1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Европската агенција за лекови ја тестира „Спутник V“

БГ /РТР
4 март 2021

Европската агенција за лекови започна со испитување на руската вакцина против коронавирусот, повеќе месеци откако таа беше одобрено во Русија. Бројот на новозаразени опасно расте во повеќе земји.

https://p.dw.com/p/3qCLo
Coronavirus Bosnien | Impfkampagne
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Европската агенција за лекови (ЕМА) во забрзана постапка ќе ја испитува делотворноста на руската вакцина Спутник V, врз основа на резултати од досегашните лабораториски испитувања и истражувања.

Руските власти соопштија дека се подготвени да испорачаат 50 милиони вакцини до јуни годинава, доколку Спутник V биде одобрена од ЕМА.

И покрај првичната скепса поради избрзаната промоција на вакцината во Русија, пред завршувањето на третата фаза од испитувањата, вакцината досега се покажа безбедна и ефективна. Според студија објавена во журналот Лансет, Спутник V има околу 91% ефикасност во спречување на развој на тешка болест од коронавирусот.

Од ЕМА не соопштуваат на кој датум експертите ќе расправаат за вакцината, но забрзаниот процес на испитување значи дека тоа ќе оди во експедитивна постапка.

Критично во повеќе земји

Владите ширум светот се во трка со времето да обезбедат забрзана вакцинација на граѓаните поради новиот бран на коронавирусот предизвикан од нови мутации.

Владата во Унгарија денеска најави нови рестриктивни мерки и затворање на сите продавници, со исклучок на маркетите за храна и апотеките, поради брзото ширење на Ковид-19.

Чешка се соочува со огромен број на новозаразени, а многу болници веќе не можат да примаат пациенти.

„Состојбата во нашите болници е навистина критична. Мораме да ги искористиме сите резерви за да спасиме животи“, изјави министерот за здравство Јан Блатни. Германија, Полска и Швајцарија понудија да го преземат лечењето на пациенти од Чешка. Слична е состојбата и во соседна Словачка.

Грција во средата го продолжи карантинот до 16 март и ангажираше дополнителни ресурси од приватните болници откако го достигна највисокиот број на новозаразени во еден ден годинава.

„Се наоѓаме во најтешкиот период од пандемијата“, рече министерот за здравство Василис Кикилиас.

На другата страна на светот, во Бразил, веќе втор ден по ред се евидентирани рекорден број на починати од Ковид-19. Вкупно во земјата досега од вирусот починаа над 259.000 луѓе.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема