1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ќе стигне ли во Германија лек против коронавирус од Куба?

Андреас Кноблох
7 април 2020

Во Кина лекот ИНФрек наводно им помогнал на пациенти заболени од Ковид-19. Затоа едно претпријатие сака да го увезе во Германија. Испораката е спремна, но увозот не е одобрен. Фирмата лекот ѝ го нуди на Шпанија.

https://p.dw.com/p/3aaQi
Interferon Alfa 2B Mittel zur Behandlung von Covid-19
Фотографија: Reuters/Str

„Ние од почеток со загриженост го следевме ширењето на вирусот“, вели Георг Шефер, директор и сопственик на Профимед, средно по големина претпријатие со околу 150 вработени и со производни погони во германската сојузна покраина Саксонија и во Австрија. „Брзо стана јасно дека мора да се преземе нешто за спасување животи.“

Со оглед дека вакцина не може толку брзо да се произведе, Шефер сака во Германија да го увезе кубанскиот лек Интерферон алфа (ИНФрек) за околу 1.000 пациенти. Тој веќе со години има добра деловна соработка со партнери во Куба. Тој лек го јакне имунолошкиот систем и инаку се користи за лекување на денга-треска, рак и хепатитис Б и Ц. Тој, заедно со други лекови, бил применуван и во Кина при лекување пациенти заболени од Ковид-19 и тоа со добри резултати.

„Секој живот кој може да се спаси со примена на Интерферон вреди енергични напори за добивање дозвола за увоз. Не сакаме во Германија да се случи втора Италија“, вели Шефер. Неговата фирма произведува медицинска опрема врз база на целулоза, како што се гази, завои и слично. На подрачјето на фармацијата нема никакви искуства.

 Во вртлогот на бирократијата

Кубанската фирма БиоКубаФарма му ветила на Профимед на располагање да му стави количини од ИНФрек доволни за лечење на 500 до 1.000 пациенти. Рокот на испорака е до 25 дена. Но, за порачка е потребна дозвола од Сојузната служба за регулирање на увозот во Германија. Тоа е пропишано со германскиот Закон за лекови.

Затоа Шефер на средината на март се јавил во различни министерства и покраински служби. Од сојузното Министерство за економија стигнала информација дека неговиот мејл е проследен до Министерството за здравство. Шефер и самиот испратил таму писмо, но одговор нема.

Одговор не добил ни на барањето испратено до Државното министерство за социјала во Саксонија. На новинарско прашање оттаму добивме информација: „Ако се сака увоз на лек, потребно е исполнување на условите предвидени со Законот за лекови (дозвола, стручно лице, складишен простор и слично)“. Освен тоа, се истакнува дека за увоз на лекови е надлежна покраинската дирекција на Саксонија, која е во склоп на Министерството за внатрешни работи на Саксонија.

Недоволно докази за дејството на лекот

Портпаролот на Соузниот институт за лекови и медицински производи во Бон на прашањето одговара дека „пуштањето во промет на некој лек е условено од официјална дозвола“. За таа цел одделна фармацевстка компанија треба да поднесе документи кои докажуваат „делотворност, безбедност и квалитет на лекот.“ Од Сојузниот институт исто така истакнуваат дека моментно не е можно наоѓање веродостојни докази за делотворноста на лекот во лекувањето на Ковид-19, како и дека лековите кои содржат Интерферон алфа веќе се наоѓаат на германскиот пазар.

Повеќе:

Трката по вакцина за коронавирусот во тек, со неизвесен крај

Крвна плазма- нова надеж во битката со коронавирусот

Зошто кубанските лекари го ризикуваат својот живот помагајќи во други земји

Коронавирус: Конфузија околу лековите, што да се користи?

Јасно е: ИНФрек не е решение за кризата со коронавирус. Тоа во средината на март го истакна и Едуардо Мартинез, претседател на фирмата БиоКубаФарма. Тој ги демантираше гласините на социјалните мрежи дека Куба располага со лек против пандемијата. „Интерферон е производ за терапија, е не вакцина“, рече тој.

Алтернатива е Шпанија?

Без оглед на тоа, Шефер ќе продолжи со напорите околу добивање дозвола за увоз на кубанскиот лек. „Ако Германците не сакаат, ќе го испорачувам на Шпанија“, вели и додава дека сериозно преговара околу тоа.

За него работата со Куба не е ништо ново. Профимед има порачки од Куба за испорака на материјали за третирање рани во шестоцифрени бројки. Контингентот на Интерферон би бил некој вид платежна гаранција. „Кубанците би излегле во пресрет и би го пребиле долгот“, смета Шефер.

Но, тој моментно има и друга работа: заштитните маски се исклучително барана стока. Шефер затоа краткорочно го пренасочил производството во погонот во Саксонија. „Во првава половина од април ќе бидат готови првите прототипови на маски“, рече тој.