ЕУ-самит за побрза вакцинација и ковид-пасоши
25 февруари 2021Пред четири недели шефовите на држави или влади последен пат имаа теле-конференција. Тогаш на дневен ред беа стратегијата за вакцинирање, сузбивањето на мутациите, ограничувањата за патување и пасош за вакцинирани. На денешната видео конференција повторно ќе се дебатира за истите теми.
„Нашата борба против Ковид-19 продолжува”, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во пресрет на самитот. „Врвен приоритет мора да има забрзувањето на вакцинирањето” предупреди тој.
Европската комисија предложи да се здружат производствените капацитети на производителите на вакцини и подобро да се вмрежат нивните оддели за истражување и развој. Процесот на издавање одобренија за вакцините би можел да се забрза преку воведување „итни одобренија” со пократки постапки за контрола во цела ЕУ, вели еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес. Но, за да се случи тоа мора сите 27 земји членки да бидат согласни да го поделат ризикот од одговорноста и со неа поврзани евентуални побарувања. Комисијата сака да го забрза и развојот на вакцини адаптирани на мутираните варијанти кои во рок од неколку недели по развојот би требало веќе да се пласираат на пазарот, бидејќи за нив би отпаднале комплицираните процеси на одобрување. И за тоа е потребна согласноста од членките да ја понесат таквата одговорност.
Да се даде поттик на кампањата за вакцинација
Во споредба со самитот пред четири недели, вакцинациите во земјите членки на ЕУ полека земаат замав. Во моментов околу шест проценти од 450 милиони население во ЕУ ја добиле првата доза од вакцината. Количината на испорачани дози сега значително ќе се зголеми, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен во пресрет на видео конференцијата, и покрај неодамнешните вести дека АстраЗенека нема да може да ги исполни договорените количини. АстраЗенека сака да ги испорача 180-те милиони вакцини во вториот квартал, но само половина од нив и де факто да ги произведе во ЕУ, појасни портпаролка на компанијата. Фон дер Лајен изјави дека спорот со АстраЗенека околу договорот за испорака на вакцини е затворен.
Повеќе на темата:
Вакцинација: ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите
Војна за вакцината на АстраЗенека
Претседателите на држави или влади треба да го разгледаат прашањето дали стратегијата треба да биде сменета во насока на тоа прво да се потроши сиот расположлив арсенал на вакцини за првите дози. Рокот за втората доза би можел да биде развлечен за да се опфатат што е можно повеќе луѓе со првата доза. Таков принцип применуваат Велика Британија и Израел. Во ЕУ засега се водат според препораките на производителите и на Европската агенција за лекови ЕМА, според кои втората доза треба да се прими во рок од неколку недели.
Европската Комисија го критикува затворањето на границите
На критиките од изминативе недели од земјите членки, за централната набавка на вакцини преку Европската комисија, претседателката на Европската комисија Урсула фон Дер Лајен сега одговара исто со критика за одредени земји членки. Напад е најдобра одбрана. Комисијата обвини шест земји членки дека го нарушуваат функционирањето на внатрешниот пазар со несоодветно затворање на внатрешните граници поради пандемијата. Меѓу шесте земји е и Германија која ја затвори границата кон Чешка и Тирол во Австрија, за да се заштити од ширење на вирусот од овие области во кои има висока стапка на заразени. Еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес со една реченица ја критикуваше оваа тактика која ја применуваат и Данска, Шведска, Финска, Унгарија и Белгија: „Гранични премини не може да го запрат вирусот“.
Повеќе на темата:
Кавга околу контролите на внатрешните граници во ЕУ
Затворањето граници не е решение за коронавирусот
Пред четири недели шефовите на држави и влади ветија дека по можност внатрешните граници ќе останат отворени. Германската влада ги отфрла критиките за „де факто“ затворање на границите. „Ние се придржуваме до законите на ЕУ,“ рече министерот за Европа, Михаел Рот. Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел предлага на самитот повторно да се разговара за пропорционалноста на граничните контроли.
Критика од Европскиот парламент
Шефот на најголемата пратеничка група во Европскиот парламент, Манфред Вебер (ЦСУ) ги критикуваше земјите членки дека биле премногу нерешителни. Според него тие потфрлиле во заедничката заштита на надворешните граници на ЕУ, на пример со тоа што нема унифицирани правила за летовите од Латинска Америка со цел Европа да се заштити од влез на мутираните варијанти на вирусот, оцени шефот на фракцијата. Вебер воопшто не го одобрува затворањето на внатрешните граници во Унијата.
Во суштина мерките кои ги преземаа одредени земји членки за да го спречат ширењето на вирусот се различни, како што е различен и бројот на заразени. Во моментов Чешка е на прво место според бројот на заразени од корона, а од друга страна, делови од Финска и Грција се класифицирани како „зелени“ што значи со многу ниско ниво на заразени. Во дел од земјите продавниците се со клуч на врата, во дел повторно се отворени или пак никогаш не биле затворени. Во едни земји има полициски час, додека други одбиваат ваква мерка. Различни се и стратегиите како да се излезе од локдаунот. Холандија ги отвори продавниците и културните центри и покрај растот на бројот на заразени, додека во Германија поради истата причина остануваат затворени. Белгија веројатно ќе остане затворена до мај, додека Грција се подготвува за новата туристичка сезона и повторно заживување на туризмот.
Корона-пасоши за вакцинирани?
Шефовите на држави и влади ќе зборуваат и за велигденскиот распуст и летните одмори, бидејќи дел од земјите од југот чија економија е многу зависна од туризмот сакаат повторно да ги отворат вратите за туристи во земјата. Грција жестоко се залага за идејата за ковид-пасош за вакцинирани што може да им гарантира сигурен влез на туристите. Ова наскоро може да биде случај за израелските и британските граѓани кои се вакцинирани. Слично размислуваат и Шпанија, Португалија и Италија. Од дипломатски кругови од Брисел се вели дека и покрај интензивната дебата, земјите членки на ЕУ до сега не успеаја да се договорат за униформиран европски ковид-пасош за вакцинирани.
Повеќе на темата:
Коронавирус: Лидерите на ЕУ не се договорија за ковид-пасоши
Ресорниот еврокомесар Марош Шефкович во вторникот зборуваше дека дел од земјите се уште имаат „задршки во однос на етичките аспекти и заштита на податоци.“ Други пак сакаат да ги почекаат првите научни студии за ефикасноста на заштитата од вакцините. Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за „Стандард“ се изјасни за воведување ваков пасош.
Шефот на христијанскодемократската фракција во Европскиот парламент, Манфред Вебер пак критикуваше дека земјите членки реагираат премногу споро. Десетици илјади Европејци се вакцинираат секој ден. Според Вебер би било бирократски кошмар во одреден момент ретроактивно да им се издаваат вакви пасоши на оние кои се вакцинирале пред недели или месеци. Меѓународната асоцијација на авиокомпании (ИАТА) дејствува побрзо од ЕУ. Најави дека од крајот на март за патниците ќе воведе електронски ковид-пасош за вакцинирани и електронски запис за Ковид/19 тест.