од Германија протера двајца руски дипломати. Ваков одлучен настап не можеше да се очекува од нејзиниот претходник Хајко Мас.
Претпазлив пристап
Оној кој деновиве на овие теми разговара со претставниците на владејачките партии добива многу одговори во кои се споменуваат принципи, но речиси никаков конкретен став, повеќе „подметнување“ очекувани изјави и многу реченици кои звучат како политичко балансирање. Се добива впечаток дека по секоја цена се сака да се избегне разгорување на латентниот спор во коалицијата околу чувствителни теми како што е источна Европа.
Нилс Шмид, претставник од пратеничката група на СПД во Бундестагот задолжен за надворешна политика, за ДВ вели дека е вистина оти во последниве години со Кремљ не е постигнат никаков консензус за големи политички прашања. Но, сепак смета дека „во овој момент не смееме да го прекинеме и оној минимален дијалог којшто е преостанат, иако истовремено мора јасно да ги браниме нашите позиции.“
Притоа нагласува дека по секоја цена треба да се избегне Германија да „солира“ во односите со Москва. „На Русија треба јасно да ѝ се стави до знаење да не очекува дека проблемите ќе се решаваат билатерално, туку дека ќе се решаваат само на ниво на ЕУ и НАТО“, вели Шмид.
Крај за Северен тек 2 во случај на инвазија врз Украина?
Тој смета дека политички спорната тема, гасоводот Северен тек 2, е решена. „Гасоводот е изграден и сега би требало да се работи на прашањето поврзано со концесијата“, вели пратеникот од СПД. Не ја исклучува можноста од блокада на проектот во случај на руски напад врз Украина, но тоа, како што вели, нема да оди автоматски.
Кај Зелените и ФДП, напротив, спорниот гасовод наидува на отпор. Пред сѐ Зелените се тие кои сакаат во случај на руска агресија врз Украина да се преземат драстични мерки и целосно да се блокира Северен тек 2.
Нема дијалог по секоја цена
Робин Вагенер, пратеник од Зелените задолжен за европска политика, сепак дава поопшта формулација: „Ако Русија ја нападне Украина, тоа нема да помине без последици и Зелените јасно стојат зад ова“, вели Вагенер за ДВ. Тој додуша смета дека СПД и Зелените настапуваат со различни приоритети кога е во прашање Русија. На пример, едните се да се остане во дијалог со Русија, другите дека нема потреба од дијалог по секоја цена ако тој не носи резултати.
Пратеничката од ФДП, Рената Алт, родена во Словачка и долгогодишен известувач за нејзината партија за централна и источна Европа, а сега актуелна потпретседателка на Комисијата за човекови права во Бундестагот, за ДВ вели: „Јас лично се прашувам зошто ни е потребен Северен тек 2, кога не е искористен ниту целиот капацитет на Северен тек 1.“ Според неа, во последниве месеци се покажало дека Путин го инструментализира испорачувањето на гасот, па затоа е важно новата влада, во однос на снабдување со енергенси, да работи на помала зависност од Русија, но и од САД.
На потег и германската економија
Поголема согласност во коалицијата има околу темата правна држава во однос на Полска и Унгарија. Нилс Шмид од СПД дури и формулира критика на сметка на германската влада и зборува за „воздржаност на претходната влада да загризе против Виктор Орбан”. Шмид посочува дека „зад тоа се криеле партиско-политички мотиви, бидејќи партијата на Орбан, Фидес, е членка на ЕПП, исто како и ЦДУ на Меркел”.
„Тоа беше грешка која сега скапо ќе ја платиме. Тоа што се случува во Полска е на некој начин можно зашто се направија толку многу пропусти со Унгарија”, заклучува Шмид.
Ова комотно би можела да биде констатација и на Зелените и Либералите. Но, Роберт Вагенер од Зелените вината ја лоцира пред сѐ во Брисел. „Ние не треба како поединечна земја членка самоволно да преземаме мерки против Полска или Унгарија“, вели тој. Рената Алт, пак, итно апелира до нивата влада да не биде толку воздржана како претходната. Либералката смета дека и германската економија е на потег, како на пример производителите на автомобили кои имаат фабрики во Унгарија: „Има повеќе начини за големи компании како БМВ или Дајмлер да испратат пораки кога се работи за човекови и граѓански права”, заклучува Алт.
Промена во политиката за Западен Балкан?
Еден пратеник во Бундестагот од семафор-коалицијата, кој исто така е настојчив по ова прашање, е социјалдемократот и долгогодишен надворешнополитички експерт и познавач на југоисточна Европа во партијата, Јосип Јуратовиќ, кој по потекло е од Хрватска. Тој уште за време на големата коалиција попусто бараше пресврт во политиката на владата и на ЕУ во однос на Западниот Балкан.
„Берлинскиот процес”, иницијативата за дијалог на германската сојузна влада со земјите од Западен Балкан започната во 2013 година, чија цел е да помогне во демократската трансформација и интеграција на регионот во ЕУ, Јуратовиќ го нарече „подвижен циркус” со кој Ангела Меркел „почестува автократи и им ги стабилизира режимите”. „Противречноста во таквата политика за Западен Балкане што од една страна вели дека нуди ЕУ-перспектива на регионот, а од друга страна работи со политички потрошени и компромитирани лица и ги финансира автократските режими без да биде таквата помош врзана за исполнување на некакви услови”, вели Јуратовиќ.
Затоа, тој бара новата влада да го направи одамна потребниот пресврт. „На Западен Балкан мора да ја поддржуваме демократската опозиција и да ја охрабриме за соработка. На локално ниво има многу струи кои се подготвени за тоа”.