Автоголот на Зоран Заев
14 август 2019Некои го обожуваат, а други го мразат, но Жозе Мурињо беше голем фудбалски тренер. Во кариерата ги освои сите титули кои можат да се освојат. Но, Жозе имаше една голема мана. А ќе тргнеа работите наопаку, му беа виновни сите, освен тој самиот: судијата, теренот, навивачите, противничките играчи, неговите играчи, новинарите, еднаш дури настрада и физиотерапевтката. Пред важни мечеви и особено по секој пораз на неговиот тим, Жозе имаше навика да влезе во модус „фул Мурињо“ и да направи скандал кој неизбежно го вртеше вниманието од главната тема и од клучните прашања: зошто неговиот тим игра лошо, и зошто тој самиот упорно инсистира на тактика која очигледно не функционира?
Славниот тренер, или менаџер, како што милуваат да кажат Англичаните, во меѓувреме заврши како коментатор. Седи пред ТВ камерите на телевизијата Скај и дава стручни коментари за мечевите на кои и тој самиот, некогаш, беше главна ѕвезда. Газдите на големите клубови, играчите и навивачите повеќе немаат доверба во Жозе, а нему суетата секако не му дозволува да води некој паланечки тим.
Фрустрација и немоќ
Од моментот кога македонскиот премиер Зоран Заев најави битка со дезинформациите, а нешто подоцна и инвестиции во вредност од 5 милијарди евра, неодминливо е чувството дека нешто е тргнато опасно наопаку во земјата. Доколку со тие најави и дефинитивно му дојде крајот на граѓанскиот наратив и се тргна во популизам кој секако ќе трае до следните избори, кога и да бидат, последниот испад на Заев укажува дека тој популизам е придружен со немоќ, фрустрација и очај. А тие се одраз на неуспехот, системот, каков-таков, да се постави на здрави нозе и да почне да функционира.
„Нема да дозволам неколку криминалци, суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја срушат Владата“.
Оваа изјава ќе остане забележана во аналите на македонската политика, без оглед дали Заев мислел на „карактерна особина“ или означувал „сексуална припадност“. Ќе го следи и него сѐ додека е жив.
И ниту едно извинување или дополнително објаснување нема да ја санираат штетата.
Заев едноставно си даде автогол и тоа во најтешката можна ситуација за неговиот тим. А во политиката, како и во фудбалот, сметката за погрешната тактика и лошиот избор на играчи секогаш ја плаќа тренерот. Тешко на таа влада која се чувствува загрозена од „неколку криминалци, суетен новинар и еден педер“.
Се сомневам дека Заев, и покрај сета непромисленост, со изјавата имал намера да ја навреди или омаловажи ЛГБТ заедницата. Она што досега беше сторено од неговата влада во насока на унапредување и поддршка на правата на оваа заедница, говори во прилог на таквиот став. Доколку тоа не е доволно, секако е тука опозициската ВМРО-ДПМНЕ загрижено да реагира и да ги одбрани или продлабочи тие права. Нема дилема притоа дека ќе ги заштити и новинарите. Традиција е во прашање.
Патем, ај што никој не се препозна, ама не е ли чудно што никој не реагираше на квалификацијата „криминалци“, иако таа сериозно го нарушува принципот на презумпција на невиност? Не остана ли никој во Македонија кој ќе ги одбрани и нивните, уставно загарантирани, човекови права? На криминалците мислам.
„Фул Мурињо“
Релативизацијата на изјавата сега нема да помогне, но секако ќе биде подобро доколку Заев ги најде корените на неговата фрустрација, одошто да се занимава со последиците. Наместо со изјави и објави на социјалните мрежи да ветува правна држава и расчистување на криминалот, додека е во фазата „фул Мурињо“ може да каже кој и зошто ја одолговлекува истрагата за случајот „Рекет“? Партиските декларации за борба против корупцијата и криминалот, и владините тела кои, „ама сега сериозно“, ќе се справуваат со чумата на македонското општество се само мачкање очи- не помагаат затоа што веќе на сите ни е црно и пред очите и под нив од ова што се случува во земјата во последните децении. Затоа што се е во стилот „ако сакаш некоја работа да не се заврши, формирај комисија“.
Снимките кои сега ги слушаме на Јутјуб преку италијански весник, Јавното обвинителство ги поседува најрано од мај годинава. Тоа се повеќе од три месеци во кои освен улогата на двајца осомничени, не е утврдено ништо друго. Или барем не знаеме за такво нешто. Оставено е на јавноста да суди и пресудува во атмосфера на линч, додека политичката клима се вжештува до фаза кога може да прерасне во инферно кое ќе направи пепел од евро-атлантските аспирации на земјата. Дури и повиците на претседателот Пендаровски за забрзување на истрагата и одговорност, надмено се оценуваат како „политичко мешање“ и „дискредитирање на обвинители“.
Заев е пред голема одлука. Ќе ги менува тактиката или играчите, или наместо од клупата, следниот „натпревар“ ќе го коментира од троседот во дневната соба. Ако сака да игра отворено и транспарентно, како што постојано тврди, начинот тоа да се стори не е преку евтини дисквалификации. Најпрво треба да расчисти сам со себе, а потоа и со оние кои ги блокираат процесите.