1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкото „не“ лошо за економските односи со Македонија

Катерина Блажевска6 јули 2015

Ако Грците гласаа 'за', ќе се вратеше Самарас. Со Ципрас можеби ќе се најде компромисно решение, а се докажа дека со Самарас тоа е невоможна мисија“, вели поранешниот премиер, Владо Бучковски

https://p.dw.com/p/1FtC7
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Кога во Грција има „земјотрес“, потресот се чувствува во регионот, но најмногу во Македонија, пред сѐ, поради нерешениот проблем меѓу двете земји- спорот за името. Во време на растечката должничка криза на Грција, иако во Македонија се очекуваат исклучиво економски импликации од тамошната состојба, не се исклучени ни политичките. Македонски политичари и економисти, анализираат како грчкото референдумско „не“ кон кредиторите, може да се одрази во Македонија.

Универзитетскиот професор по економија, Зоран Ивановски, смета дека целта на грчката влада била со референдумот да покаже дека има доверба кај гласачите контра планот на тројката и резултатите од него ќе ги користи во натамошните преговори. Тоа го потврди и грчкиот премиер, кој уште синоќа најави дека ќе седне на преговарачка маса со европските кредитори за да се најде решение за ликвидноста на банките и грчкиот долг.

„Досегашната политика на рестрикции и штедење не само што се преслика врз стандардот и социјалната положба на грчките граѓани, туку резултираше и со драматичен пад на БДП и зголемена стапка на невработеност. Иако грчката влада одрекува, ако нема договор со кредиторите, јасно е дека резултатите од референдумот ќе бидат кристени како поддршка за повторно враќање на драхмата, што во такви услови, можеби ќе биде единствено решение за Грција. Без договор, грчките банки ќе бидат 'осудени' на банкрот, и оттука произлегува таа порака - дека ако нема договор, драхмата е алтернатива. Но, очекувам дека тројката ќе прифати дел од референдумската порака на грчкиот народ и дека ќе биде договорен нов пакет, за да се овозможи полесно сервисирање на огромниот грчки долг“, прогнозира Ивановски.

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во однос на можните импликации од грчката криза врз Македонија, тој укажува на првите реални опасности.

„Клучно прашање е опстанокот на грчките банки. Ако банкротираат банките - мајки, според законот, во рок од две до три години треба да се продадат и банките - ќерки. Ако се влошува состојбата во Грција, не само банките, туку а продажба многу брзо може да бидат ставени и други грчки инвестиции во Македонија. Тоа се првите конкретни опасности“, вели Ивановски.

Подобро Ципрас, отколку Самарас!

Но, не се и единствените. Поранешниот премиер Владо Бучковски смета дека влошувањето на состојби во Грција ќе има импликации на економските односи со Македонија на поширок план.

„Во првиот квартал од оваа година имаме извоз од 55 милиони американски долари, а увоз во висина од 150 милиони американски долари. 'Стопанска' и 'Алфа' се ќерки на грчки банки. Најголемата инвестиција во инфраструктурата , автопатот Демир Капија - Смоквица го изведува грчки 'Актор', а десетици илјади Македонци секоја година одат на летување во Грција. Проблемите со Грција допрва следат. Фантастично висок е долгот од 339 милјарди евра“, вели Бучковски.

За разлика од импликации во економските односи, Бучковски смета дека во политичките односи состојбата е многу поповолна.

Griechenland Regierungsbildung Samaras Tsipras
Фотографија: Reuters

„Резултатите од грчкиот референдум ги зацврстија позициите на Ципрас. Тој сега има психолошка предност во идните преговори со тројката. Не верувам дека Грција ќе биде отстранета од еврозоната, бидејќи тоа би бил преризичен потег за европските десничари, кои го потценија ултралевичарот Ципрас. Во однос на евентуални политички импликации, по охрабрувачката посета на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, и мерките за градење доверба, околу разликите за нашето уставно име, не очекувам посериозни потешкотии. Ќе беше поинаку ако Грците гласаа 'за'. Tогаш ќе си заминеше Ципрас и ќе се вратеше најверојатно Самарас. Сметам дека со Ципрас можеби ќе се најде компромисно решение, а се докажа дека со Самарас тоа е невоможна мисија!“, вели Бучковски.

Но, Андонис Самарас не е 'минато' само за Македонија. Лидерот на опозиската Нова демократија, по решителното „не“ на грчкиот народ против европските мерки, синоќа поднесе оставка на партиска функција. Тој побара од премиерот Ципрас во рок од 48 часа да донесе договор за грчкиот народ со цел да се смири општеството и да се стави крај на штетите на грчката економија.

Нема валутни промени преку ноќ

Засега никој не може да го предвиди натамошниот развој на состојбите во Грција, бидејќи се можни повеќе сценарија. Ако Грција излезе од еврозоната, тоа може да има влијание на трговската размена меѓу Македонија и јужниот сосед, но ако го задржи еврото, и покрај проблемите, трговијата би требало да се одвива со сегашната динамика, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори Митко Алексов.

„Евентуално излегување на Грција од еврозоната и промена на валутата не е едноставно работа. При една таква промена за очекување е новата национална валута на Грција да претрпи девалвација од 45, па според некои предвидувања до 85 проценти. При таква валутна промена, предвидувањата се дека грчкиот БДП ќе падне за 10 проценти, тоа исто така е сериозен економски удар врз земјата, меѓутоа вакви валутни промени не се случуваат преку ноќ“, укажува Алексов.

До развојот на какво било сценарио, први што ќе ги почувствуваат ефектите од растечката грчка криза, се македонските туристи во Грција. Големите синџири на супермаркети и прехранбената индустрија во Грција се загрижени дека снабдувањето на пазарот со храна ќе биде отежнато. Проблеми ќе има во снабдувањето со свежо месо и млечни производи, бидејќи нивната побарувачката на пазарот главно се покрива со увезена стока. Резерви од домашно производство има за уште неколку дена, а не можат да „позајмат“ од залихите на задругите од островите, бидејќи и таму количините се мали. Во првите денови по најавата на референдумот, прометот на супермаркетите пораснал за 35 отсто, бидејќи Грците почнале да создаваат „домашни резеврви“ од храна со подолг на рок на траење - тестенини, ориз и грав, па сега и овие производи ги снемува од рафтовите.

Помали се стравувањата за снабдување со гориво, бидејќи дестинациите на кои најчесто одат македонските граѓани се доволно блиску за да можат да стигнат и да се вратат со еден наполнет резервоар со гориво.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема